Ирак бара прекин на американската воена мисија на неговата територија


Ирак сака брз и примерен начин на договорено заминување на воените сили предводени од САД од неговата територија, но крајниот рок не е одреден, изјави премиерот Шија ал Судани, оценувајќи го присуството на странски сили на ирачка територија како дестабилизирачки фактор, особено во контекст на војната во Газа и можното прелевање на конфликтот во регионот.

Шиитските муслимански фракции, од кои повеќето се поврзани со Иран, долго време повикуваат на заминување на коалициските сили предводени од САД, а тие повици станаа се погласни по серијата американски воздушни напади врз милитантните групи поддржани од Иран, но кои се дел од ирачките безбедносни сили.

Воздушните напади, кои следеа како одговор на десетици беспилотни и ракетни напади врз американските сили откако Израел започна воена операција во Газа, ја загрижија ирачката влада дека нејзината земја повторно би можела да стане сцена на регионален конфликт.

„Постои потреба од реорганизирање на нашите односи за да не биде повеќе цел или оправдување за која било страна, домашна или странска, злонамерно да си игра со стабилноста на Ирак и регионот“, рече Судани.

Додаде дека заминувањето на странските сили треба да се договори во духот на „разбирањето и дијалогот“.

„Да договориме временска рамка за заминување на коалициските сили што ќе биде брзо, за да не се одолговлечи и нападите да не продолжат да се случуваат“, рече шефот на ирачката влада.

Според него, само крајот на војната во Газа би го отфрлил ризикот од регионална ескалација.