Интервју со Зоран Заев: Рано е да се зборува за избори
Сега не гледам причина за лидерска средба, можеби понатаму ќе се јави потреба. Институциите делуваат сосема соодветно за справување со кризата, тоа го потврдуваат и граѓаните и релевантните меѓународни претставници. Навистина, не е важна политичката кариера на лидерот на опозицијата, важни се граѓаните. Прво здравје и живот, после политика, вели претседателот на СДСМ
Љупчо Поповски
Раководството на партијата ја поддржа иницијативата на пратениците на СДСМ за свикување на Собранието. Мотивот е чисто демократски, нема во него заднина, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за „Независен“. Тој вели дека е рано да се зборува за избори, затоа што државата е целосно посветена на борбата против корона вирусот. „Избори ќе се случат кога ќе ја победиме оваа криза и општеството ќе биде подготвено за тоа“, нагласува Заев. Тој не верува дека Бугарија ќе застане на патот на нашата интеграција во ЕУ, имајќи ја превид досегашната силна поддршка. Заев убедува дека пензиите и социјалните трансфери се целосно сигурни.
Иницијативата на 35 пратеници за свикување на распуштеното Собрание (од кои намногу има од СДСМ), крена многу врева до јавноста. Кој беше мотивот за ваквиот чекор? Дали Македонија може да си дозволи претседателот Стево Пендаровски сам да донесува одлуки за вонредна состојба без контрола од парламентот, а во меѓувреме ситуацијата со епидемијата да се подобрува?
Иницијативата дојде од пратеничката група на СДСМ, a раководството одлучи да ја поддржи. Имајќи ја предвид целокупната состојба, во овој момент сметаме дека е демократски, може да биде корисно и сигурно нема да влијае негативно, доколку Собранието се состане. Тоа е демократски порив и оттука мотивот е чисто демократски. Нема друго. Намерата на пратеничката група е да се направи уште еден обид да се одржи собраниска седница, согласно Уставот и Деловникот, секако. Во време на вонредна состојба добро е граѓаните да имаат уште еден механизам за контрола врз извршната власт, а најсоодветен орган за тоа секако е законодавниот дом. Исто така, демократски, здраво и корисно е да постои можноста Собранието да потврди одредени одлуки на претседателот. Тоа е така е во секоја демократија и затоа никој не треба да има страв ниту отпор кон идеите за состанување на Собранието, зашто секој глас против Собранието како демократски механизам отвора сомнежи за причините за тие противења.
По однос на справувањето со корона вирусот од страна на Владата за време на вонредната состојба, сметам дека институциите соодветно и навремено реагираа, презедоа мерки за заштита на здравјето на граѓаните и за санирање на економските последици. Мерките даваат резултат – да, на добар пат сме, но сѐ уште сме во борба со корона вирусот. Затоа апелирам да нема опуштање, да продолжиме одговорно да се однесуваме и верувам дека скоро ќе можеме да кажеме дека заедно сме успеале.
Опозицијата ве обвинува дека иницијативата била поднесена затоа што СДСМ сака брзи избори. Дали е тоа точно?
Рано е да се зборува за избори, навистина рано. Посветени сме целосно на борбата против пандемијата на корона вирусот и против последиците што таа ги остава врз здравството, врз економијата, образованието, социјалниот живот. Избори ќе се случат кога ќе ја победиме оваа криза и општеството ќе биде подготвено за тоа. Кога дошол тој момент ќе осетиме заедно со граѓаните и со стручните лица од здравствениот сектор.
СДСМ е фаворит на изборите кога и да се случат, сега тоа ѝ е јасно на целокупната јавност, особено после целосно исполнети стратешки приоритети, како членството во НАТО и одлуката за почеток на преговорите со ЕУ.
Ете, затоа се овие уплашени прозивки на опозицијата, овие обвинувања што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ. Факт е дека опозицијата многу неодговорно се однесува за време на целата криза, во време кога сите се бориме со невидливиот непријател тие не престануваат да ја плашат јавноста преку медиумите што ги контролираат, тераат политиканство, наместо да помогнат. Впрочем, тоа е однесувањето што може да го видиме во изминатите 2,5 години и тие 11 пред тоа. Тоа граѓаните го гледаат и многу добро го знаат. Оттаму стравот од изборно соочување.
Ние рековме дека со нивните партиски демагогии нема да се занимаваме, зашто секое време потрошено на политичките неуспеси на Мицкоски, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ е време кое треба да се употреби во заштита на населението од корона вирусот и во спас на работните места.
Но веќе почнаа да се споменуваат и можни датуми за одржување на изборите – на крајот од јуни или почетокот на јули. Реално ли е да се зборува за таква временска рамка ако во наредниот период Македонија ја стави под контрола епидемијата?
Како што реков, приоритет сега е здравјето на граѓаните и помошта на економијата, на работниците, на граѓаните, на фирмите. Досега, гледајќи го нашето, но и искуствата во други држави, научивме дека овој вирус е непредвидлив и никој со сигурност не може да гарантира кога човештвото ќе има целосна контрола врз него.
Мерките што ги преземеме како држава, како систем даваат резултат, но сѐ уште не сме го победиле невидливиот непријател. Кога ќе дојдеме до едни такви околности, тогаш и можноста за датум за избори треба да ја разгледуваме.
Гледаме дека во соседството, па и пошироко, во Србија и Хрватска се споменуваат можни избори ова лето. Но, да почекаме, најважно е здравјето на граѓаните. Ајде заеднички да го победиме невидливиот непријател, да ги заштитиме граѓаните, да спасиме што повеќе човечки живот, полека работите да ги донесеме во новата нормала, па да разговараме и за датумот за избори.
Нема причина за лидерска средба
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика претседателот Пендаровски да закаже лидерска средба за да се најде излез од правниот и политичкиот ќор-сокак. Пендаровски го најави нејзиното одржување за почетокот на мај. Може ли политичките лидери да го решаваат правниот проблем околу свикувањето на Собранието и дали тоа не би се претворило во политички волунтаризам.
Сега не гледам причина за лидерска средба, можеби понатаму ќе се јави потреба. Институциите делуваат сосема соодветно за справување со кризата, тоа го потврдуваат и граѓаните и релевантните меѓународни претставници. Навистина, не е важна политичката кариера на лидерот на опозицијата, важни се граѓаните. Затоа така и треба да се однесуваме. Прво здравје и живот, после политика.
„Изјавата“ на Бугарија закачена како одвоен став на едногласната одлука на министрите на ЕУ за почеток на преговори со Македонија крена голема врева во јавноста. Таа изјава се знаеше уште на 25 март кога беше донесени заклучоците. Зошто сега еден месец подоцна се актуелизира изјавата и дали Владата го криела тој документ, како што обвинува опозицијата?
Политиките на СДСМ, моите политики, градат мостови на пријателства и унапредување на односите. Тоа нѐ доведе до решавање на отворени прашања и да бидеме препознаени како модел за интеграција во регионот и во Европа за само 2,5 години. Таквиот државнички пристап ни обезбеди сигурна иднина, членство во НАТО и одлука за почеток на преговори со ЕУ. Ние така и ќе продолжиме, да бараме решенија преку меѓусебно почитување и разбирање, да продолжиме напред заедно.
Точно констатиравте, едностраната изјава е позната уште од месец март. Советот за општи работи на ЕУ на 24 март едногласно, заедно со соседна Република Бугарија, одлучи да ги отвори преговорите со нашата татковина, безусловно. Таа одлука едногласно беше потврдена и од Европскиот совет, од шефовите на влади и држави. Текстот на одлуката, на заклучокот на Советот во делот на Северна Македонија не содржи ниту еден услов. Впрочем, тоа е јавно достапен документ.
Треба да се прави разлика. Дури и Бугарија во изјавата јасно се повикува на „свое разбирање“, така што не станува збор за некакво условување на нашиот почеток на преговорите со ЕУ. Овие прашања секако не треба да ги игнорираме. Штом се отворат поглавјата ќе треба да се разговараат и решат до нашето членство во ЕУ. Во тој процес на располагање ни се механизмите утврдени во Договорот за пријателство и добрососедство и принципите на ЕУ.
Зошто сега се актуелизира оваа тема, најдобар одговор би дале тие кои ја актуелизираат, веројатно во отсуство на своја политичка понуда се обидуваат нешто да спечалат. Но, за жал, повторно се на погрешен пат, како и во изминатите 2,5 години кога не дадоа никаков придонес во значајни државни процеси за остварување на стратешките интереси, членството во НАТО и одлуката за преговори со ЕУ.
Нашиот јазик е македонски и останува македонски. Тоа е одамна познато, потврдено и со Договорот од Преспа, тоа е влезено во личната карта на нашата држава во Обединетите нации, тоа е во употреба во повеќе меѓународни организации. Договорот со Бугарија го склучивме и на македонски јазик, јас се потпишав на Договор чија содржина е напишана и на македонски јазик. Секако, јас сум убеден дека со нашите пријатели од Бугарија ќе најдеме начин да ја надминеме оваа ситуација и дека заедно ќе чекориме низ успесите и партнерствата.
Ве погодија ли лично овие инсистирања-закани на Софија како човек што го склучи договорот со Бугарија и во кој во последниот член пишува дека тој е потпишан на официјалните јазици според уставите на двете земји, македонскиот и бугарскиот? Очекувате ли дека Бугарија сега ќе стане главниот кочничар на европскиот пат на Македонија?
Добро знам што сум потпишал, на македонски јазик. Јас сум човек што ја сака својата земја и ќе направам сѐ за интересите на македонските граѓани, така што емоциите ги оставам на страна. Долги години имавме отворени прашања со Република Бугарија, но покажавме одговорност, прагамтичност и ги затворивме. Договорот за добрососедство е добра основа за градење на уште поблиски и посилни реалции меѓу двете држави и двата народа. Спроведувањето на Договорот подразбира и ангажман на историската комисија, процес кој е во тек, кој не е лесен, но процес кој е предизвик за да гарантираме дека историјата нема да го попречи патот на иднината. Не верувам дека Бугарија ќе застане на патот на нашата интеграција во ЕУ, особено имајќи ја превид досегашната силна поддршка. Убеден сум дека Бугарија ќе продолжи да биде наш силен поддржувач на патот кон целосна интеграција во Унијата и дека односите меѓу двете држави ќе се унапредуваат на секое поле. Сите отворени прашања ќе продолжиме да ги затвораме исклучиво преку дијалог, европски вредности и во духот на Договорот за добрососедство.
Изборните програми, не само на СДСМ, туку и на другите партии, особено нивниот економски дел, сега може да се стават во фиока. Дали партијата подготвува свој план за излез од рецесијата што следи?
Секојдневно, јас и економскиот тим во СДСМ анализираме, дискутираме за нови решенија кои значат помош и поддршка за полесно надминување на економските последици. Пред граѓаните и пред стопанството веќе излеговме со сериозни, реални, издржани економски мерки, со кои спасуваме 250.000 работни места и помагаме на 35 илјади фирми.
Овие мерки беа нужни за да пратиме јасна порака до граѓаните и фирмите дека никој нема да биде оставен сам, но и дека сега се бара секој да го реобмисли својот бизнис, својот ангажман и да даде личен придонес во создавањето на новата нормалност. Најбрзо ќе се кренат оние што најбрзо ќе се прилагодат на новите услови на живеење и работење, кога физичката дистанца и носењето заштита на лице и нос стануваат секојдневие. И ние така размислуваме и сметаме дека економијата може повторно да се стави во погон на еден нов начин.
Во изминатите 2,5 години СДСМ покажа дека можеме да преземеме сериозни економски чекори. Успеавме значително да ги зголемиме платите во сите сектори, целосно го реализиравме и концептот „Парите кај граѓаните“, а економијата од -1,8 отсто ја кренавме на +3,6 проценти. Што значи, дека економијата беше поставена на здрави и цврсти основи, што ни дава можност полесно да се справиме со последиците од оваа глобална економска криза и тоа ќе го сториме.
И сега, повторно сме храбри кога ја реобмислуваме економијата, согласно големиот шок што го предизвика здравствената криза. Реков, рано е да зборуваме за датум за избори, но сигурно е дека изборната програма ќе претрпи соодветни промени. Имаме јасна визија што да се направи за повторно да ја ставиме во погон македонската економија, за што ќе побараме ангажман и посветеност од секој граѓанин и од секоја компанија.
Пензиите и социјалните трансфери се целосно сигурни
Владата ги прифати речиси сите мерки кои вие ги предложивте кон крајот на март, освен намалувањето на платите на администрацијата. Еден месец подоцна, дали сметате дека овие мерки се вистинските? Дали сѐ уште сметате дека треба да се намалат платите на администрацијата и што е со пензиите, социјалната помош… дали тие се во сигурна зона?
Економските мерки што сега се во фаза на реализација очекувам значително да влијаат на амортизирање на првичните удари од кризата особено врз најпогодените сектори. Да се влијае и да се спасат 250.000 работни места, да им се помогне на граѓаните, на работниците, на 35 илјади фирми мислам дека вистинска и одговорна политика. Секако, очекувам Владата да стави на располагање и нови мерки, но мислам дека навреме се презедоа соодветни чекори. И тука ја гледам потребата од ангажман плус на секој поединец и секој менаџер, сите да се заинтересираат за мерките, да постават прашања до институциите ако нешто не е јасно, да дадат предлози, да побараат измена ако нешто е пропуштено – знаат граѓаните дека нашата Влада слуша и се поправа ако има потреба за тоа.
Во однос на кратењето на платите во јавниот сектор, останувам на ставот дека тоа треба да се случи. Сметам дека мора да има солидарност од сите, сите да понесеме дел од товарот, зашто кога маката е споделена, полесно можеме да се обединиме и да стигнеме до крајната цел.
Во однос на пензиите и социјалните трансфери, тие се целосно сигурни. Гледаат сите дека пензиите не само што се редовни, туку се исплаќаат и пред време, за нашите највозрасни сограѓани да можат навремено да ги платат давачките, навремено да се снабдат со сѐ што им е потребно. Исто е и со исплатата на социјалната помош, на детските додатоци и другите социјални трансфери. Создадовме систем кој се грижи за сите, особено за најранливите и тој ќе продолжи да функционира непречено.
Граѓаните може да бидат мирни, државата е тука за нив и таа ќе им помогне. Нема да биде лесно, но заедно ќе ги пребродиме и овие тешки моменти и ќе успееме.
ММФ предвидува пад на БДП од 4 отсто, еден од најмалите во регионот. Но, дома се чини песимизмот е поголем. Дали може да ни се случи „операцијата успешна, пациентот мртов“, односно земјава да излезе од здравствената криза, но на економски план да се соочи со пропаднати фирми, голема невработеност, поголема сиромаштија…? Како да се избегне таквото сценарио?
Сега е важно сите капацитети да се стават во функција на надминување на економските последици. Државата ги става сите капацитети во погон за спас на работните места, а наскоро ќе се очекува сите заедно, Владата, фирмите и граѓаните да го активираат погонот за економски рестарт.
Во тој процес сметаме на сите, на секоја институција, на секој граѓанин, на секое претпријатие, но и нашите пријатели во странство, во меѓународните финансиски институции. Со паметни, револуционерни и конкретни мерки ќе успееме брзо да ја надминеме оваа ситуација. Ако вирусот продолжи да биде под контрола како што е во моментов, убеден сум дека ќе ги спасиме работните места, ќе бидеме инвентивни да создадеме и нови работни места, а сиромаштијата ќе продолжиме да ја намалуваме.
Како фирмите што се во сопственост на семејството Заеви се справуваат со кризата? Дали ги задржаа вработените, дали се намалени платите?
Немам детален увид, но целата ситуација во која се наоѓаме, со сигурност негативно влијае на функционирањето на компаниите, вклучително и на оние во сопственост на членови на моето семејство. Знам дека и одговорните за компаниите од моето семејство се водат, пред сѐ, од солидарноста и знам дека засега сите компании ги имаат задржано своите вработени, исплатата на плата се одвива редовно, како и пред појавата на кризата. И во такви околности, тие компании се посветени на солидарноста и хуманитарноста, па затоа како и претходно и во овој период продолжуваат со донации кон семејства и поедници на кои помошта им е најпотребна. Ги поттикнувам да продолжат така и да го реобмислуваат начинот на функционирање согласно новонастанатите услови.
Денес е 27 април. Многу работи се случија од настаните во Собранието пред три години. Дали лузните на лицето се тие кои сега најмногу ве потсетуваат на моментите кога можевте да го изгубите животот и дали мислите дека македонското општество извлече поуки од таа крвава драма?
Поминаа точно три години од 27 април 2017. Знам дека многумина овој ден го паметат по насилство, страв и неизвесност за животот на пратеници, новинари и вработени во законодавниот дом. Знам дека тој ден на работ беа нашите животи, но и нашата земја.
Добро е да се потсетиме колку далеку ВМРО-ДПМНЕ може да оди во својот порив за власт и на што сѐ се подготвени. Лекциите ги научивме, да не беше така немаше денес да бидеме членка на НАТО. Сигурен сум дека македонските граѓани нема да дозволат да се повтори тој крвав 27 април.