Исчистен напуштен објект кај „Р. Ј. Корчагин“ диво населен
Во заедничка акција инспекторите за животна средина на Општина Центар, хигиеничарите од ПОЦ и Министерството за внатрешни работи исчистија и заградија напуштен објект кој пред извесен период бил диво населен и претворен во дива депонија и кој претставуваше извор на зарази. Објектот се наоѓа во непосредна близина на гимназијата „Р.Ј Корчагин“.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните да ги пријавуваат вака запуштените објекти.
„Овде затекнавме мини депонија која навистина негативно влијае не само на здравјето на околината туку и на здравјето на самите граѓани кои диво се населиле. Нашата цел како општина е да ги исчистиме и обезбедиме сите слични објекти и поради заштита на здравјето на граѓаните кои живеат во нивна околина и поради безбедносни причини. За таа цел ги повикувам сите жители на Центар да ги пријавуваат ваквите запуштени места со цел да ги исчистиме, обезбедиме и затвориме од повторно насилно вселување“, потенцира Герасимовски.
Општина Центар е решена да воведе ред во напуштените објекти и сите сопственици кои имаат вакви објекти ќе бидат задолжени истите да ги одржуваат, безбедноста на граѓаните и одржувањето на јавната хигиена во општината е на прво место.