Иран ветува дека ќе ги одржи меѓународните летови и покрај заканите од САД


Иран се обидува да ги одржи летовите кон меѓународните дестинации и покрај сеопфатните американски санкции кои се насочени кон авиосекторот на земјата, соопштија денеска иранските власти.

– Досега ниту еден од меѓународните летови со кои управуваат иранските авиокомпании не е откажан и летовите се одвиваат според распоредот – изјави за новинската агенција ИСНА Маџид Ахаван, портпарол на Иранската организација за цивилно воздухопловство.

– Патниците ќе бидат однапред информирани за какви било промени во распоредот на летовите – додаде тој.

Државниот превозник „Иран ер“ исто така соопшти дека нема добиено никакви инструкции од властите за цивилно воздухопловство во Турција, Ирак или Азербејџан со кои се бара суспендирање на летовите.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент вчера ги објави плановите за засилување на притисокот врз иранскиот авиосектор.

Бесент во интервју рече дека целта е од среда да се приземјат сите ирански авиокомпании ширум светот, заканувајќи се со исклучување на земјите од американскиот доларски систем доколку на превозниците им обезбедат гориво, земски услуги или овозможат продажба на билети.

– Како ќе го направиме тоа? Ако слетаат, не можете да им обезбедите гориво. Не можете да им обезбедите услуги за слетување, не можете да им продавате билети, или во спротивно ќе бидете исфрлени од доларскиот систем – рече Бесент за Си-Ен-Би-Си.

Вашингтон воведе сеопфатни нови санкции за иранскиот авиосектор пред две недели, насочени кон 27 авиокомпании. Странските компании и банки исто така се соочуваат со потенцијални последици доколку продолжат да работат со санкционираните превозници.

Меѓународните авиокомпании во најголем дел избегнуваат да летаат за Иран откако почна војната во Иран на крајот од февруари.