Исчистена депонијата зад СЦ „Борис Трајковски“, таму ќе никне парк
Екипи на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ на Град Скопје денеска го чистеа отпадот во депонијата покрај Вардар, зад спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде пред извесно време изби пожар, што ги алармираше градските власти да преземат нешто.
Денеска на терен излегоа градоначалниците на Град Скопје и Општина Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев, кои предупредија дека повеќе нема да се толерира фрлањето отпад на необележани локации.
-Се расчистува депонијата која повеќе децении се трупаше покрај Вардар. Овој дел во минатото беше цел на палење, а со овој начин никогаш нема да се трупа со шут и ѓубре. Апелирам и предупредувам дека секое палење на несоодветни места ќе биде строго казнето. Немаме намера ние постојано да чистиме – рече градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.
Првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов, рече дека депонијата постои во 1963 година и дека била сериозна закана за животната средна.
-Оваа депонија е создавана од земјотресот во 1963-та и беше директно загадување на воздухот. Ќе работиме ова место никогаш веќе да не го загадува градот. Очекувам во иднина, дека ова место ќе биде убаво за граѓаните, каде ќе можат да уживаат. Очигледно е дека кај некои од граѓаните не поминуваат само апелите. Депонијата Вардариште е направено од градот, а ги решаваме проблемите еден по еден. Вардариште има огромен капацитет на ѓубре, очекувам по изборите, дека дел од тоа ѓубре ќе се согорува веќе. Вардариште не е наивен проблем – рече Шилегов.
– Денеска го почнуваме чистењето на оваа депонија, после што ќе следува покривање на површината. На ова место ќе подигнеме парк на површина од над 90.000 квадратни метри (над девет хектари) кој ќе го наречеме Градски парк 2 – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој додаде дека новиот парк ќе биде подигнат со донации од општествено одговорни компании при што трошоците на Град Скопје и на Општина Карпош за подигнување на овој парк би биле незначителни во однос на неговата реална вредност.
Овој парк е лоциран во делот од градот кој е уреден со регулацискиот план за градската четврт „З 04“ кој беше усвоен минатата година од Советот на Град Скопје. Согласно со потребите на граѓаните, со регулацискиот план предвидените 4,03 хектари површина за парковско и заштитно зеленило во оваа четврт, се зголемени на 11,51 хектар. Просторот за домување кој е предвиден во ГУП на Град Скопје за оваа градска четврт со вкупна површина од 10,97 хектари со овој регулациски план е намален на 3,13 хектари. Во планот се предвидени 3,36 хектари за инфраструктура, како и 6,34 хектари за секундарни улици. За прв пат е додадена и можност за основно училиште и градинка.
– Град Скопје продолжува да ги следи потребите на граѓаните, а особено внимание посветува на зголемување на зелените површини имајќи предвид дека на градот му недостига зеленило како важен фактор кој влијае на намалување на загадувањето на амбиентниот воздух – нагласи Шилегов.