„Интимност и интерконекција“ е годинешната тема на изложбата „Зимски салон“ на ДЛУМ
Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) и оваа година ја организира една од традиционално најзначајните групни изложби која претставува селекција на ликовна продукција на тема одредена од интернационален куратор на Зимски Салон. Годинава, темата е ,,Интимност и интерконекција” а годинашна кураторка е Oксана Карповец од Украина, која денес живее и работи во Париз,
Изложбата вечер се отвара во 20 часот во Националната галерија, во “Чифте Амам” .
Годинашната кураторка , на македонските уметници членови на ДЛУМ им предложи многу актуелна и провокативна тема која во себе содржи повеќе нивоа на конципирање со многуслојни асоцијации.
„Не е важно дали уметниците кои ја ре-креираат оваа интимност во својата артистичка/уметникова практика, зборуваат за апстрактна космолошка врска со сè во светот преку небото и ѕвездите под кои сите чекориме; за врската со природата, со земјата или со личната врска, со историските настани кои се запишани во нивните семејни истории; или пак едноставно го прикажуваат животот и практиките на нивните заедници и пренесувајќи глобално чувство на вознемиреност за иднината на човештвото и планетата“, вели Карповец.
„Во свет кој често се чувствува фрагментиран и поделен, „Зимскиот салон на ДЛУМ 2024“ стои како доказ за моќта на уметноста да ги премости празнините што не разделуваат и да создава врски што ги надминуваат границите. Тоа е вреднување на различноста, емпатијата и разбирањето – потсетник дека, под површината, сите сме поврзани со нишки на споделени емоции и искуства кои не обликуваат и исцртуваат како луѓе. Селектираните ликовните дела на оваа изложба со својата сензибилност и директност во уметничкиот израз ја предизвикуваат современата публика на себе-рефлексија, критичко мислење и сензитивна акција, потенцира во текстот за каталогот претседателката на уметничкиот совет на ДЛУМ проф.-д-р Маја Рауник Кирков.