Исказот на Кичеец се нуди на продажба, Обвинителството го бара „кртот“


Исказот на второосомничениот во случајот „Рекет“, Игор Милески – Кичеец кој Обвинителството не им го дава да го видат другите осомничени, Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева и нивната одбрана, се нудел на продажба, откриваат извори вклучени во истрагата.

Непознат човек од бројот со префиск 079 на мобилниот оператор „Лајка“, пред неколку дена му се јавил на адвокатот на еден од осомничените и му го понудил исказот на Кичеец да го продаде за пари. Адвокатто ведша се јавил кај Обвинителката која го води случајот „Рекет“, Вилма Русковска, за да пријави дека исказите на осомничените се нудат по телефон.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврдуваат дека ваков случај е пријавен и дека пријавата е распределена на надлежен обвинител.

Обвинителството сега ќе ги прегледува камерите за да види кој влегувал и излегувал од Обвинителството, односно од просториите каде се чуваат исказите.

Ова не е прв пат да протекуваат информации од истрагата за случајот „Рекет“. Пред извесно време во медиумите излезе и првата страна од исказот на сведокот кој го пријави рекетот, осомничениот бизнисмен, Орце Камчев. Од Обвинителството велат дека исказот не протекол од кај нив, од Кривичниот суд одговорноста ја префрлаат во Обвинитлеството, но кој изнел информации од истрагата не е утврдено и нема никаква одговорност.

Истрагата за „Рекет“ е завршена и во тек е увид во доказите во случајот. Засега во овој случај има само тројца осомничени, Бојан Јовановски-Боки 13, Кичеец и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева. (Ф.Ф.С.)