Исчистено околу контејнерите во Дебар Маало и во Буњаковец


Општина Центар изутринава започна со интензивна акција за миење и чистење на просторот околу контејнерите во населбите Буњаковец и Дебар Маало, со цел подобрување на јавната хигиена и овозможување почиста и поздрава средина за центарци.

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека чистите улици не се прашање само на изглед, туки и на здравје и квалитет на живот, а приоритет на општината е да биде место кадешто хигиената и редот се видливи на секој чекор.

„Секојдневно вложуваме напори да создадеме уредна и хигиенска средина во која граѓаните ќе се чувствуваат пријатно и безбедно. По завршување на чистењето на самите контејнери, општинските служби спроведуваат дополнителни активности за миење на површините околу нив, со што се спречува ширење на непријатни миризби и се намалува ризикот од појава на нечистотии и зараза. На овој начин обезбедуваме поголема хигиена на јавните простори и го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните. Нашата цел е Центар да биде пример за чиста и уредена општина, бидејќи секој граѓанин заслужува да живее во здраво и уредено опкружување. Преку овие активности го подигнуваме како нивото на јавната хигиена, така и свеста кај граѓаните“, вели Герасимовски.

Акцијата продолжува и во текот на утрешниот ден во други две населби во Центар.