Инвестициите од ЕМОФ остануваат за студентите – подобри услови во домовите

Организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) 2025 претставуваше огромен предизвик, но во исто време и можност да се покаже што значи вистинска подготвеност, тимска работа и визија.
Една од клучните локации за реализација на фестивалот беше студентскиот дом „Гоце Делчев“ кој за време на фестивалот, функционираше како т.н. олимписко село. Токму таму беа сместени најголем дел од учесниците, а просторот седум дена пулсираше со позитивна енергија и младешки дух. Во студентскиот кампус функционираа фан-зони, секојдневно младите олимпијци се дружеа и забавуваа, што дополнително придонесе европските спортски таленти дома да заминат со впечатоци кои трајно ќе им останат во сеќавање.
Со цел да се создадат услови достојни за еден настан од европски ранг, преземени беа темелни интервенции и уредувања во домот, за кои беа вложени 150.000 евра, инвестиција која дојде директно од македонскиот олимписки комитет, која не само што овозможи достоинствен престој за учесниците, туку остави долгорочна вредност за студентите што тука престојуваат. Целосно беше климатизирана мензата со нови 4 сплит систем уреди за климатизација, а сите санитарни јазли, како во мензата, така и во четирите кули, беа реновирани и освежени. Влезовите добија нов слој боја и сите лифтови беа сервисирани. Дворот беше детално исчистен и хортикултурно уреден, а паркинг просторот од предната и задната страна на домот доби нов, уреден изглед.
Дополнително, сите соби беа опремени со вентилатори, како и со нови постелнина и пешкири. Во домот беше поставена и комплетна инфраструктура за рекламни банери, што дополнително го зајакна визуелниот идентитет на фестивалот. После преземените интервенции, се изврши генерално, темелно чистење на сите четири кули, а целосно се изврши и бојадисување на студентскиот дом „Стив Наумов“, каде беа поставени и нови завеси.
Според Александар Каровски, директор на ДСД „Скопје“, вложувањата во студентскиот дом во пресрет на ЕМОФ, гледано долгорочно, ќе се одразат позитивно на престојот на студентите.
„Подготовките за ЕМОФ за нас беа голем предизвик и поттик да се направат значајни подобрувања на условите во студентските домови, какви што немало во последниве неколку години. Иако имавме на располагање минимални средства, сепак со нивно прецизно вложување, можам да кажам дека сме горди што ги зајакнавме капацитетите и значително ги подобривме условите за престој во студентскиот дом ’Гоце Делчев‘. Особено ме радува што вложувањата што беа направени за потребите на фестивалот, ќе останат како трајна придобивка за студентите. Тие сега имаат подобрени услови за живеење, поголем комфор и достоинствен студентски стандард, благодарение на емоф“, вели Каровски.
Сето ова немаше да биде возможно без навремената координација и поддршка од Македонскиот олимписки комитет и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), кои целосно ги обезбедија финансиските средства за сите интервенции. Иако ваков обемен настан неминовно носи предизвици, успешната реализација на секој сегмент од фестивалот беше потврдена со позитивната оценка од Европскиот олимписки комитет, најголемиот доказ дека кога се работи искрено и посветено, резултатите се видливи и трајни.