Интервју со Венко Филипче: Здравството треба да го добие приматот во инвестициите
Би било комплетно несериозно и медицински неоправдано ако не го прифатиме фактот за можниот втор бран. Имајќи го сегашното искуство паралелно работиме на подготовка на целиот здравствен систем за евентуален втор бран
Љупчо Поповски
Македонија вложи големи пари за да се справи со корона кризата. И дополнително ќе троши во јакнење на јавниот здравствен систем за да биде подготвена за можниот втор бран на Ковид-19, вели во интервју за „Независен“ министерот за здравство, Венко Филипче. Тој нагласува дека мора да се изгради систем кој она што е направено ќе се одржи и постојано ќе се унапредува и надградува. „Верувам дека од оваа криза ќе излеземе сите помудри и дека одредени состојби и приоритети ќе се променат“, оценува Филипче. Со кризата, стана уште повидливо за сите дека здравството е еден од клучните столбови на државата и општеството. Тој вели дека ниту една приватна болница нема инфективно одделение и не третира пациенти со инфективни болести
Здравствената криза трае три месеци. Дали имате податоци за тоа колку пари ја чини државата овој извонреден напор да се смири епидемијата со што помалку инфицирани и помалку жртви?
Битката со Ковид-19 не е завршена. Точно дека ние бележиме стабилизација на состојбата според анализите на Комисијата за заразни болести направени врз основа на параметрите на СЗО. Според сегашниот тренд, во периодот кој претстои, односно следните месеци, се очекува и понатамошна стабилизација на ширење на вирусот. Но, треба да сме свесни дека сите меѓународни студии упатуваат на тоа дека целосно исчезнување на вирусот е тешко да се очекува. Иако верувам дека Министерството за финансии и сега има некои проекции за средствата кои се вложени во мерките за спречување на ширење на корона вирусот, сметам дека целосната и точна проценка колку државата ја чини оваа здравствена криза може да се направи тогаш кога сето ова ќе биде зад нас. Треба да се сумираат сите податоци за да имаме прецизна слика колку чини справувањето со корона вирусот.
Како и секаде во светот и кај нас стана совршено јасно дека без ефикасен и опремен јавен здравствен сервис ниедна држава не може да се справи со епидемии од вакви размери. Кои се првите непосредни поуки што во ова кризно време ги извлековте Вие, здравствените институции и властите?
Околностите со појавата на пандемијата со Ковид-19 се такви што ниту една земја не беше 100 отсто подготвена да се справи со оваа ситуација, вклучително и земји кои имаат некои од најдобрите здравствени системи. Во однос на нашиот здравствен систем, точно е дека овој сектор со години наназад се соочува со систематско запоставување кое се рефлектираше на сите негови нивоа. Но факт е и дека пред кризата ние имаме позитивен тренд и драстично подобрување на условите и услугите во целиот здравствен систем, земајќи ги предвид бројните слабости кои ги затекнавме. Направени се реконструкции и обнови во низа јавноздравствени установи, набавени се најсовремени медицински апарати, нови возила за итната медицинска помош, нови лекови и вакцини, биолошка терапија за пациенти со малигни заболувања итн. Ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум целата држава и со ова практично решивме еден децениски проблем со недостигот на лекови. Направени се и сериозни позитивни поместувања во однос на женското здравје, имунизацијата и вложувања во човечкиот капитал. За период од две години дадени се повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи во земјава, а пораснаа и платите на сите здравствени работници до 40 отсто соодветено на степенот на квалификација. Го зголемивме капитацискиот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија и одобривме повеќе од 1.000 специјализации и супспецијализации. Сега, со кризата, стана уште повидливо за сите дека здравството е еден од клучните столбови на државата и општеството.
Дали уште сега се размислува каде би можело прво да се насочат следните инвестиции во здравството? Разбравте ли од кризата каде лежат слабите точки во системот?
Веќе кажав, за две и пол години ние имаме напредок во здравството. За жал, кризата со корона вирусот запре дел од планираните проекти, но од друга страна создаде нови проекти кои можеби во нормални услови не би се реализирале или можеби не би биле на листата на приоритетите. Еве, на пример, монтажната болница до Инфективната клиника во Скопје е поставена во рамки на мерките преземени против корона вирусот. Таа се постави на сега веќе расчистена површина, од повеќе од илјада метри квадратни, простор кој со години беше нефункционален. Се отворија нови влезови и се асфалтираа улиците во кругот на Клиничкиот центар, со што практично се олесни пристапот и движењето низ Клиничкиот центар што не беше направено со децении. Инвестициите кои се направени сега за справување со корона вирусот, сите донации кои ги добивме, инвестициите кои ги вложи државата, секако дека ќе се одразат позитивно и на понатамошното работење на здравството. Но мора да се изгради систем кој она што е направено ќе го одржи и постојано ќе го унапредува и надградува. Верувам дека од оваа криза ќе излеземе сите помудри и дека одредени состојби и приоритети ќе се променат.
Многу познати светски економисти во контекст на оваа криза пишуваат дека епидемијата го постави под голем знак на прашање концептот за јавно-приватно партнерство што се развиваше во многу држави како несоодветен одговор на вакви кризи. Особено затоа што приватните болници насекаде имаат многу малку единици за изолација. Минативе години вие често сборувавте за него. Дали сега тој концепт ќе му го отстапи местото на способно и врвно јавно здравство?
Гледано глобално, во повеќе земји во светот каде што постои јавно-приватно партнерство (односно најголемиот дел од здравствениот систем овозможува здравствени услуги само на лицата кои имаат приватни здравствени осигурувања), се појавија повеќе проблеми околу лекувањето и испитувањето на случаите со Ковид-19, пред сѐ заради високите болнички трошоци кои треба да ги платат граѓаните кои се лекуваат и престојуваат во болниците. Во нашата земја јавното здравство е достапно до сите, а сите инфективни заболувања, вклучително и случаите со Ковид-19, се третираат единствено во јавното здравство, односно во инфективните одделенија. Ниту една приватна болница нема инфективно одделение и не третира пациенти со инфективни болести. Јавното-приватно партнерство во здравството како концепт во редовни услови има повеќе предности и тоа како проект го започнавме. Верувам дека кога ќе се смири состојбата со корона вирусот ќе се продолжи да се имплементира во одредени области. Во насока на унапредување на лекувањето генерално, моделот на јавно-приватно партнерство што Министерството за здравство го предлагаше пред кризата со Ковид-19, ќе биде начин сите пациенти да имаат можност да добијат врвни здравствени услуги и во приватните болници, односно пациентите ќе имаат можност да изберат каде ќе се лекуваат согласно своите пари. На примарно ниво, тој систем кај нас постои со години наназад и одлично функционира.
Еден од крупните проекти е изградбата на нов клинички центар. Дали корона кризата ќе го поттикне процесот или пак, поради економската криза која што се очекува, може да се случи овој проект да се напушти или одложи за подобри времиња? Или пак, вие како министер ќе предложите значаен дел од капиталните инвестиции во наредниот период да се насочат токму во здравството?
Изградба на нов клинички центар од страна на државата беше дел од проектите кои ги започнавме пред кризата со Ковид-19. Потребата од современи здравствени институции е неоспорна, а кризата со пандемијата направи тоа да стане очигледно за сите. Во мометов имаме доволно капацитети да се справиме со Ковид-19 и подготвени сме, доколки се случи, да го пречекаме новиот бран наесен. Проектите кои се однесуваат на унапредување на здравството секако ќе бидат приоритет во иднина, сите проекти кои се прекинати во тек на кризата секако ќе се ревидираат според новата реалност со која се соочуваме, но силно сум убеден дека не само во нашата земја, туку и воопшто во светот здравството ќе го добие приматот во инвестициите.
Какви се подготовките за можниот втор бран на корона кризата што се најавува за наесен?
Вториот пик на заразата е нешто на што укажуваат, историски гледано, голем број претходни епидемии. Како и сите респираторни вируси, и за овој предвидувањата се дека во летните месеци можеби ќе исчезне, но апсолутно не е исклучено повторно да се појави на есен. И ова не се само наши согледувања, туку и согледувања во светски рамки, а тоа дефинитивно треба да нѐ одржи во состојба на подготвеност. Сметам дека во овој прв налет, и покрај многуте непознати за овој вирус, ние многу успешно се справивме со состојбата, благодарение на искуството и експертизата на нашите епидемиолози, вирусолози, инфектолози и целокупниот медицински персонал. Нам не ни се случија црните сценарија со кои се соочија некои земји, во смисла на преоптовареност на здравствениот систем. Ние го оптмизиравме здравството и од аспект на капацитети и од аспект на персонал. Би било комплетно несериозно и медицински неоправдано ако не го прифатиме фактот за можниот втор бран. И гледано од тој аспект, ние сега постепено ќе го вратиме здравствениот систем во еден нормален тек, граѓаните имаат потреба од редовните здравствени услуги и ние мора да одговориме на тоа. Имајќи го сегашното искуство паралелно работиме на подготовка на целиот задравствен систем за евентуален втор бран.
Во првите недели на кризата главно прашање беше како да се набават дополнителни респиратори како магичен лек за оздравување. Одреден број респиратори стигнаа, но се испостави дека тие и не биле клучниот елемент за оздравување поради големата смртност на оние што се лекуваат со нив. Што велат лекарите што се на првата линија на фронтот – можат ли тешко заболените пациенти да се лекуваат и на друг начин?
Според студиите досега објавени во еминентните медицински научни списанија, процентот на пациенти кои се поставуваат на респираторна машина и преживуваат е многу мал. И тоа е така, затоа што пациентите со тешка форма на Ковид-19 развиваат тешка форма на таканаречена атипична пневмонија. Освен тоа, вирусот ги напаѓа и другите органи. Кај овие тешки случаи на пациенти без кислородна поддршка, за некои без интубација и без механичка вентилација болеста неминовно би завршила со фатални последици. Јас не се сомневам во експертизата на нашите доктори. Докторите кои работат во одделите за интензивна нега имаат искуство со огромен број случаи и врз основа на тоа големо искуство во индикациите за третман на пациентите со респираторна машина. Но кај конкретните пациенти заболени од Ковид-19 вирусот се покажа дека многу поголем проблем е зафаќањето на повеќе органи преку АЦ2 рецепторот и последователно, таканаречената состојба на пропаѓање на повеќе органи со целосно менување на коагулационата способност на крвта, а тоа е ситуација, во која за жал респираторната машина не може да помогне. Ние и пред кризата имавме доволен број респиратори, а сега со донациите значително ги надополнивме капацитетите.
Во однос на другите методи на лекување ги следиме искуствата. Ние сме дел од меѓународната студија „Солидарност“ на Светската здравствена организација, која треба да даде податоци за најефикасен треман во лекувањето на пациентите со Ковид-19 и преку која ни се достапни искуства и протоколи за лекување на пациентите. Со оваа студија, практично се следи ефикасноста на пет тераписки опции за третман на пациентите со Ковид-19. Во меѓувреме, овие тераписки опции, според искуствата од другите земји, веќе се користат како офлејбл терапија, односно терапија која не е препорачана во упатствата на лековите, но дала добри резултати. Нашата Агенција за лекови – МАЛМЕД ја одобри комбинацијата којашто содржи хлорокин и азитромицин, која се покажа, до одредена мера, ефективна во повеќе земји, и се аплицира на дел од пациентите коишто се лекуваат кај нас врз основа на проценка на клиничката состојба на пациентот. Почнавме да спроведуваме и терапија на лечење со крзна плазма и озонотерапија. Но, сѐ уште вирусот е една голема непознатица и подетални резултати од секоја од тераписките опции и лекувањето нема да бидат наскоро научно докажани. Во светот веќе се работи на изнаоѓање вакцина. Најавите за можна вакцина се врзани со почетокот на наредната година.
Стигнаа многу донации на сметката на Министерството за здравство. Нема информации за што се искористени најголемиот дел од тие средства. Каде одат тие пари?
Ќе ја искористам и оваа можност да упатам голема благодарност до сите држави, амбасади, организации, компании и индивидуалци кои несебично се вклучија во поддршка на справувањето со коронавирусот. Голем дел од донациите се донации во добра и опрема, како и заштитна опрема за медицинските работници со кои се опремени пред се инфективните оддленија во здравствените институции и Инфективните клиники, но се распоредуваат и по другите здравствени установи кај кои има потреба. Добиените донации и донаторите се објавуваат на веб-страницата на Министерството и се целосно транспарентни. Веќе е направен распоред и за намена на донациите од наменската сметка на Министерството за здравство и средствата ќе бидат наменети за доопремување на јавниот здравствен систем со потребната медицинска опрема, секако согласно приоритетите, за што во многу скоро време ќе започнат постапки за јавна набавка.
До кога ќе стои теренската болница во кругот на Клиничкиот центар?
Монтажната болница е практично дел од системот за понатамошното справување со Ковид-19 во земјата. Таа ќе се користи како Ковид центар, а во иднина како ургентен центар на Инфективната клиника, каде што ќе се прави тријажа на пациентите, кои потоа ќе се распределуваат, согласно нивната здравствена состојба. Не сме размислувале кога би ја отстраниле, за сега и во блиска иднина остануваат да бидат функционални и здравствените и болнички капацитети и на теренската болница.
Лекарите, сестрите и другиот медицински персонал „изгинаа“ во борбата со вирусот, како што е и насекаде во светот. Време е тие да добијат достојни услови за работа, а не само зголемување на платите. На кој начин би можело да се изведе овие медицински баталјони да почувствуваат дека нивната улога нема да биде заборавена кога сето ова ќе заврши.
Вредноста на мотивирани здравствени работници ние ја гледавме уште и пред кризата и затоа направивме големи поместувања и вложувања во човечкиот капитал – во платите и наградите на сите здавствени работници, но и во подобрување и унапредување на јавните здравствени установи кои овозможуваат подобри здравствени услуги за пациентите, но и подобри работни услови за здравствените работници. Во овие исклучително тешки моменти и пред најголемиот светски здравствен предизвик, здравствените работници го даваат својот максимум за спасување на животите на нашите пациенти. Тие се први на удар на вирусот. Одлучивме да се додели парична награда за сите здравствени и нездравствени работници коишто беа вклучени и сѐ уште се вклучени во работа со пациентите заболени од корона вирусот во нашата земја, доктори, медицински сестри, но и нездравствени работници – болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош. Ќе добијат награда од 20 проценти од основната плата за два месеци во сите јавно-здравствени институции, болниците, институтите каде се правеа испитувањата, здравствените домови коишто го организираа транспортот итн. Никој нема да биде изоставен, сите се земени предвид.
Во две анкети вашата популарност е на огромна висина – околу 80 отсто. Смирениот тон на вашите изјави ја смирува јавноста. Дали ова ви годи, без оглед што вие изјавувате дека тоа го сметате како поширока поддршка за сите здравствени работници, на сите професионалци што се борат со вирусот?
Целокупното менаџирање на кризата во земјата, со која сметам дека добро се справуваме, е заслуга на целиот тим, на многу посветени луѓе кои со месеци деноноќно работат во справувањето со вирусот. Би било крајно неблагодарно да си го препишам тоа само на себеси, затоа што јас, како човек, верувам дека успесите се должат на тимска работа. Во оваа прилика би сакал да изразам благодарност до членовите на Комисијата за заразни болести, сите мои колеги, целиот медицински персонал, колегите во Министерството за здравство, во Владата и институциите, медиумите и медиумските работници и секако граѓаните. Од почетокот на оваа криза, јас постојано зборувам дека битката не можеме да ја добиеме сами, туку само и единствено со сите кои се засегнати. А засегнати сме сите. Јас силно верувам дека ќе истраеме, верувам дека граѓаните се свесни за тежината на состојбата во која се најдовме, и не само ние туку и целиот свет, и дека и натаму, преку доследно почитување на мерките за заштита од ширење на вирусот, ќе даваат подрршка за што поскоро да ја надминеме оваа состојба и да се вратиме на нормалниот живот.