Ирански хакери пратиле порака на албански пратеници: „Поблиску сме до вас одошто мислите“
Ирански хакери им ги парализираа компјутерите на албанските пратеници, па оставија порака: „Поблиску сме до вас одошто мислите“. Извори наведуваат дека администрацијата и пратениците од утрово немаат пристап до компјутерите и електронската пошта.По ова реагираше и Националната управа за сајбер безбедност.
„Денеска беше пријавен сајбер напад поврзан со електронската пошта на албанскиот парламент. Националната управа за сајбер безбедност формираше работна група за анализа на случајот, а тимови се на терен и спроведуваат техничка анализа, како и ги преземаат неопходните чекори во врска со оваа ситуација. Повеќе информации ќе бидат објавени по завршувањето на техничката проценка“, се наведува во одговорот на Собранието.
Во пораката објавена на веб-страницата на албанскиот парламент, хакерската група тврди дека во нејзини раце се наоѓаат сите разговори и преписки на, како што наведуваат, „корумпираните пратеници“ од изминатите неколку месеци.
„Ние сме многу поблиску до вас отколку што мислите. Дали навистина им дадовте засолниште на тие убијци на деца? Ќе се погрижиме овој срам да ве следи засекогаш“, стои во пораката објавена на насловната страница на парламентот.Во меѓувреме, попладнево веб-страницата на албанскиот парламент повторно функционира нормално.
Албанија во септември 2022 година ги прекина дипломатските односи со Иран, обвинувајќи го Техеран за масовен сајбер напад врз државните институции извршен во текот на летото истата година.На почетокот на месецов се појави и информација дека иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) разгледува можност за напад врз кампот на Народните муџахедини на Иран (МЕК) во Албанија.По овие тврдења реагираше портпаролот на организацијата, Шахријар Киа, кој ја отфрли можноста за напад врз Албанија, оценувајќи дека станува збор за пропаганда на иранскиот режим. Според него, дури и од технички аспект е невозможно ракети лансирани од Иран да стигнат до Албанија.
Во комплексот Ашраф-3, лоциран во селото Манза во близина на Драч, од 2013 година живеат повеќе од 3.000 припадници на МЕК.