Иран се пофали дека развил хиперсонично оружје


Балистичката ракета наводно има способност да маневрира во и надвор од атмосферата, откри ирански командант.

Иран развил балистичка ракета способна да лета со хиперсонична брзина, изјави денеска воен офицер од оваа земја.

Системот е дизајниран за да уништува непријателски антиракетни одбрани и може да маневрира и во и надвор од атмосферата, нагласувајќи го неговиот долг дострел.

Оваа веста доаѓа од Амир Али Хаџизаде, командант на Воздухопловните сили на Корпусот на исламската револуционерна гарда. Ова го откри зборувајќи со новинари на комеморативниот настан посветен на неговиот претходник Хасан Техрани Мохадам, кој е заслужен за лансирањето на иранската програма за балистички ракети со долг дострел.

Хаџизаде напомена дека технологијата за пресретнување хиперсонични ракети тешко дека ќе биде развиена во наредните децении, но не понуди детали околу новиот систем на иранската војска.

Хиперсоничното оружје доаѓа во различни дизајни, но сите се способни да издржат екстремни услови летајќи низ атмосферата со брзини петпати поголеми од брзината на звукот. Само неколку држави како Русија, Кина и САД располагаат со напредна технологија која е потребна за изградба на вакво оружје.

Од децениската војна со Ирак во 80-тите години на минатиот век, Иран многу инвестираше во развивањето на ракети со голема способност. Техеран тврди дека арсеналот на оружја е за да спречи евентуална агресија од САД или од американските регионални сојузници, вклучувајќи ги Израел и Саудиска Арабија. Вашингтон воведе бројни еднострани санкции врз Иран, некои од нив директно поврзани со иранските ракетни проби.