ИОМ: Секој ден во маршрутите кон Европа загинуваат по најмалку петмина мигранти


Илустрација

Речиси 1.800 мигранти годинава ги загубија своите животи на патиштата за Европа или во рамките на Стариот континент, и покрај ограничувањата на границата поради пандемијата со Ковид-19, наведе Меѓународната организација за миграција (ИОМ), пренесе ДПА.

Бројката, што е еднаква на пет смртни случаи дневно, е пониска од минатогодишната бројка на смртни случиа на мигрантите во Европа од 2.200.

Глобалниот број на смртни случаи во сите миграциски токови од почетокот на јануари изнесува речиси 3.200, во споредба со 5.300 во целата минатата година, додафа германската агенција.

Портпаролот на ИОМ, меѓутоа, истакна дека и покрај целокупното намалување, некои миграциски маршрути за Европа и Јужна Америка, всушност, однеле повеќе животи отколку во претходните години.

-Најмалку 593 лица загинаа додека се обидуваа да го минат Средоземното море од Африка до шпанските Канарски острови, во споредба со 210 минатата година, изјави портпаролот на ИОМ, Пол Дилон, на прес-конференција во Женева.

„Постојат сериозни животно-загрозувачки празнини во следењето на овие маршрути“, додаде тој, повикувајќи ги владите да ги засилат операциите за пребарување и спасување на Медитеранот, пренесе ДПА.

Дилон предупреди дека намалувањето на глобалните смртни случаи не мора да значи дека бројките годинава навистина се опаднати, бидејќи пандемијата му отежнува на ИОМ да собира податоци и да ги следи миграциските маршрути.