Ирина Тошева слави 10 години на дизајнерската сцена: Јас сум за модна револуција


Со нова модна колекција и краток документарен филм Ирина Тошева ќе одбележи 10 години од постоењето на нејзиниот моден бренд.

Останувајќи верна на својот моден етос, Тошева подлабоко се насочува кон културната одржливост, поминувајќи половина година во неуморно истражување, негување и афирмирање на културниот идентитет на „последните номади“ во Македонија. Инспирирана од овој социјално-културолошки феномен, користејќи го својот моден јазик, дизајнерката умешно преведе одредени елементи од нивната облека во моден контекст, препознатлив за брендот и нејзината работа.

Турски Културен центар „Јунус Емре“ – Скопје го препознава искрениот импулс на Тошева да ги идентификува и чествува изворните и оригинални елементи на оваа култура, па со задоволство ја поддржува нејзината работа во овој контекст. Кабиентот на претседателот, во рамки на своите заложби за поддршка на иновативни програми, го отстапува просторот за одржување на овој настан.

Тошева, десет години на македонската модна сцена, а веќе е  етаблирана со своите ангажирани колекции и модни приказни кои воодушевуваат со оригиналноста. Го најде својот моден пат меѓу потрошувачите, но и организациите и институциите кои знаат да препознаат добра модна идеја, но и успешна реализација.Како член на македонскиот огранок на светското глобално движење „Модна револуција“ (Fashion Revolution) ја подига свеста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо „брзите“ модни парчиња кои навидум ги купуваме евтино, а понекогаш ги употребуваме и само еднаш.

Има завршено „Академија италијана“ во Скопје и мастер на истата академија во Фиренца, Италија. Пред неколку години беше актуелна како ментор на серијата работилници за одржлив дизајн од текстилен отпад, соработка на Модниот викенд – Скопје и Британскиот совет.

Во претходно интервју за „Независен“ Тошева одговори за своите професионални и приватни предизвици.

 

 

Зошто не замина во странство? Со твоите идеи најверојатно ќе успееше?

– Заминав, научив, се вратив. Тоа искуство веќе осма година го пренесувам преку своите модни приказни и студентите на кои им предавам. Сопствен моден бренд најдобро се гради дома, а се продава надвор.

 

Кои се твоите клиенти и фанови? Што се очекува од твоите креации?

– Низ годините се профилирав како дизајнерка во чии креации може да се препознаат сите, независно од возраста или, пак, животниот стил што го негуваат. Создавам мода која не говори повеќе од личноста, туку е тивок медиум што ја надополнува. Моето ателје е креативно збиралиште на моќни и смели индивидуи, кои знаат што сакаат, гласно ги кажуваат своите ставови и размислувања и ме инспирираат во секој поглед.

На кој светски дизајнер му се восхитуваш?

– Не би можела да издвојам фаворит, но се восхитувам на „новата генерација“ дизајнери како Марин Сер.

Дали сметаш дека модата е преценета или потценета?

– Модата кај нас, за жал, е сведена на облека за свечености и прослави. Голем дел од купувачите не знаат што е масовно производство, а што уникатно парче и која е разликата меѓу дизајнер и шнајдер. Ни фали модна едукација.

Која е Ирина приватно?

– Девојката со шарени јакни и патики, која сака да ги удоми сите бездомни кутриња во земјава, (гратис) да ги гушне сите огорчени луѓе и да го обои сивилово во кое живееме. 

Л. Сабит