Ирина Тошева и Никола Ефтимов раскажуваат „модни приказни“


Во услови на недостаток на стручна литература по моден дизајн на македонски јазик ниту понов медиум кој би информирал, едуцирал и би ја доближил модата до сите, модните дизајнери и едукатори Ирина Тошева и Никола Ефтимов, го започнаа проектот „Модни приказни“.  

Едукативните авторски текстови и кратките фасцинантни модни факти се интерпретирани од тимот на Самоглас, првата платформа за аудио книги кај нас. Дел од приказните веќе се достапни за слушање на Спотифај и веб сајтот на дизајнерката, а секој понеделник ќе бидат додавани нови.

„За време на карантинот (март-јуни 2020) и слободното време пред себе започнав мал проект на социјалните мрежи, споделувајќи интересни модни факти под името #learnsomethingneweveryday (учи нешто ново секој ден). Реакциите беа одлични, имаше многу позитивни коментари и доза на изненадување како всушност сѐ е поврзано. Меѓу нив често имаше и луѓе кои никогаш не би ги сметала за модни вљубеници. Целиот овој процес ме поттикна да започнам и поголемо истражување, разговарам со неколку колеги и еминентни професори и дизајнери во нашата земја и заклучам дека не постои соодветна модна литература во земјава, ниту понов формат на медиум кој би информирал, едуцирал и би ја доближил модата поблизу до сите. Така се роди идејата за проектот „Модни приказни“- изјави Тошева.

 „Како академско поле на студирање, модниот дизајн се базира на знаења од различни дисциплини, како историјата на костимите и историјата на модата, дизајнерската методологија, илустрацијата, техниките на изведба и технологијата на производство, бизнис аспектот на модата итн, кои понатаму имаат своја апликација во праксата. Серијата стручни текстови, создадени според потесните дисциплини на интерес, се осмислени како воведни предавања и обид за осветлување на одредени феномени, кои и понатаму се релевантни за модното современие“- изјави Ефтимов.

Модата е многу повеќе од убаво и стилско парче облека. Сите геополитички, економски и социјални проблеми низ историјата, јасно се покажале и низ модна призма. Модата претставува вибрантна форма на визуелната и материјална култура кои имаат огромна улога во општествениот живот.

Идејата е „Модни приказни“ да прерасне во платформа каде што секој моден истражувач, едукатор и дизајнер ќе може да го сподели своето знаење преку авторски текст, а отворена е и за слушателите сами да предложуваат теми и прашуваат.

Проектот е дел од поддржаните проекти од Национален интерес за 2021 година од Министерство за култура.

 

Podcast embed code:

 <iframe src=”https://anchor.fm/irina-tosheva/embed” height=”102px” width=”400px” frameborder=”0″ scrolling=”no”></iframe>