ИРЛ: Нефи Усеини додека се крие си отворил фирма


Охридскиот советник, бизнисмен и бегалец од правдата Нефи Усеини го проширува бизнисот. Тој е во бегство, но тоа не го спречи да си отвори нова фирма во Битола за производство на градежни материјали. Фирмата Бетон 2020 Н&О ДОО Битола е партнерска заедно со битолчанецот Оливер Тиловски, а Нефи Усеини е нејзин управител.

Денес е шестиот ден како полицијата не може да го лоцира Усеини за кого е определена мерка притвор и е во бегство. За овој случај полицијата и охридското обвинителство ги гонат Нефи Усеини и неговиот брат за две кривични дела, насилство и недозволено држење на оружје откако од безбедносните камери на местото на настанот е снимен инцидентот. Потрагата по Усеини продолжува и покрај пишаната амнестирачка изјава од неговата жртва Спирко Топалоски кој ја смени првичната изјава и сега тврди дека само се скарале со советникот и не видел пиштол. По барање на судот, обвинителството му определи притвор од осум дена, но наместо да биде во ќелија тој си отвори нова фирма.

Инаку 42- годишниот Усеини е советник на ДУИ во општината Охрид и истовремено бизнисмен кој гради и поседува дивоградби во градот и околината и кои досега не се урнати, освен бетонската база на влезот во Охрид.

Нефи Усеини, открива ИРЛ, низ годините имал многу кривични пријави, но само една условна пресуда. Тој бил гонет за насилство, тешки кражби, предизвикување општа опасност, фалсификување патни исправи, загорзување на безбедност, но не одлежал ниту еден ден затвор.