Искористени субвенциите за велосипеди од Центар, продолжува повикот за субвенции за тротинети


Општина Центар информира дека, за неполн месец откако е најавен проектот „Цел Центар на две тркала“, 175 жители на општината веќе аплицирале и ги искористиле субвенциите за купување на велосипед. Со тоа, квотата за субвенционирање на велосипеди е веќе исполнета, но остануваат средства за субвенционирање на електрични тротинети.
Условите за субвенционирање се следни: секој полнолетен жител на Општина Центар кој ќе купи електричен тротинет може да достави барање за поврат на средства (субвенции) во висина од 30 отсто од вредноста на тротинетот, но не повеќе од 3.000 денари. Потребни документи за аплицирање се: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и оригиналната фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купениот тротинет, а правото на субвенција е еднократно.
Барањата за субвенции за тротинети, заедно со комплетната документација се доставуваат во архивата на Општина Центар – Скопје, барака бр.6, по што подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето, а во предвид ќе бидат земени сите сметки направени по 30 мај.
Инаку, проектот „Цел Центар на две тркала“ има за цел промоција на физичките, спортските и рекретивни активности, но и грижа за животната средина преку стимулирање на граѓаните што повеќе да користат велосипеди и тротинети како алтернативен транспорт. Тоа значително ќе придонесе кон намалување на сообраќајниот метеж во градот, намалување на загадувањето и заштитата на животната средина.
За сите дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 3203-600.