ИОМ: Повеќе од 50 илјади мигранти загинале од 2014 година


 

Повеќе од 50 илјади мигранти загинале од 2014 година во несреќи додека се обидувале да стигнат до европските земји, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ).

Организацијата објави извештај за страдањата на мигрантите од 2014 година, од кога во рамки на проектот за исчезнати мигранти почна да се води евиденција за смртта на мигрантите.

Во извештајот се наведува дека повеќе од 50 илјади луѓе загинале во несреќи долж миграциските рути од 2014 година, со тоа што за 30 илјади од нив не може да се утврди националната припадност.

Наведено е дека девет ијлади загинати мигранти биле од Африка, 6.500 од Азија и три илјади од американските земји.

Според извештајот, повеќето од загинатите на мигрантската рута биле државјани на Авганистан, Сирија и Мјанмар.

Имено, 1.795 загинати мигранти се од Авганистан, 1.467 од Мјанмар и 1.118 лица од Сирија.

Во извештајот уште се посочува дека повеќе од половина од вкупниот број жртви се случиле на европските и медитеранските рути, а се проценува дека повеќе од 16 илјади мигранти исчезнале или загинале во европските води.

Џулија Блек, една од истражувачите кои го напишаа извештајот, рече дека илјадници луѓе умираат на миграциските рути секоја година.

„Се преземаат малку активности за да се решат или спречат таквите трагедии“, предупреди Блек.

Таа нагласи дека никој не заслужува да умре во потрага по подобар живот, независно причината што го натерала човека да ја напушти својата земја.