Интервју со Весна Дамјаниќ: Блумберг Адрија е мултиплатформа за бизнисите од целиот регион

Нашите луѓе во Северна Македонија се искусни ТВ лица кои навистина значат, многу се упатени во случувањата во земјата, но и регионално и глобално, вели Весна Дамјаниќ, главен и одговорен уредник на Блумберг Адрија ТВ


Ќе се обраќаме на бизнис заедницата, но и на целата публика која сака да слушне зошто, значи не само да го види насловот. Нашиот аналитички тим ќе ја прави разликата од другите медиуми: Весна Дамјаниќ

 

Весна Дамјаниќ е познато ТВ лице, оние кои ги гледале програмите на Радио-телевизија Србија (РТС) ја знаат како исклучителен познавач на економските прилики, како новинар пред кого се отвориле многу познати личности. Во својата кариера има направено над сто емисии во живо и интервјуа со креаторите на економските и политичките текови во Србија и во регионот, но и со познати светски економисти и функционери. Известувала за важни настани каков што е Бизнис форумот во Давос, а има изработено и бројни емисии и репортажи за економските трендови во европските земји и САД. Сега е пред нов голем предизвик – како главен и одговорен уредник на „Блумберг Адрија ТВ“ (Bloomberg Adria TV), дел од регионалната платформа Блумберг Адрија, која наскоро ќе почне официјално со работа и која веќе предизвика бранување во медиумскиот простор во регионот, но и во Северна Македонија каде што исто така ќе биде достапна. За „Независен“, Дамјаниќ зборува за новините што со себе ги носи овој реномиран бренд, за пристапот кој ќе се негува при обработката на економските вести и анализи, но и за можноста преку Блумберг Адрија, регионалната економија и овдешните компании да бидат претставени и на поширок, глобален план.

 

Госпоѓо Дамјаниќ, кон крајот на минатата година беше најавена регионалната платформа Блумберг Адрија (Bloomberg Adria), која ќе ги покрива земјите од регионот, а во чии рамки е и Блумберг Адрија ТВ, каде што сте главен и одговорен уредник. Кога можеме да очекуваме да почне со работа оваа платформа и како ќе може да се следи? На социјалните мрежи беше објавено дека на 29 март ќе се одржи конференција, дали е тоа датумот кога почнувате со работа?

Иако ја одложивме конференцијата која беше планирана за 29 март, нашиот тим работи на подготовките на каналите на сите јазици. Лансирањето е закажано за вториот квартал оваа година. Паралелно со подготовката на конференцијата, се подготвуваат и тимовите кои ќе го водат и уредуваат нашиот диџитал, така што ќе имаме дигитална платформа, ќе имаме телевизија, ќе имаме конференции, четири големи годишни регионални конференции, плус месечни настани. Четвртиот столб или четвртата платформа на која ќе се претставиме е нашиот месечник што ќе излегува на крајот на секој месец, ќе биде единствен, но локализиран за секоја од петте земји. Ќе бидеме присутни во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, каде што ќе имаме редакции. Редакциите ќе бидат заеднички за дигиталната платформа, ќе има телевизија, а ќе имаме и аналитички тим и тоа е нешто што ќе ја прави разликата меѓу Блумберг Адрија од другите медиуми. Ќе имаме наши аналитичари за дневни и за стратешки анализи.

 

Блумберг е синоним за кредибилни деловни информации. Кон која публика ќе бидете насочени во регионот?

Пред сѐ, тоа е бизнис заедницата од нашиот регион, но не само бизнисот туку и сите оние кои навистина сакаат да слушнат информација повеќе, односно анализа, бидејќи нашиот потенцијал се токму аналитичарите. Ние сме тие што ќе даваат одговор зошто и што следува, практично за секоја вест што се однесува на економијата, но следствено, се разбира и на политиката. За нас е важно да објасниме и да дадеме анализа зошто нешто се случило и што следува, какви последици носи со себе. И да бидеме интегрирана платформа каде што нашата публика ќе ги добие тие одговори. Затоа во нашиот состав имаме наши аналитичари, а секако сме во тесна соработка и со сите новинари на Блумберг ширум светот. Значи, имаме два лоста кои ни се многу, многу важни. Знаеме кому му се обраќаме – стандардно, на бизнис заедницата, но и на целата публика која сака да слушне зошто, значи не само да го види насловот, туку и објаснувањето што има во тој наслов и што се менува.

 

Ќе бидеме присутни во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, каде што ќе имаме редакции, вели Дамјаниќ

 

Дали следењето на информациите ќе биде бесплатно или ќе има пакети за кои ќе биде потребна претплата?

Телевизиската содржина што ќе ја емитуваме ќе биде единствена за петте, односно шесте земји, што значи дека сите што ќе нѐ гледаат во Скопје ќе гледаат исто како и оние во Целје, Загреб, Сплит, Белград, Нови Сад, Сараево или во Бања Лука. Блумберг Адрија ТВ ќе биде достапна преку операторите и ќе биде дел од корисничкиот пакет. Она што е различно и е светски тренд, е нашата дигитална платформа, односно нашите сајтови каде што ќе има претплата. Секој наш корисник ќе има свое корисничко име и за да ја чита содржината, односно текстовите на порталот, ќе треба да плаќа месечна претплата.

Имаме три типа претплати, првата е „диџитал онли“, втората е „диџитал и ТВ“, што значи дека ќе бидеме достапни секаде како телевизија, не е важно дали имате телевизор, туку важно е да сте претплатник и ние практично ќе ве следиме, односно ќе може да гледате каде и да сте преку вашиот компјутер или апликацијата на вашиот телефон. Третата претплата на која сме посебно горди и која што ја практикува Bloomberg International е претплата за студенти, што значи дека ќе се обратиме на студентската популација со три пати пониски цени. Практично, со симболични цени за нив, бидејќи тоа е публиката од која очекуваме многу и која ќе биде и наша идна публика. На овој начин сакаме да им се приближиме и да им дадеме навистина квалитетни информации во однос на сите мејнстрим медиуми за да имаат место каде што ќе добијат една поширока слика.

Важно е да се каже дека за разлика од телевизијата која емитува единствена содржина, секој сајт, секој портал во секоја од земјите е локализиран, што значи дека се занимаваме со локални теми на локалниот јазик – во Северна Македонија е македонски, во Србија е српски, во Босна и Херцеговина е бошњачки, во Хрватска е хрватски и во Словенија е словенечки. Така, на локалната публика ѝ се обраќаме на локалниот јазик со локални теми, но погледот што го даваме е поширок: даваме поширока слика што ќе се добие за секоја од овие теми. Секако, ќе има заеднички теми, заеднички глобални теми, но важно е да се знае дека секој од претплатниците има свој сајт на кој може да ги добие сите информации од својата земја, од регионот и од светот. Значи, тоа се трите визури што ќе ги дадеме.

 

Знаеме дека пазарот на овие земји е релативно мал, кога се ќе се собере е помал од бруто домашниот производ и на Словачка. Дали ќе има доволно теми за покривање и дали можеби некоја од информациите што ќе ги обработувате ќе оди и во спротивна насока, кон Блумберг интернешенел?

Дваесет години ја следам економијата, со економијата сум практично од првиот ден на новинарството и дури сега, кога беше објавена веста дека преминувам во Блумберг, гледам каков е интересот на бизнис заедницата за таков медиум. Ова ми го пренесоа и колегите од другите земји, јас зборувам конкретно за Србија која е најголемиот пазар. Воопшто не стравувам дека ќе нема доволно теми, се плашам дека нема да можеме да ги обработиме сите до степен што го бараат стандардите за квалитет на Блумберг. Според мојата сегашна пресметка, бидејќи сега ја правиме „кошулката“ и телевизиската програма, дневно ќе ни бидат потребни по околу 15 до 17 соговорници. Но, ние имаме пет земји, поточно ја имаме и Црна Гора, која исто така ќе ја покриваме со вести до степен до кој тоа е релевантно. Така што, воопшто не се плашам дали ќе има доволно вести. Она што ни е приоритет е да ги следиме актуелните вести, ние сме „њуз ченел“ пред сѐ, а јас доаѓам од информативната програма каде што веста ми е приоритет. Но, со таа вест даваме и анализа. Така, ќе го отвораме денот со вести кои се актуелни, но секој ден или секое утро во секој наш центар ќе имаме наша тема или наши вести кои ќе ги пласираме тој ден во смисла дека е потребно да се внимава на тоа. Идејата ни е преку нас да се информираат другите медиуми, односно дека ние сме тие што го правиме тој „економски пат“, да ги трасираме вестите од економијата за секоја од земјите, односно регионално. Секако го следиме и Bloomberg International, ги следиме секој ден што прават, ги користиме темите што ги покриваат, според лиценцата имаме право да ги користиме нивните емисии и нивната содржина… Веќе работиме на нивно преведување, ги титлуваме, така што на нашата програма ќе имаме содржина и од Bloomberg International. Но, ова е сега можност да го претставиме и регионот на Bloomberg International затоа што досега не бил многу покриван, особено кога станува збор за видео и за интервјуа. Тие регионот го покриваа претежно на ниво на агенциски вести, бидејќи се разбира, „Блумберг“ и тука има дописници. Но, сега наша работа е да го претставиме регионот и секој ден ќе предлагаме најмалку две теми, односно двајца соговорници, две интервјуа кои се релевантни за регионот. Тоа е и еден од нашите адути, бидејќи нашите соговорници ќе ни се обраќаат затоа што знаат дека преку Bloomberg International ќе може да ги гледаат практично во цел свет.

 

Ова е можност да го претставиме и регионот на Bloomberg International. Секој ден ќе предлагаме најмалку две теми, односно двајца соговорници, две интервјуа кои се релевантни за регионот

 

Новинарите кои ја следат економијата често укажуваат дека транспарентноста на компаниите во регионот е голем проблем. Како ќе ја пробиете таа бариера?

 Досега, да бидам искрена, немав проблем со бариери, поточно ги немаше, бидејќи од почетокот на мојот професионален ангажман негувам објективен, непристрасен пристап. Моето новинарство, односно моите прашања се такви што прашувам сѐ, но на пристоен начин, не го ставам прстот во очи и затоа до сега не сум имала проблем соговорниците да ми дадат изјави кога има кризна состојба. Што се однесува до редовниот бизнис на компаниите би се согласила дека не оделе премногу кон медиумите, затоа што во нашиот регион отсекогаш се сметаше дека на стопанството или на некоја компанија треба да се внимава само кога има проблем, а кога велат дека направиле нешто добро, тоа го сметавме дека е пи-ар и дека не треба да се занимаваме со такво нешто. Напротив, сега ќе се занимаваме со двете. Блумберг Адрија ќе биде место каде што би сакала и каде што ќе се обидеме да ги натераме компаниите да ни се обратат и да ни даваат изјави и во добро и во лошо, односно да знаат дека ќе добијат објективен фер третман или новинарски пристап каде навистина сѐ ќе прашаме, но одмерено и објективно. Затоа што во интерес, и нивен и наш, е да имаме квалитетни соговорници. На компаниите, на бизнис заедницата им треба медиум каде што ќе кажат што направиле добро. Но, добро во смисла дека може да има поширок интерес. Она што сакаме е да известуваме за тоа што прави бизнис заедницата низ регионот, кои се новите трендови, кои се новите содржини, кои се промените, бидејќи сакаме да учат едни од други за да дадат добар пример затоа што сите сме упатени еден кон друг. Затоа и во називот е Блумберг Адрија, регион кој поврзува 20 милиони жители и пазари кои неминовно се насочени еден кон друг. Токму затоа сакаме да бидеме платформа каде со задоволство ќе одговараат на нашите повици и ќе ни се јават кога ќе имаат нешто да соопштат. Транспарентноста ќе се постигне со ваков објективен пристап и од мене и од целиот мој тим.

 

Телевизијата е важен дел на целата платформа. Дали ќе емитува програма нон-стоп, 24 часа, или ќе биде временски ограничена?

Телевизијата ќе емитува 24 часа, со тоа што во живо програмата ќе биде од седум наутро до 23 часот навечер, а во текот на ноќта ќе се репризира дневната програма. Ги поставуваме темелите да имаме силна утринска програма, силна вечерна програма затоа што знаеме дека нашата публика тогаш е пред телевизорите и има време да не гледа. Во текот на денот ќе бидеме присутни со емитување вести секој час, со актуелни вести со кои ќе ги информираме нашите гледачи на начин што им одговара да бидат постојано во тек, а секако тука е и интернет страницата достапна 24 часа дневно.

 

Неодамна беше објавен менаџерскиот, односно уредничкиот тим на Блумберг Адрија. До каде сте со новинарскиот дел од тимот, дали успеавте да најдете квалитетни новинари, особено економски, имајќи ги предвид стандардите на Блумберг?

Едно од моите најголеми изненадувања беше големиот интерес. Воопшто не објавивме конкурс, особено за телевизијата, но имаше голем интерес во сите пет земји. Се јавија претежно искусни, етаблирани новинари, автори, но таму каде што наидовме на предизвик е што тие не се првенствено од доменот на економијата. Сведоци сме дека има многу малку економски новинари, дека многу малку се оние кои долго време на тој начин се занимаваат со економијата, особено на телевизија. Како го решивме тоа? Моето клучно прашање за секој член на тимот, секако се подразбира и за новинарите, беше дали сакате да научите економија и економијата да биде 99 проценти од вашата работа? Бидејќи, од 7 март почнавме со обуки за сите наши тимови, ќе имаме онлајн предавања за сите пет центри, наши еминентни предавачи ќе бидат луѓе кои ќе нѐ воведат во светот на економијата на глобално и на регионално ниво, кои ќе нѐ потсетат на некои фундаментални економски значења, но ќе дадат и поширока слика, особено за тоа што се случува сега. Овие предавања, овие обуки ќе бидат постојани, затоа што сакаме да бидеме не само на исто ниво со нашите соговорници, туку и чекор понапред. Односно, сите луѓе што ќе ги гледате на екранот се наши уредници, тие се луѓе кои самите пишуваат прашања, самите поставуваат прашања и самите контактираат со своите гости. Значи, ја немаме таа форма на читачи на вести, туку имаме водители презентери и според тој критериум ги избравме нив, а тие нѐ избраа нас. Многу сум задоволна од тимот, станува збор за висококвалитетни новинари автори кои се навистина подготвени да ја направат таа разлика во медиумите. Свесно доаѓаат од медиуми со национална фреквенција во медиум кој нема национална фреквенција. Навистина, ќе се емитуваме на кабелска телевизија, но тие го препознаа квалитетот што го носи Блумберг, односно квалитетот на поинакво обраќање и постојана едукација. Ќе се согласиме, многу малку медиуми инвестираат во едукација на своите новинари. Ова за нас е константа, па покрај овие предавања сите членови на тимот ќе ги полагаат (менаџментот веќе ги има положено) Блумберг модулите за да добијат сертификат за Блумберг, односно да се занимаваме со вести на Блумберг начин. Станува збор за практични предавања од луѓе од Блумберг за користење на терминалот на Блумберг кој ќе биде нашата основна алатка и кој, според моето новинарско искуство, е најдобар извор на информации што сум го запознала, бидејќи таму нема што нема, важно е само да знаете како да го користите.

Привилегија е да почнеш да правиш нешто од почеток, да го избереш својот тим и да бидеш во меѓународна организација и медиум од кој можеш многу да добиеш, можеш многу да научиш и можеш многу да дадеш

 

Дали го екипиравте тимот во Македонија, колку луѓе се ангажирани во локалната редакција, а колку во целиот проект?

Вкупно во целиот проект ќе има околу 120 луѓе. Повеќето од нив ќе бидат на дигиталната платформа, односно на сајтовите, по десет луѓе во секој центар. Што се однесува до телевизијата, таа засега ќе биде од пет до седум лица во секој од центрите. Се разбира, како што се проширува нашата програма, ќе се зголемува и бројот на луѓето. Во овој момент не можам да ви ги соопштам имињата за кој било центар, но јавноста наскоро ќе ги дознае. Секако дека имаме наши луѓе во Северна Македонија, тие се искусни ТВ лица кои навистина значат, битно ги менуваат работите, многу се упатени во случувањата не само во Северна Македонија, туку и регионално и глобално. Навистина им благодарам на сите, особено на луѓето од мојот тим кои дојдоа од националните фреквенции, ни дадоа доверба и разбраа колку е важно и привилегија да се биде дел од тимот на Блумберг. За секој од центрите работата е завршена речиси 80 отсто, остануваат преговори со уште неколку луѓе и верувам до крајот на март, а можеби и порано, ќе излеземе со имињата на луѓето, односно водечките ТВ личности и дигиталните уредници за секоја од земјите.

 

Поминавте долго време на националната телевизија, во РТС. Кој беше предизвикот за вас да се префрлите на регионална платформа која е дел од меѓународен бренд? 

Никогаш не можам да ја напуштам телевизијата, клучната работа е што и понатаму останувам во телевизија, ќе продолжам да бидам на екранот, ќе продолжам да водам вести, интервјуа и емисии, сето она што ме прави најсреќна, а тоа е да ја работам мојата работа. Имам чест, привилегија и обврска да бидам на чело на тим од исклучителни луѓе и тоа ме поттикна да ја прифатам понудата на тимот на Блумберг да се приклучам во нивните редови по 14 години поминати во РТС, а пред тоа и пет години на телевизија Б92. Цело време се занимавав со економија и го минав патот од репортер до известувач, уредник, уредник на емисија во ударен термин, патував низ целиот свет благодарение на работата и запознав навистина неверојатни луѓе, имав можност да интервјуирам некои од водечките економисти и политичари и во еден момент се постави прашањето што понатаму. Излегувањето од зоната на удобност во професионална смисла беше предизвик за мене, но со голема поддршка од моите пријатели и моето семејство, ја донесов одлуката бидејќи по природа сум таа која секогаш оди понатаму и прифаќа нови предизвици. Ако човек не се промени и не го прифати предизвикот, тогаш не знае што може да постигне. Некако, животот ме научи да ја претворам секоја промена и секој предизвик во моја корист, иако на почетокот не изгледа така. Овде е поинаку, навистина е привилегија која се случува еднаш или речиси никогаш, да почнеш да правиш нешто од почеток, да го избереш својот тим од исклучителни луѓе и да бидеш во меѓународна организација и медиум од кој можеш многу да добиеш, можеш многу да научиш и можеш многу да дадеш. Да не се искористи таква можност воопшто не беше опција и навистина сум среќна и мирна што сум овде. Кога ќе видам кои луѓе прифатиле, кои не контактирале, тогаш сум уште посигурна дека е повеќе од добра одлука. Сега сѐ навистина зависи од нас како тоа ќе го реализираме.

 

Актуелната криза е голем предизвик за известување, во време кога светот се преврте наопаку, со сите економски последици. Сигурно ќе имате многу работа и теми со кои ќе се занимавате?

Секако, ова е лекција, Блумберг телевизијата ми е вклучена дома 24 часа и сега навистина учам и гледам како да пристапам кон економските вести кога има криза. Досега во мојот живот, фала богу, не сум имала можност да видам како да се известува за економската страна на војната. Верувам дека кризата наскоро ќе помине. Иако моравме да ја одложиме конференцијата, тоа не значи ништо што се однесува до нашите понатамошни чекори. Во вториот квартал почнуваме со сите наши платформи, секако ќе се одржи и конференцијата прилагодена на новиот момент во кој живееме. Ова е време кога сите можеме да научиме и да бидеме повнимателни и свесни колку светот може да се промени за три или четири дена. И дека единствено е сигурно дека ништо не е сигурно.