Ирската кинематографија на „Киненова“
Во присуство на амбасадорот на Ирска за Романија, Северна Македонија и Молдавија, Пол МекГери, евроамбасадорот Дејвид Гир, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, амбасадорот на Шведска Матс Стафансон, бројни претставници на дипломатскиот кор и љубители на филмската уметност, синоќа во Кинотека, меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ во рамките на својата редовна програма за прв пат ја претстави современата ирска кинематографија во Северна Македонија.
-Овој настан е многу значаен за нас бидејќи претставува прво претставување на ирската кинематографија во Македонија. Овој проект го подготвувавме подолго време со амбасадата на Ирска во Букурешт, која е надлежна за Романија, Македонија и Молдавија и сега сакам да им се заблагодарам за несебичната помош и поддршка што ни ја дадоа. Вечерва го отвораме овој фестивал на ирскиот филм со, по многу нешта особениот филм „Привлечен ѓавол“ на ирскиот режисер Џон Батлер, а во следните денови на телевизија 24 ќе се емитуваат останатите филмови – „Во предна линија“, „Каубои и анѓели“ и моќниот документарен филм „Глад“ каде наратор е познатиот актер Лијам Нисон. Досега Ирска ја препознаваме по зелените полиња, културата, традицијата ирското виски и поп-музиката, но од вечерва ќе уживаме и во современата ирска кинематографија, истакна Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“ во својот поздравен говор.
Фестивалот за отворен го прогласи амбасадорот на Ирска, Пол МекГери.
-Се радувам што помалите земји преку сопствената кинематографија имаат можност да ја пренесат својата порака низ светот. Особено сум горд што и ирските филмаџии ја имаат оваа можност и благодарен сум што филмскиот фестивал „Киненова“ ни ја даде оваа прилика. Му благодарам и на Ирскиот филмски институт, бидејќи кога ги разгледувавме филмовите што ќе ги видите во оваа програма, би рекол дека имаше мошне силна селекција, но јас би го издвоил документарниот филм „Глад“ кој зборува за гладот во Ирска-вистинит настан од периодот на 1845-1850 година. Тоа за нас претставува еден многу значеан историски момент кој говори за промената на историјата на Ирска. Филмот укажува и на тоа колку на една земја и треба добра влада. Доколку една земја нема добра влада, народот треба да преземе нешто за да го промени тоа, рече тој.
Историјата, како што посочи амбасадорот МекГери е важна, таа се менува, но филмовите кои ги избравме за вас не говорат само за историјата, туку и за модерни проблеми, урбаниот живот, промени…
-Секое општество се соочува со предизвици, па така и Ирска има проблем со невработеност, миграции, а сето тоа произлегува од потрагата на луѓето за подобар живот некаде надвор. Оваа појава е присутна во повеќе држави, општествата постојано се менуваат и во прилог на ова би го споделил со вас податокот дека 60 отсто од Ирците не се раѓаат во Ирска. Филмовите постојано ги рефлектираат промените во светот, па така и преку современата ирска кинематографија ќе забележите дека Ирска станува се поотворено општество, па од конзервативна држава, таа сега е отворена кон геј правата и има одобрено истополови бракови, истакна амбасадорот МекГери, кој потенцираше дека „главен архитект“, фактор што ја променил Ирска е Европската унија и дека со пристапот во ЕУ се промениле многу работи во земјата.