Италијанската компанија „ИРД Инжинеринг“ ќе врши надзор на изградбата на Коридор VIII и Коридор X-д


 

Јавното претпријатие за државни патишта информира дека  за надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d е избрана италијанската компанија „IRD Engineering“.

„По објавениот оглас за јавната набавка за надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-д на 15 септември 2022 година, и доставувањето на понудите кое беше до 17 октомври 2022 година, се одржа јавно отворање на понудите во Јавното претпријатие за државни патишта. На тендерот беа доставени три понуди и тоа од ‘Ingerop conseil et ingeniere’ која конкурираше со 1.106.040.600 денари, друштвото ‘IRD Engineering’ со понуда од 1.374.304.070 денари, како и ‘Хил интернационал’, со понуда од 1.533.721.722 денари. По отворањето на понудите, следуваше постапка за нивна евалуација, и по разгледувањето на документацијата и комплетноста на понудите во предвидениот рок се изврши изборот на најдобриот понуден квалитет и понудена цена“, се вели во соопштението од Јавното претпријатие.

„IRD Engineering“ е водечка италијанска инженерска консултантска компанија која нуди сеопфатни решенија ширум светот за широк спектар на инфраструктурни шеми. Таа е независна од која било градежна или индустриска група и обезбедува услуги за планирање, проектирање, надзор и техничка помош, покривајќи ги сите фази во текот на имплементацијата на проектот. Таа постои 21 година и досега има учествувано во проекти во 25 земји.

„Ingerop conseil et ingeniere“ е француска компанија, а „Хил интернационал“ грчка.

Како што информираат од Јавното претпријатие за државни патишта, во моментов тече рокот за жалби согласно со Законот за јавни набавки.