Интервју со Стево Пендаровски: Само јас сум кандидат на сите граѓани
Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, не е обесхрабрен од слабиот одѕив и тесната предност што ја постигна во првиот круг од шестите избори за шеф на државата. Убеден е дека ваквиот исход ќе биде мотивирачки фактор за граѓаните да излезат на 5 мај во значително поголем број, така што сега очекува убедлива победа. На овие избори, вели, се одлучува дали сакаме да продолжиме напред кон НАТО и ЕУ или да застанеме на тој пат, да ревидираме сè што постигнавме и да влеземе во нова неизвесност.
Колку багажот на СДСМ и на ДУИ од изминатите две години владеење ви претставува товар во кампањата во која влеговте како политички понеутрална личност и како консензуален кандидат, со оглед на тоа што во првиот круг освоивте незначителна предност пред Гордана Силјановска-Давкова, наспроти очекуваните неколку десетици илјади разлика?
– Секако дека незадоволството кај дел од граѓаните од владеењето на СДСМ и ДУИ имаше негативно влијание на исходот во првиот круг. Тие својот револт решиле да го изразат со тоа што останале дома и тоа е нивно легитимно право. Но она што е исто така точно е дека истите тие граѓани пред само седум месеци во огромен број дадоа поддршка на референдумот. Јас сум убеден дека во вториот круг ќе излезат во многу поголем број и ќе ја потврдат референдумската волја. Овие избори не се обични и верувам дека тие го знаат тоа. На овие избори избираме дали сакаме да продолжиме напред кон НАТО и ЕУ или да застанеме на тој пат, да ревидираме сè што постигнавме како договори и да влеземе во нова неизвесност. Јас сум убеден дека граѓаните сакаат напредок и тоа ќе го докажат со масовно гласање на 5 мај.
Се согласувате ли со анализите според кои Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците, иако се посочуваа како најделикатни теми, не придонеле многу за падот на рејтингот на владејачката партија, туку дека главните причини треба да се бараат во разните „амнестии“, непотизмот и одредени несоодветни кадровски политики, како и во пропусти на локалните власти…?
– Делумно се согласувам. Сепак, мора да имате предвид дека и Преспанскиот договор има свое влијание. Видете, ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува таа тема и игра валкано на чувствата на граѓаните. Цела кампања во првиот круг ја посветија на критики на Договорот и на лажен патриотизам, додека во вториот круг, кога им требаат гласови од етничките Албанци, ништо не кажаа за тоа. Ова си имаше свое влијание секако, инаку тие не би ја воделе така кампањата. Но факт е дека постои незадоволство од владеењето и тоа премиерот и другите од власта го разбраа. Токму затоа и испратија јасна порака за темелни промени во владината коалиција после изборите, но и промени во начинот на владеењето. Јас ова го поздравувам и сметам дека е исправен потег што како претседател ќе ги охрабрувам што побрзо да го реализираат бидејќи не верувам дека ќе има втора шанса.
Имате искуство со претседателски избори – и како претседател на ДИК во 2004 година и како опозициски кандидат десет години подоцна. Од тој аспект, што очекувате на 5 мај во однос на шансите за постигнување на цензусот од 40 проценти?
– Убеден дека ќе има цензус. На сите претходни претседателски избори во вториот круг гласале поголем број граѓани и тоа ќе се случи и сега. Јас верувам дека оние што останаа дома и решија така да испратат порака, во вториот круг ќе излезат на гласање бидејќи знаат колку е ова важно. Очекувам дека сите етнички заедници ќе гласаат, како што очекувам дека и гласачите на господинот Блерим Река ќе излезат и ќе ме поддржат. Тие гласаа во првиот круг за Река со кој имаме практично исти цели, НАТО и ЕУ-интеграција и еднаков третман и права на сите граѓани. Јас сум единствен кандидат кој ги обединува сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност и оваа искрена заложба ја промовирам години наназад. Ова ми дава за право да верувам во успех на изборите и убедлива победа.
Сега кога го имате зад себе и искуството од првиот круг од шестите претседателски избори, кој политички натпревар и кои противници ви се чинат потешки: во 2014 година, кога се чини влеговте во однапред изгубена битка, или сега кога влеговте во изборниот ринг како фаворит, за на 21 април да освоите само околу четири илјади предност пред ВМРО-ДПМНЕ?
– Суштинската разлика е во тоа што во 2014 имавме режим на власт кој преку груб фалсификат и изборен инженеринг ја однесе победата. Тоа се докажа многупати подоцна и сите го слушнавме во „бомбите“. Сега имаме нов, демократски амбиент и слободно можам да кажам дека изборите во првиот круг беа едни од најдемократските што сме ги имале досега. Секако дека сега е полесно и вакви избори ѝ доликуваат на земја претендент да влезе во ЕУ. Воопшто не сум загрижен за малата разлика, напротив, сметам дека тоа создаде услови за уште пожестока битка во вториот круг и можност да се постигне цензусот. Како што кажав, граѓаните ја испратија пораката во првиот круг и останаа дома. Тие не гласаа за ВМРО-ДПМНЕ. Сега верувам дека ќе излезат во многу поголем број и очекувам сигурна победа.
Ова се први претседателски избори на кои владејачките партии настапуваат со консензуален кандидат. Како и покрај тоа се случи толку мала мобилизација на гласачкото тело на етничките Албанци во првиот изборен круг?
– Не мислам дека се случи мала мобилизација кај Албанците. Секако дека ќе беше подобро ако имаше поголема излезеност, но таа беше ниска и кај Македонците. Така што тоа не беше етнички тренд туку генерален на ниво на целата држава. Во вториот круг многу од оние што не гласале, со кои се сретнувам, велат дека ќе гласаат. Знаат дека нема нова шанса и свесни се дека треба да гласаат.
Што ако изборите не успеат? Како ќе се одрази тоа на интеграциските процеси и на внатрешно-политичката стабилност на државата?
– Ќе се одрази лошо и искрено за такво сценарио не сакам ни да размислувам. Тоа ќе биде вовед во нови политички кризи, калкулации, меѓупартиски надмудрувања. Ова ќе ги закочи процесите кон ЕУ и тоа би требало сите многу да нè загрижува. Граѓаните треба да знаат дека неуспешни избори може да водат и кон нови избори што дополнително ќе ја искомпликува состојбата. Ова најмалку ни треба во моментов. Ние сега мора да ја искористиме пружената шанса и летово да добиеме датум за преговори. Кон крајот на годинава и формално ќе влеземе во НАТО и со тоа конечно ќе започнеме ново поглавје од историјата на нашата земја. Поглавје на стабилност и брз економски развој. Ова не смееме да го прокоцкаме сега.
Кои ќе бидат првите три чекори што ќе ги преземете ако на 5 мај ја добиете довербата и застанете на чело на државата?
Прво, ќе ги потпишам сите закони што ги кочи Иванов, а се од интерес на граѓаните. Недозволиво е тоа што го прави Иванов и јас итно ќе го сменам. Второ, веднаш ќе формирам стручен тим кој ќе ми помага особено во делот на евроинтеграциите и надворешната политика. Сакам да дадам максимална поддршка во овие процеси што ни претстојат и да помогнам навреме и квалитетно да ги направиме подготовките и реформите. Ова е практично нешто што ќе го правам целиот свој мандат, но ќе почнам веднаш по преземањето на функцијата. Трето, ќе изработам стратегија за национално обединување околу клучните стратегиските определби. Ние години наназад немавме национална стратегија за важните прашања од интерес на граѓаните. Моја заложба е конечно ова да се промени, а како претседател да бидам тој што ќе иницира дијалог меѓу сите чинители и ќе ги обедини во однос на овие прашања. Сите сериозни земји имаат консензус во однос на некои прашања, така мора да имаме и ние.
Александра М. Митевска