Интервју со Коста Костадиновски: Преземањето на „Илирика“ од „Генерали“ е потврда за нашето успешно работење


Како тим сме среќни и позитивно ја прифаќаме информацијата за преземањето од страна на „Генерали“: Коста Костадиновски

Во Илирика фунд менаџмент сме задоволни од квалитетот на работење во изминативе години затоа што покажавме извонредно добри резултати во управување на трите инвестициски фондови, вели извршниот директор Коста Костадиновски

 

Мирче Јовановски

Економските активности и покрај корона кризата не сопираат. Доказ за тоа е и вчерашната информација дека „Генерали инвестмент“ Словенија е во процес на преземање на Илирика фунд менаџмент АД Скопје преку спојување со „Генерали Инвестментс“ АД Скопје. Со ваквата аквизиција откако постапката ќе помине и кај регулаторните тела и по целосно завршување на процесот на преземање на „Илирика“, „Генерали инвестмент“ АД Скопје ќе го зголеми пазарното учество на 26 проценти на македонскиот пазар. „Илирика“ управува со три инвестициски фонда и индивидуално управувано портфолио со околу 1.900 клиенти, што ќе придонесе „Генерали“ да ги зголеми средствата на управување на 46 милиони евра и 3.900 клиенти.

Што ќе значи оваа аквизиција за клиентите на „Илирика“, за досегашното работење, но и за состојбите и перспективите на пазарот на капитал кај нас, разговаравме со Коста Костадиновски, извршен директор на „Илирика Фунд Менаџмент“.

 

Господине Костадиновски, Генерали инвестмент ќе ја преземе Илирика фунд менаџмент. Во каква кондиција се трите инвестициски фонда и индивидуалното портфолио со кои управува Илирика?

Како Илирика фунд менаџмент сме задоволни од квалитетот на работење во изминативе години затоа што покажавме извонредно добри резултати во управување на трите инвестициски фондови. Во неколку наврати, во текот на минатите години, реномирани меѓународни финансиски магазини ни дадоа признанија за Фонд на годината во нашата држава по остварен принос, како и признанија за квалитет на услугата. Затоа и ваква сериозна групација влегува во постапка за преземање на нашето Друштво, што секако претставува сериозен комплимент за мене како извршен директор на Илирика и како човек кој 12 години професионално ги посвети на оваа компанија. Истовремено, ова е и потврда за квалитетот и валоризација на вложениот труд на целиот тим. Како тим сме среќни и позитивно ја прифаќаме информацијата за преземањето од страна на Генерали.

 

Што може да очекуваат вашите клиенти од ваквото преземање?

Во прва фаза на процесот не очекувам значајни промени што ќе влијаат на нашите клиенти и нивните инвестиции, имајќи во предвид дека станува збор за постапка која оди на одобрување во неколку државни институции во и надвор од државата. Потоа, по преземање на сопственоста, ќе треба да ги обединиме стратегиите на двете компании. Во понатамошните фази, очекувам да се постигне синергија со спојувањето на стручните тимови. Секако, сите клиенти навремено ќе бидат известувани во текот на процесот или при евентуални промени во стратегиите.

 

Интеграциите, спојувањата, преземањата се присутни секаде во светот. Што ќе значи ова за пазарот на капитал во Македонија и за луѓето кои сакаат да инвестираат во хартии од вредност?

„Илирика по втор пат ја пишува историјата во Република Македонија затоа што ова е прво преземање и спојување на две друштва за управување со фондови. Да потсетам, во 2007 година, веќе ја напишавме историјата како прво формирано друштво за управување со фондови во државата. Интеграциите, спојувањата и превземањата се сосема нормални процеси во светот на финансиите. Вакви корпоративни преземања и спојувања во моментов се актуелни во нашиот банкарски и осигурителен сектор.

 

Состојбите на берзите се прилично нестабилни. Како ги оценувате можностите да се инвестира капитал на берзите при вакви неизвесности, кои очигледно се поврзани со корона кризата?

Корона кризата предизвика сериозни турбуленции на пазарот на капитал, но со правилни и одмерени чекори, како компанија успеавме максимално да го заштитиме имотот на фондовите, а со добрите препораки ги искористивме можностите што ги даде оваа криза во полза на клиентите.

 

Во изминатиот период и на пазарот на капитал кај нас имаше многу повлечи-потегни ситуации, кои имаа директно влијание врз цената на акциите. Како ги коментирате и каква е вашата оцена за состојбите на пазарот кај нас и за перспективите?

Клучен потег за стабилизирање на состојбите на македонскиот пазар на капитал имаше одлуката за ослободување на правото на акционерските друштва да делат дивиденди и берзански котираните компании слободно да одлучуваат за распределба на остарените добивки. Во наредниот период очекувам стабилизација, иако треба да се има во предвид дека некои сектори од економијата претрпеа сериозни штети.