Ирански воени објекти нападнати со дронови


 

Силни експлозии одекнаа во иранските воени објекти ноќта на 29 јануари. Локалните медиуми пишуваат за напади во најмалку пет провинции: Исфахан, Карај, Хамадан, Западен и Источен Азербејџан. Меѓу другото, пукано е и врз фабрика за производство на беспилотни летала, кои, според Соединетите Држави, ѝ се доставуваат на Русија за војната во Украина.

И покрај големиот број видеа со запалени згради во различни градови во земјата, иранското Министерство за одбрана потврди само напад на воена фабрика во Исфахан. Тие нагласија дека нападот со беспилотни летала бил „неуспешен“ и никој не бил повреден: еден дрон бил соборен од систем за воздушна одбрана, а уште два паднале во одбранбени стапици и експлодирале. Поради тоа оштетен е покривот на една од работилниците. Министерството за одбрана не прецизираше какви производи произведува фабриката и кој стои зад нападите.

„Џерусалим пост“ повикувајќи се на извори во западното разузнавање, известува дека нападот со беспилотно летало во Исфахан бил „феноменален успех“ – и не е оштетен само покривот на работилницата. Во исто време, весникот не дава детали и не прецизира кој стои зад нападот.

Според Британскиот кралски институт за заедничко истражување за одбрана (РУСИ), во близина на Исфахан се наоѓа Shahed Aviation Industries, која произведува беспилотни летала камикази „Шахед 131/136“. Во градот има и нуклеарни постројки. Во октомври Иран почна да гради нов нуклеарен истражувачки реактор од 10 мегавати во Исфахан.

Покрај тоа, иранската државна телевизија објави пожар во нафтена рафинерија во близина на Табриз на северозападот на земјата. Станува збор за експлозии во воздухопловната база во Дизфул и во градовите Хамадан и Рашт. Под оган беше и претпријатието за производство на моторно масло во Азаршахр во регионот Шахид Салими – таму експлодираа неколку цистерни со нафта. Уништено е складиште за муниција во Малард.

Според локалните жители, експлозии се случиле и во Техеран. Ирански борбени авиони беа подигнати над главниот град, наводно во врска со нападот врз владини згради и складишта за муниција.

Покрај тоа, силен земјотрес се случи во провинцијата Западен Азербејџан, како резултат на кој повеќе од 800 луѓе беа повредени, тројца загинаа, 124 се хоспитализирани. Некои медиуми тврдат дека земјотресот се случил по напад на беспилотно летало врз „тајна“ фабрика на границата на Иран и Азербејџан.

Сѐ уште никој не ја презел одговорноста за нападите. Медиумот „Ал Арабија“, повикувајќи се на неименувани извори, напиша дека нападите биле дел од израелската специјална операција како одговор на терористичките напади во Ерусалим, во кои загинаа седум лица. Меѓутоа, во Тел Авив за ова не беа дадени јавни изјави. Во исто време, Израел почна да ја зајакнува армијата и полицијата, како и да го поедностави системот за набавка на оружје.