Инвеститорски ден на Берзата на 18 септември, граѓаните ќе тргуваат без провизија


По повод одбележувањето 25 години од основачкото собрание на Македонска берза АД Скопје, Берзата иницира одржување т.н. „Инвеститорски ден“ што ќе се одржи на 18-ти овој месец. Иницијативата, како што соопштуваат од Македонска берза, ја прифатија и во неа активно се вклучени Централниот депозитар за хартии од вредност и седум членки на Берзата и ЦДХВ, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.

Во рамки на „Инвеститорскиот ден“ тргувањето на Берзата сите домашни физички лица со акции на сите пазарни сегменти ќе може да го направат без трансакциски трошоци што ги наплатуваат овластените пазарни институции и учесници.

Од Берзата појаснуваат дека  на „Инвеститорскиот ден“ сите домашни физички лица ќе можат да купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива.

При тоа ќе треба да бидат исполнети следните услови: инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ системот, со посредство на некоја од подолу наведените членки на Берзата, износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои истиот ќе биде остварен, трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.

На 18 септември, сите домашни физички лица ќе можат да тргуваат со акции на Берзата, без плаќање на трансакциски трошоци, преку следните седум членки на Берзата: Инвестброкер, Комерцијална банка,  НЛБ Банка Скопје, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и  Шпаркасе Банка Македонија.

Иницијативата „Инвеститорски ден“ има за цел промовирање на уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонска берза, односно зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава.

Од Берзата најавуват дека се планира овој настан да стане традиција на македонскиот пазар на хартии од вредност и да продолжи да се организира редовно и во иднина.