Интервју со Никола Попоски: Не бркам фотелја и не формирам партија, но сакам промени


Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски ретко се појавува во медиумите, но и при партиските активности на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за „Независен весник“, тој зборува за шпекулациите дека ќе формира нова партија, каков е неговиот однос со Христијан Мицкоски, кој ќе победи на парламентарните избори в година, за неговите лични амбиции, како и дали Македонија ќе добие датум за преговори со Европската унија.

Г-дине Попоски, вашето име се споменува во контекст на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои планираат формирање нова или нови партии? Има ли вистина во тоа?
– Не.

Како гледате на испадите на поранешни министри во владата на ВМРО-ДПМНЕ кои отворено зборуваат против актуелното раководство на партијата, па оставаат впечаток дека подобро се разбираат со премиерот Зоран Заев отколку со лидерот Христијан Мицкоски? Впрочем, дел од нив и се исфрлени од партијата.
– Како партија минавме низ повеќе од еден неуспех. Не е драма да има критика. Начинот е личен избор. Многу поопасно за ВМРО-ДПМНЕ од сите критики е да се надеваме дека власта не е сјајна и спиеме на уво дека неспособноста ќе ги дотолчи.

Во време на кампањата за претседателските избори ве видовме само еднаш или двапати како јавно на терен ѝ помагате на професорката Гордана Силјановска-Давкова. Ретко ве гледаме и на маршевите на партијата или на другите собири. Каков е вашиот однос со Мицкоски? Задоволен ли сте како ја води партијата?
– Различно е колку пати сте виделе некого и колку некој помага. Имам отворен однос. Лично секогаш најкорисни ми се тие што критички размислуваат. Лошо е да ги немаш. Уште повеќе да се потпираш само на тие што кажуваат што мислат дека сакаш да чуеш. Според мене, за партија најзначајна е визијата. За да напредуваме мотив мора да црпиме од потребата за длабока, суштинска промена на начин на ангажирање и поинаква цел. Постојано. Не сум дел од борба за фотелји, не ме мотивираат дворски игри, не ме интересира клиентелистички однос или вртење во круг. Сакам иновација. Тимови со креативни умови. Луѓе што следат каде оди светот. Видокруг над хоризонтот. Демократски капацитет да се прифаќаат новитети и да се бара најнапредно решение. Тоа ме мотивира. Мислам ВМРО треба да го има тој стремеж. Без тоа нормално е да ги губиме најкреативните млади од земјата. И не може да им се замери.
Во реалната политика, пак, мерило за успех е дали формираме влада, добиваме градоначалник, претседател или совет… Сè повеќе сум убеден дека и резултатите на избори ќе зависат од нашиот капацитет да го смениме ултрареволуционерно начинот на размислување и однесување, што е реално многу тешка работа.

Впечаток е дека поради честите отсуства надвор од земјава, не сте доволно активен во парламентот и во партијата. Минува точно една година од пресвртот во парламентот и неочекувано добиеното мнозинство на власта за прифаќање на Преспанскиот договор. Вие бевте отсутен од таа седница. Како денеска гледате на случувањата во Собранието, но и на договорот за името со Грција?
– Немав добиено демократски мандат за промената и не може да учествувам. Има денес две реалности. Од македонски аспект: решението нема заедничко со човекови права, демократија или прогресивност. Од меѓународен аспект: се гледа како формалност за проширување на воената Алијанса. Но без формалноста, ние сме зад аут-линијата. Доволен е еден краток преглед на вестите од светот, на кој било медиум, за да увидиме дали надвладува меѓународното право или законот на џунглата.
Тоа нема да го намали чувството дека сме неправедно третирани зашто сме помали и посиромашни, но барем ќе нè потсетува на бруталната реалност зад аут-линијата.

Вие сте поранешен министер за надворешни работи. Сигурно имате контакти и информации, дали Македонија ќе го добие долгоочекуваниот датум за преговори со Европската Унија? Дали земјава и Владата направија доволно да добиеме зелено светло од Брисел?
– Да, треба да добиеме. Тоа е само едно писмено упатство кое доцни 14 години, или едно пет до шест влади, кои досега испорачувале. Не треба да е шок ако со ова темпо минат уште блиску толку до членство. Нашите преговори ќе се сосем различни од сите досега. Ако е некој изненаден од последните соопштенија, да знаеме дека ќе се изнагледаме такви чуда допрва. Има начини да се скрати периодот за интеграција, секако, но за тоа ќе треба сите да се надминеме себеси. Мора да сме свесни дека ова е споредна одлука за ЕУ. Излегување на Британија, доверба за нова комисија, аранжманот за мигрантите, трговската војна, данокот за гигантите на интернет… се поважни за земјите членки во ЕУ отколку административно закажување на меѓувладина седница со земја која чекала еден куп години, а можеби ќе чека уште толку до членство. Тоа што кај нас го претставуваме да се биде или не, таму е една точка крај многуте поважни.

Идната година нè очекуваат парламентарни избори, без оглед дали ќе бидат редовни или предвремени. Во вашата партија најавуваат победа од 100.000 гласа над опозицијата. Колку се реални ваквите прогнози? Има ли ВМРО-ДПМНЕ капацитет и сила да ја сруши владата на Заев?
– Битна е разликата меѓу првите двајца, но значајна е и излезеноста, како и резултатите на третиот, четвртиот, а можеби и петтиот на изборите пред да се заклучи главното – кој формира влада. Зависи кој на што цели: повеќе гласови, голема пратеничка група, учество во влада, предводење на влада, уставно мнозинство….
Оваа влада сега е можеби најзагрозена од самата влада. Ние не треба да сме среќни на туѓи слабости. Мора да целиме погоре. Тоа е здрава демократија. Ризикот е сè помалку луѓе да гласаат. Најкреативните млади очекуваат повисок демократски дух во земјата, за да можат лично да се реализираат, без разлика на власта. Сити се тие деца од политичка опседнатост.

Со распуштање на парламентот, завршува и вашиот пратенички мандат. Какви се вашите лични планови, каде се гледате себеси по изборите?
– Не сум одлучил.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски