Инвестицискиот план може да го смени економскиот пејзаж на Западен Балкан за четири години, вели Вархеји


Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во изјава по денешниот Самит за Западен Балкан во Софија истакна дека Економскиот и инвестициски план за регионот може да го смени економскиот пејзаж во регионот за четири до пет години, јави дописничката на МИА од Брисел.

Заедно со претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Вернер Хојер, тие ги поздравија и денешните заложби на балканските лидери за спроведување на Зелената агенда во регионот. ЕИБ веќе мобилизирала милијарда евра за справување со последиците од КОБИД-19, во рамки на финансискиот пакет за регионот од 1,7 милијарди евра, усвоен во мај.

Банката, како дел од планот на Европската комисија за Економскиот и инвестициски план на ЕК, се заложи да поддржи инвестиции во областа на поврзаноста, животната средина и дигиталната транзиција.

Еврокомесарот за проширување изрази увереност дека овој План може на среден рок да донесе суштински промени во регионот на економски план.

-Европската комисија одблиску ќе работи со меѓународните финансиски институции како ЕИБ за да се конкретизира Економскиот и инвестициски план во проекти, почнувајќи од приоритетните области. Планот е солиден темел врз кој можеме да ја изградиме нашата заедничка цел на создавање постабилен и попросперитетен Западен Балкан и да го забрзаме неговиот европски пат. Тој може да го смени економскиот пејзаж во регионот за 4 до 5 години, изјави Вархеји.

Хојер од своја страна порача дека ЕИБ е подготвена да ги поддржи финансиски и технички земјите од регионот за спроведување на Зелената агенда.

-Ова е многу навремена иницијатива како што се движиме кон пост-ковид закрепнување на економијата, изјави Хојер.