Инвестицијата на „Јагео“ носи строги безбедносни стандарди и современа технологија во ТИРЗ


Производствените гиганти кои го снабдуваат светскиот пазар со клучните компоненти од областа на електрониката не останаа имуни на економската криза, но полека ги надминуваат последиците.

Испораката на чипови, според еден од најголемите светски производители „Јагео”, се одвива со засилена динамика.

-Испораката кон клиентите се одвива редовно и без застој. Проблемот што го имавме е надминат и можам да кажам дека ги исполнуваме нашите обврски кон „Епл“, „Интел“ и останатите партнери од автомобилската индустрија, изјави Тери Тек од „Јагео”.

Тајванската „Јагео” која го проширува своето производство во Северна Македонија, важи за лидер во индустријата за електронски компоненти, со дури една третина од производството на чипови во светот.

Компанијата работи со најсовремена технологија и функционира под строги безбедносни услови.

Македонска делегација предводена од директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски вчера и денеска е во Каошунг, Тајван, во посета на три производствени капацитети на „Јагео”.

Завчера, на 18 април, Деспотовски го потпиша Договорот со „Јагео” за гринфилд инвестиција во земјава, вредна 205 милиони евра која треба да отвори околу 4.000 работни места. Изградбата на првата фабрика е планирано да почне во јули годинава, во ТИРЗ Скопје 1.