ИОМ: Приближно три милиони мигранти не можат да се вратат дома поради Ковид-19


Затворените граници и воведените ограничувања поради пандемијата со новиот коронавирус го блокираа враќањето дома на околу три милиони мигранти ширум светот, објави денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Во извештајот на ИОМ опфатени се повеќе од сто држави. Извештајот се однесува само на мигрантите кои сакаат да се вратат, но не можат поради ограничувањата. Поголемиот број од нив се работници мигранти, морнари заробени на бродовите, рудари и градежни работници.

ИОМ истакнува дека дел од мигрантите се сместени во нехигиенски услови, каде е невозможно да се почитува физичката дистанца, додека други се злоставувани, искористувани или занемарувани.

Најпогодени се регионите на Блиски Исток и Северна Африка каде 1,28 милиони мигранти од вкупно 2,75 милиони имаат исти проблеми. Во Азија има речиси еден милион заглавени мигранти.

Во Обединети Арапски Емирати има 648.000 мигранти, од кои поголемиот број градежни работници од Источна Африка и од Азија, а во Саудиска Арабија нивниот број изнесува 280.000.

Други мигранти се заробени на празните крузери и често немаат пристап до палубата.

Во извештајот се наведува и дека е дозволено враќање на 3.400 рудари во Јужна Африка по медицинските проверки и договорот помеѓу ОАЕ и Индија за работниците мигранти.