Иранските дронови станаа ноќна мора за украинската војска
Само во една бригада иранските беспилотни летала уништија две самоодни хаубици од 152 мм, две самоодни хаубици од 122 мм, како и две оклопни пешадиски возила БТР
Иранските беспилотни летала „Шахед-136“ доставени до Русија извршија неколку разорни напади врз украинските војници.
Во текот на изминатата недела, беспилотни летала „шахед“, преобоени во руски бои и ребрендирани како „Геран 2“, почнаа да се појавуваат над украинските оклопни и артилериски позиции во североисточниот регион Харков, изјави полковникот Родион Кулагин, командант на артилерија на 92. механизирана бригада на Украина, за „Волстрит џорнал“.
Само во оперативната област на неговата бригада, иранските беспилотни летала уништија две самоодни хаубици од 152 мм, две самоодни хаубици од 122 мм, како и две оклопни пешадиски возила БТР, рече тој.
Претходно, Русија со беспилотно летало ја погоди хаубицата М777 од 155 милиметри, испорачана од САД.
Досега, иранските беспилотни летала се чини дека главно беа распоредени во регионот на Харков, каде што 92. бригада и другите украински сили извршија голема офанзива овој месец.
Иранските беспилотни летала се релативно мали и летаат на многу мала височина, што им отежнува на украинските системи за воздушна одбрана да ги детектираат, рече полковникот Кулагин. Тој рече дека се надева оти САД и сојузниците би можеле да ѝ дадат на Украина понапредни технологии за антидронови или ќе се вклучат за да ја попречат испораката на ирански беспилотни летала во Русија.