Иселување – вест е дека некој се вратил


Кога на продавница ќе видите закачен лист на кој пишува дека се бара продавачка, првата асоцијација е дека претходната си заминала на работа во странство. Што не мора да биде точно. Но, кога вашите пријатели доктори ќе ви најават дека интензивно го учат германскиот јазик затоа што планираат иднина во Германија, потоа дека култни кафеани се пред затворање затоа што не можеле да најдат готвач за „нормална“ плата под 1.000 евра, јасно е дека емигрирањето како современа чума сè повеќе се шири. Стана вест дека наша докторка се враќа од Кувајт за да работи во Македонија. А листата на ептен подобни професии за заминување е долга и таму има почнувајќи од ИТ-експерти, преку сите инженерски профили, сè до занаетчии и возачи. И додека политичките партии се препукуваат кој бил виновен за заминувањето на младите и старите, четвртина Македонија се раштрка по светот, а во земјава недостигот на работници е сè поголем.

Во последниот извештај на ЕК пишува: „во последните 5 години работната сила се намали за речиси 1 процент, главно поради високата миграција“. И тоа предизвикува сериозен проблем зашто јазот помеѓу квалификациите на лицата што завршуваат образование и оние што се бараат од страна на претпријатијата го ограничува потенцијалниот раст и се влошува поради големата миграција на висококвалификувана работна сила“, констатира Европската комисија барајќи статистиките за миграција дополнително да се прошират.

Затоа што колку сме во земјава, а колку надвор, никој не знае. Државниот завод за статистика има податоци по години, што ги добива од МВР, според тоа колкумина сами се пријавиле дека си заминуваат од Македонија.

Според Глобалниот портал за миграциски податоци на ИОМ – 534,7 илјади државјани на Македонија се водат како емигранти. Бројката на лица што планираат да се иселат за постојано од земјата, во следните 12 месеци, според истражувањето на „Галуп“, од 2015 година била проценета на 5 отсто.

Вакви проценки има куп, но ниту една не успеа да ги размрда надлежните да направат зафати барем да се доближиме до решенијата на другите земји. Како на пример до Хрватска, каде што излегува годишен податок за иселени лица, врз основа на Закон за престојувалиште.

Треба да се води регистар на иселени, вели демографот Дончо Герасимовски.

„Евиденцијата на иселените е отворен проблем на институциите. Освен регистар, треба да има министер во Владата за популациона политика. И трето, со оглед на времето, потребите и намалувањето на населението, треба да се направи стратегија, со конкретни мерки приспособени на условите“, укажува Герасимовски, според кого, покрај социјалата, економијата и несигурноста, и лошите политики на напредување во кариерата се силни причини за заминување.

Тој посочува дека претходната влада донесла две стратегии, кои завршуваат до 2020, но иако за нив се потрошени многу пари, ефекти нема.

„Не е мерка да давате пари за склучување бракови. Или да му дадете на младо лице 10.000 евра за да се врати во село. Затоа велам дека ни треба министерство за популациона политика. Во Србија, откако ја согледаа демографската слика, формираа посебно тело, на чие чело е претседателот на државата, кое презема мерки и активности за надминување на состојбите со иселувањето. Кај нас во институциите на системот, освен нешто Министерството за труд, во однос на демографска слика нема друга институција што се занимава со тоа. Да, има министер за дијаспора, но не знам што работи. Амбасадите не водат сметка колку наши иселеници има во земјите. Порано имаше еден амбасадор што ги евидентираше нашите граѓани што престојуваа во таа земја. И други примери нема“, објаснува Герасимовски барајќи поголема насоченост кон проблемот, зашто последиците се катастрофални.

Зашто, иако сè уште имаме позитивен тренд на природно движење на население, односно сè уште повеќе се раѓаат отколку што умираат, за неколку години таа ситуација ќе се промени.

„Врз демографската ситуација влијае природното движење на населението, но и иселувањето. Изминативе 10-ина години расте бројот на општините и регионите со негативен природен прираст. Кај нас, од 8 региони во државата, во 5 имаме негативен природен прираст. Или 47 општини имаат негативен природен прираст, што е околу 60 отсто од општините. Се појавува демографска катастрофа во некои општини. Во Источниот Регион, од 11 општини, сите се во негатива. Исто и во Пелагонискиот Регион. Многу е лоша демографската слика во Прилеп и Битола, иако не можеме да ги споредиме со Могила и Новаци, или Демир Хисар и Крушево, кои се веќе иселени. Во три региони имаме позитивен прираст“, посочува Герасимовски.

Вели, незнаењето на бројката на иселени ги доведува во прашање сите податоци што се поврзани со овој показател.

„Како може да се знае колку е БДП по жител во Македонија, ако не се знае колку жители има?“, прашува тој.

Лани за 22 проценти повеќе апликанти за германска работна виза

Од германската амбасада во Македонија официјално велат дека во 2018 година обработиле 10.578 барања за работни визи, што е пораст од 22 проценти во споредба со 2017 година.

Германскиот амбасадор Томас Герберих на крајот на минатата година кажа дека дневно добиваат по 70 до 80 апликации за работна виза и дека околу 100.000 Македонци живеат во Германија.

(Податоци од хрватската амбасада во Македонија)

 

Министерство за труд: Се бориме со мерки атрактивни за младите

И од Министерството за труд и социјална политика велат дека за ефикасно и трајно решавање на овој проблем е потребна не само работа на поединечни институции туку интерсекторска соработка и вклучување на сите општествени чинители.

„Мерките од Оперативниот план за вработување, кој за 2019 година изнесува рекордни 1,1 милијарда денари и е трипати поголем од 2014 година, се изработуваа во соработка со работодавците, со цел да се усогласат со реалните потреби на пазарот на трудот. Целта на овој пристап е намалување на младинската невработеност и крајно подигнување на стандардот, односно овозможување решение за најгорливите проблеми заради кои често се иселуваат нашите млади. Република Северна Македонија е единствената земја која не е членка на ЕУ, а ја има воведено ‘Гаранцијата за млади’. Оваа мерка е дел од европските носечки иницијативи и има за цел да им обезбеди на младите лица во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување на Република Северна Македонија квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука, или практикантство. Во изминатата година во ‘Гаранција за млади’ беа вклучени 5.266 лица (2.694 жени), од кои 1.839 лица или 35% се вработија во период од 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица во Агенцијата. Годинава, исто како и лани, ‘Младинската гаранција’ е достапна во Североисточниот, Југозападниот и Полошки регион кои се најпогодени со невработеност на младите“, посочуваат од МТСП.

Лани Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот бил реализиран со 95 проценти, биле опфатени 6.374 лица, од 53 отсто млади до 29 години. Исто така, 54 проценти се жени. Со програмата за самовработување, сопствен бизнис отвориле 1.191 лица, а со мерката субвенционирање на плати се вработиле 759 лица.

„Преку мерката вработување и раст на правни субјекти беа вработени 347 лица. Една од најбараните беше програмата ‘Практиканство’, во која се вклучија 1.263 невработени лица до 34-годишна возраст. Со Законот за практикантство ќе се премости периодот од образование кон вработување. Исто така, имајќи предвид дека речиси половина од младите лица се неформално вработени (48,1 отсто), МТСП креираше Стратегија за справување со неформалната економија 2018-2022 година. Со сет мерки ќе се настојува да се намали стапката на неформална вработеност и кај младите лица. Истовремено, се работи и на проблемот со подвработеност. Речиси 28 отсто од младите лица работат на работни места за кои се потребни квалификации несоодветни за степенот на формално образование односно младите со повисоки квалификации работат на места за кои се потребни квалификации со стекнато средно образование и се пониско платени. Со цел младите да се задржат во земјата и да се стекната со знаења за професии кои се високо платени, МТСП настојува да креира мерки што се атрактивни на пазарот на трудот, како што се обуки за напредни ИТ-вештини, обуки за побарувани занимања и занаети на пазарот на трудот и слично“, велат од МТСП.

Според статистичките податоци, невработеноста на младите од 15 до 24 години во 3. квартал од 2018 година изнесува 45,8 проценти.

Анита Салтировска