Иселениците лани во Албанија дозначиле 834 милиони евра, најмногу од 2008 година


Новиот имиграциски бран се огледа во парите што новите имигранти им ги испраќаат на семејствата, кои ги оставиле во Албанија, наведува весникот „Монитор“.

– Според статистиката на платниот биланс на Централна банка на Албанија, депозитите на имигрантите за 2022 година достигнале 834 милиони евра, што е зголемување за 9,6 отсто споредено со минатата година и се на највисоко ниво 2008 година кога депозитите биле на идентично ниво од 834 милиони евра, се наведува во анализата на Банката.

Според кварталите, најголема вредност на дознаките е постигната во третиот и четвртиот квартал, односно со 216 и 242 милиони евра, период кога традиционално има поголем прилив од имигранти поради летните одмори, а потоа и крајот на годината, новогодишните и божикните празници.

Дознаки на имигрантите забележуваат нов циклус на раст, што главно се должи на новиот бран на имиграција во изминатата деценија.

– Се чини дека овој циклус го достигна врвот во првата деценија од новиот милениум, бидејќи имигрантите кои заминаа во 90-тите години од минатиот век изградија живот надвор од земјата и постепено ги загубија врските со своите семејства во Албанија. Но, особено по 2013 година, започна нов циклус на имиграција, во кој сè повеќе се вклучени образовани млади луѓе, кои ја користат потребата од специјализирана работна сила во земјите на ЕУ, особено во Германија, наведува „Монитор“.

Според процентите на Инстутутот за статистика, Албанија има дијаспора од приближно 1,7 милиони жители, од кои речиси еден милион се во западноевропските земји.