Исчистени две диви депонии во Чаир


Во текот на неделава, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстраниле две обемни диви депонии лоцирани во скопската општина Чаир.

Активностите се одвиваа долж булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) каде што се подигнати и транспортирани околу 15 кубни метри претежно мешан комунален отпад, како и на улицата Рамиз Садик каде што се отстранети приближно 10 кубни метри отпад од картонска амбалажа одложен на јавни и сообраќајни површини.

ЈП Комунална хигиена-Скопје укажува дека секое одлагање отпад надвор од наменски поставените садови претставува кршење на Законот за јавна чистота и директно ги загрозува јавното здравје и животната околина.