Искористените маски се редовен „декор“ на градските улици


Фото: Б. Грданоски

Искористен маски и ракавици станаа редовен „декор“ на градските улици во Скопје, а состојбата не е ништо поразлична ни низ другите места во државата.

Маските се задолжителни во затворено, значи при посета на маркети, банки, шалтери и други објекти, но по излегувањето, оние за еднократна употреба треба да се фрлат.

Маските и ракавиците, кои до пред корона кризата ги користеа само медицински лица, се одлагаат како потенцијално опасен отпад во специјални кутии, а ѓубрето во нив има и специјален третман на депонијата.

Сега, откако маските станаа задолжителен елемен за секој човек, кон нив се однесуваме токму така, кој како сака.

Во парковите, по патеките, околу продавниците, на тротоар, околу кантите за џебен отпад, во влезовите од зградите, на скалите, секојдневно среќаваме фрлени маски, а поретко и ракавици.

Нашиот фотограф, Борис Грданоски, со една мала прошетка во центарот на Скопје, забележа несоодветно фрлени маски на повеќе места. Не сите се од оние за еднократна употреба. Има и од платно кои може да се перат и повторно да се носат.

Фото: Б. Грданоски

Дека ќе стигнеме до ваква ситуација свесни беа од невладината организација „Флорозон“, па уште во август, поставија 40-тина специјални канти за маски и ракавици, најчесто пред маркети во Скопје, а најавија дека акцијата ќе ја спроведат и во Тетово, Куманово, Струга и Кичево. Оваа активност беше спроведена во соработка со синџир маркети и со јавното претпријатие „Комунална хигиена“.

Специјалните канти се црвени, а на горната страна место капак имаат дупка во која може да се пропуштат износените маски и ракавици. На самите канти има налепници за што се наменети, за овој отпад да не се меша со останатиот. Кантите ги празнат вработените во маркетите, кои беа обучени за тоа. Специјални кеси има во секоја канта за да се знае дека се работи за потенцијално контаминиран отпад, а потоа тие кеси ги преземаат вработените од ЈП „Комунална хигиена.“

Ваква канта има пред „Тинекс“ во Карпош, но пред „Сити мол“ на пример не се забележуваат карактеристичните црвени канти.

Фото: Б. Грданоски

Невладината, со државен, грант успеа да постави 40-тина канти за маски во Скопје, што за град како Скопје се знае дека е премалку. Сепак, секој маркет или банка можат една од обичните канти да ја претворат во специјализирана канта за маски и ракавици.

Препораката е маската да се стави во кесичка и дури тогаш да се фрли, за оние кои ќе ги чистат садовите за отпадоци да не дојдат до контакт со нив и потенцијално да се заразат.

Но, ако се погледнат фотографиите од скопските улици, јасно е дека маски се расфрлаат наоколу, а нема начин тие да се третираат како медицински отпад. Дополнително што маските можат да бидат разнесени наоколу и од животни, како бездомните кучиња и мачки, но и од птиците.

Ако од следната недела се спроведе препораката на Комисијата за заштита од заразни болести, маски да се носат и на отворено, јасно е дека ќе има уште повеќе маски кои ќе треба да се одложат правилно.(Б.Б.)