Интервју со Мики Анчевски, актер : Убаво е кога публиката реагира на претставите


Непоправлив оптимист како човек и актер, со голема одговорност кон професијата. Мики Анчевски (36) е еден од глумците на скромниот, но борбен ансамбл на Театарот за деца и младинци (ТДМ). Неговата верна публика се главно децата, но насмевки измамува и кај родителите. Досега играл во „Грдото пајче“, „Оливер Твист“, „Пипи Долгиот Чорап“, „Нашиот клас“, „Мачорот во чизми“, „Гига мега бајка“, „Петар пан“… како и во неколку претстави во МНТ и Драмски театар, учествувал и во филмот „Балканот не е мртов“. Оваа сезона одигра 167 претстави на матичната сцена на ТДМ, а напоредно снима и ТВ и радиореклами, како и надсинхронизација на играни и анимирани серии. Две години е активен и како театарски едукатор за деца. Анчевски дипломираше во 2006 година на Факултетот за драмски уметности во класата на проф. Кирил Ристески и асистент Зоја Бузалковска.

Се приближува крајот на сезоната, а според она што може да го видиме на репертоарот на ТДМ играш во најмногу претстави?

-Оваа година одиграв 167 претстави и со тоа бев актер со најмногу одиграни за сезонава. Ние сме мал ансамбл по број и секоја година различен актер е тој што го носи репертоарот. Речиси сите актери од ансамблот играме во сите претстави. Годинава бев јас по бројност на одиграни, следната може да биде Мартин, Марија, Бојан итн. Имаме околу 20 претстави и мислам дека сме театар со најмногу активни претстави во однос на другите театри. Буквално, секој ден можеме да играме различна претстава и да не се дуплираме во текот на еден месец. Понекогаш станува и напорно, но не во негативна смисла. Бидејќи сме детски театар, често се случува напладне да играме претстава потоа остануваме на проба и вечерта повторно играме.

Во најновата претстава на ТДМ, „Авантурите на Том Соер“, го играш Хаклбери Фин. Каков лик изгради?

-Со оглед на тоа што има предлошка основа на ликот, не може многу да се импровизира. Но заедно со режисерот Деан Дамјановски и драматургот Горјан Милошевски, а понатаму и со останатите колеги наидовме на дилема за Хак. Тој и Том се најдобри другари и во основа се многу слични карактери, но и различни. Можеби звучи глупаво да се каже, но тешко е да се одигра овој лик бидејќи во овој текст и во оваа претстава двајцата се 90 отсто заедно на сцената. Требаше да направиме некаков баланс, за да не се остави впечаток дека Хак е над Том во ситуациите. Хак е всушност другарот кој го поддржува Том во сè што прави и потребно беше да најдеме некакво решение за актерски да не биде покриен ликот на Том. Тоа е исто кога некој игра лик на крал, останатите актери доаѓаат му се поклонуваат, го служат и така публиката знае кој е тука крал. Слична беше ситуацијата и во оваа претстава, мојот лик, односно Хак му е поддршка на Том во неговите авантури.

Веќе неколку години си редовно вработен ТДМ. Ова беше твој избор или едноставно се случи?

-Шест години сум вработен тука и за разлика од другите приказните каде што случајно актерите завршиле во оној или во овој театар. Јас навистина сакав да бидам тука. Додека работев хонорарно, неколкупати доаѓав во театарот и оставав CV, некако имав чувство дека треба тука да бидам. Тоа беше уште пред да се случат вработувањата во сите театри низ земјава. Но, кога дојде таа година, јас повторно и само тука поднесов CV. Задоволен сум што имав среќа да се вработам овде оти сметав дека овде припаѓам. Иако не мислам дека публиката треба да се дели на детска, возрасна или каква било.

Се вели дека децата се публика која е најискрена и најтешка. Верувам дека си имал интересни ситуации. Паметиш некоја анегдота?

-Оф, има многу ситуации. Довикувања има постојано. На децата ако нешто не им се допаѓа си кажуваат, си зборуваат меѓу себе. Често се случува да слушнеме „доста ти“, „лоша си“ и слични коментари кога се внесени во претставата. Но сме имале ситуација каде што има и недолично однесување, нè гаѓале со хартивчиња, со обувки и некои такви работи кои се одраз на домашно (не)воспитување. Имало и плачење и тоа беше чудно бидејќи се случи и на младинска претстава. Ја игравме „Нашиот клас“ која е со сентиментална тематика и на секоја изведба имаше плачење во публика. Тогаш го сфатив тоа што ни го кажувале повозрасни колеги дека навистина и возрасна публика знае да се соживее со претставата, со приказната или со одреден лик. Но тоа е и убаво чувство бидејќи значи дека како глумци сте завршиле добра работа.

Покрај театарското, имаш и мало филмско искуство. Сметаш ли дека како актер е добро да се има и филмско и телевизиско искуство?

-Кај нас на Академијата нема поделба на филмски, театарски актери или актери за куклен театар, има само актери. Во време во кое се снимаат филмови, серии, со специјални камери, специјални визуелни ефекти, во време во кое гледаме серии како „Игра на тронови“, за која се трошат милиони долари на снимање, сите имаме желба да застанеме пред камера на некој таков филм. Но тоа е кога зборуваме за желбата. Во реалноста, имаме затворен круг луѓе во филмската продукција и поради тоа ние остануваме да се задоволуваме со играта на театарска сцена. А, ако подоцна те викнат на филм, настанува проблем во глумата бидејќи театарската многу се разликува од филмската глума. Имаме мала филмска продукција во земјава, но во последниве години се мрднаа работите од мртва точка. Се снимаат долгометражни, кратки филмови, се снимаат ТВ-серии и не е како порано да имаме еден филм на неколку години. Секако, за глумец е добро да се проба и во серија и на филм, но проблемот е што не се нуди подеднакво шанса за сите. Кастинзите треба да бидат навистина отворени, а не „отворени“ за сите. Можеби некој ќе се налути, но го кажувам јавно својот став и стојам на тоа дека треба на сите да им биде дадена подеднаква шанса, а не да се игра на „другарска база“.

Во последниве неколку години се случи „мала револуција“ во снимањето филмови и серии. Но, сепак, како да фали нешто за детската публика.

-Не гледам со потценување на она што се работи, без разлика дали се филмови, серии. Треба да се каже големо браво, работите се придвижија. Но, реално треба уште. Треба да се работи и на детската публика затоа што тие кога ќе пораснат ќе продолжат да го движат светот понатаму. А љубовта кон театар и филм им се создава од мали. Добро е што се случи и анимираната серија „Светот на Биби“, но фалат уште продукти од тој тип. Ако отворите Јутјуб, ќе видите колку детски квизови има во светот, каде што деца се натпреваруваат во знаење. Има и многу други идеи, за кои може да откупат правата. Но, што и да се работи за детската публика, мора да биде добро сработено. Децата не се глупави, а во денешно време имаат пристап до интернет и многу добро знаат што е добро сработено, а што не. Ако нема добро разработена идеја и добар квалитет, децата нема да го гледаат.

Покрај ангажманите во ТДМ, работиш и со актерска едукација на деца. Како се снаоѓаш?

-Скоро две години сум дел од школата „Од игра до претстава“ на Миодраг Костиќ и Игор Ивковиќ и сосема случајно се приклучив таму. Бидејќи кај нас не постои средно училиште за глума, а сега е добро што постојат вакви школи каде што децата се запознаваат со основите на глумата, што е театар, режија, актерска игра, правилно стоење на сцена, правилно зборување… сето она што ние го учевме дури на ФДУ. Предавањата имаат за цел низ игра и динамична работа да ги натераш децата да научат нешто. Различни возрасти се, од 5 години па сè до средношколци, и за сите има различен пристап. Чувството е преубаво кога ќе видиш дека за текот на една година си влијаел кај децата меѓусебно да си разговараат за претстави, за текстови, иако претходно немале никакво предзнаење за тоа.

За крај, неколку блиц-прашања, што те прави среќен?

-Работата и пријателите. Но и музика, филм, книга, добро друштво. Кога имам работа, сум среќен и исполнет, а пријателите се важни за да имаш со кого да споделиш и среќни и тажни моменти.

Социјални мрежи?

-Не. На Фејсбук сум, ама сè поретко, а Инстаграм немам воопшто. Сè повеќе сфаќам дека убавината е во тет-а-тет муабет.

Што те вади од такт?

-Ретко се нервирам и многу сум толерантен. Но неправда е она што навистина ме вади од такт, дури и да не е поврзана директно со мене.

Што те води низ животот или некоја мисла по која се водиш?

-Немам. Но важно е да се обидеш да го најдеш позитивното и во моменти кога не ти е до тоа. Ретко сум намуртен, па лесно се забележува ако нешто ми се случило.

Непоправлив оптимист или реален песимист?

-Првото.

Ивана Настеска   Фото: Борис Грданоски