Ирина Тошева дизајнираше колекција со моќна порака: Обои го умот


Дизајнерката Ирина Тошева ја претстави летната колекција „Eunoia“ преку артистички едиторијал со моќна порака.

Во година, кога гласно се зборува за важноста на менталното здравје, есенцијалната улога на уметноста во емоционална благосостојба на секоја индивидуа е инспирацијата за летната колекција.

Новата модна приказна на дизајнерката е обоена во пастелни нијанси, лесни и плисирани материјали и лелеави кроеви, оживеана во сликарско атеље од моделот Фјола Брестовци, пред објективот на Александра Костадиновска.

„Креативниот процес на создавање уметнички дела ја подобрува физичката, ментална и емоционалната благосостојба, независно на возраста. Со создавање уметност врз основа на сопствените чувства, мисли, идеи и фантазии, наместо фокусирање на уметничките вештини може да се прејде преку најразлични емоции како трауми, страв, анксиозност, стрес, бес. Затоа, земи ја четката и обои го „умот“ – изјави Тошева.

Колекцијата од вчера е достапна во ателјето на дизајнерката.

Тошева, која е позната во модната јавност со ангажираните колекции ја имаше честа, да ги презентира колекциите од текстилен отпад, на 8 млади дизајнери, под нејзино менторство, и пред принцот Едвард, во мај, при неговата дводневна посета на Македонија.

Колекциите  лани беа дел од проектот #Sustainablestorymk, во рамки на Моден-викенд-Скопје, со подршка од Британскиот совет во Македонија. (Л.С.)