Точно ќе се знае каде Скопје ќе се развива, а каде ќе мора да се застане: интервју со Каја Шукова

Нема да бидам нова Данела Арсовска, ќе соработувам со сите и нема да поставувам некомпетентни кадри само заради партискиот бекграунд, вели Шукова за „Независен“


Нема опасност Скопје да остане без вода, вели Каја Шукова (Фото: Б. Грданоски)

 

Каја Шукова, со образование и професионална биографија која се вклопува идеално со актуелните барања од еден градоначалник на Скопје, зборува за плановите што ќе ги реализира и за нејзиниот стил на работа, а кои не добија гласност во кампањата.  Таа најавува дека нема да поставува на функции некомпетентни луѓе и дека политичкиот бекграунд нема да биде најважен за неа. Планира да објави експертска студија каде натаму може да се развива Скопје, а каде мора да застане урбанизацијата. Планира да ги врати јавните чешми и да работи на воспоставување резервен систем за снабдување со вода, освен тој од Рашче, и да стави ред во нерационалното користење на чистата вода. Таа најавува дека нема да биде нова Данела и дека во процесите ќе се консултира со сите што се инволвирани, а одлуките ќе ги носи во соработка со општините. Ќе се зафати и со санирање на „Скопје 2014“, бидејќи е реалност, но со проценка како да потроши најмалку пари на граѓаните за обнова на фасадите и за спомениците. 

Понудата на главниот ривал, Орце Ѓорѓиевски, да ја вработи во неговата администрација ја смета за недобронамерна и омаловажувачка за неа како противкандидат и дека не го води во вистински правец, додека извинувањето потоа – дека веќе не вреди.     

 

Останаа уште неколку денови од кампањата и исто толку денови да ги убедите скопјани дека вашата визија за Скопје е подобра од таа на Орце Ѓорѓиевски. Што би направиле поинаку и подобро?

Прво, системски би ги поставила работите, бидејќи сметам дека во моментов сe замрени  функциите на јавните претпријатија во Скопје кои треба да им даваат услуги на граѓаните. Ние во моментов не гледаме ниту услуга за отпадот, ниту сериозна услуга за водата, гледаме во каква состојба се парковите и зеленилото, од ЈП „Улици и патишта“  велат „правиме сѐ освен тоа што ни е главна обврска“, а да не зборувам за јавниот превоз. Јас нудам решенија. За  јавниот превоз, тоа е БРТ системот, додека за справување со отпадот нудам решение што досега не е спроведено во Скопје – а тоа е селекција, ре-употреба и намалување на количествата на отпад  што завршуваат во Дрисла, паралелно со чистење на постојните депонии. Нудам 15 паркови за 15 месеци, и тие брзо ќе бидат реализирани.

Во делот од програмата за загадувањето на воздухот, на кој влијаат сите овие сектори, нудам брзи и ефикасни мерки – поставување на филтри на оџаците на домаќинствата што значително ќе ги намалат ПМ честичките, покрај субвенционирањето на граѓаните за да се вратат на системот на централно греење. Предвидувам и друг сет мерки во кој е вклучена замена на нееколошките системи на затоплување, нешто што го правевме како влада на СДСМ за јавните објекти, а со субвенционирање и на приватните.

Ако го решавате проблемот со отпадот, нема да имате и нови пожари кои енормно го загадуваат воздухот. Ако паралелно воведете нов систем за јавен превоз и тој е побрз и поефикасен, сите овие мерки ќе помогнат системски да почнеме да го опоравуваме Скопје. Видовме во изминатите четири години власт на ВМРО-ДПМНЕ во градот и во најголем дел од општините,  во каква состојба го доведоа.

Сметам дека е многу важно за градот да има континуитет во работата на градоначалниците и затоа ќе се вратам на времето кога градоначалник беше Петре Шилегов, кога беа направени последните булевари, а некои беа почнати и сега стојат недоградени, како и двата моста што четири години стојат неповрзани. Не може со промената на власта проектите што се во интерес на граѓаните да застанат заради инает или заради некаков политички интерес, како што се случуваше изминатите четири години. Еве, ќе го споменам проектот за Момин Поток кој требаше да биде готов до 2023 година, а сега сме 2025 година и, заради некакви интереси и кавги, уште чекаме да биде завршен. Буквално, народски кажано, ги малтретираа граѓаните во Скопје кои, пак, сакаат брзи и ефикасни решенија. Граѓаните сакаат услуга, сакаат да имаат добар јавен транспорт, за него со години наназад има подготвено решение, а стои во фиока.

Мора да има континуитет, но и друг пристап, односно работата мора да биде јавна, да биде транспарентна, мора да се слушнат граѓаните и сите инволвирани страни да бидат дел од процесот. Градот и општините во градот Скопје мора да соработуваат, нешто што четири години не постоеше и не успеаја да го амортизираат ни преку ЗЕЛС, така што нѐ доведе до оваа ситуација што ја живееме сега.

Градоначаникот на Скопје не е единствената личност која треба да работи на решенијата за главниот град (Фото: Б. Грданоски)

 

Може ли и  на вас да ви се случи иста блокада од власта како што ѝ се случи на Данела Арсовска?

Јас сум поинаква од Данела Арсовска, имам поинаков начин на комуникација, ги ставам проблемите на маса и ги решавам. Секогаш кога има проблем ги викам сите кои треба да се дел од решението. Градоначаникот на Скопје не е единствената личност која треба да работи на решенијата, тоа треба да го прави со општините и со останатите кои можат да помогнат и да бидат дел од процесот. Исто така, јас сум многу транспарентна, многу отворена и не ги кријам проблемите ни од јавноста, ни од медиумите. Ќе побарам соработка и од тие кои не се дел од структурата на СДСМ. На крајот на краиштата, политичките интереси треба да се отстранат од градот, бидејќи пред сѐ треба да се работи  за интересите на граѓаните. Пред нив мора да почнеме поинаку да се однесуваме и тогаш и тие ќе се приклучат на процесот. Сега се толку летаргични, скептични и велат – кога институциите не функционираат, зошто јас да се однесувам добро кон градот? Кога ќе покажат институциите дека обезбедуваат услуги и дека се грижат за градот, тие сами ќе се приклучат. Во моментов гледаме нешто сосема спротивно. 

 

Сите ве прашуваат што ќе правите ако бидете избрана за градоначалник. Јас ќе ве прашам – што нема да правите? 

Нема да ги затворам вратите на Град Скопје, нема да поставувам некомпетентни лица на функции и тие треба да бидат професионалци за она што ќе го работат, а политичкиот беграунд да биде најмалку важен. Ќе ги погледам почнатите и нереализирани проекти и она што е добро ќе го завршам. Нема да ги држам во фиока.

 

Сушата и недостигот на вода беше едно од најгорливите прашања летово. Има ли лимит колку вода може да обезбеди за Скопјани изворот Рашче и како ќе се справите ако нема доволно вода поради претераната урбанизација?  

Изворот Рашче може да произведе доволно вода за скопјани. Но, она што треба да направиме е да почнеме порационално да ја трошиме водата за пиење. Скопјани мора да користат техничка вода за полевање и за миење на улиците, а не чиста и мора да се направи јавна динстинкција меѓу нив двете. Постојат системи во градот кои можат да се поврзат и да обезбедат вода за граѓаните за полевање и за други услуги. 

 

Според вас, нема опасност Скопје да остане без вода? 

Според податоците што ги имам, не би требало. Има и други можности за обезбедување вода кои се истражувани во минатото и за кои не би говорела во овој момент. Ако ги добијам податоците, и тие опции ќе ги истражам. Секако, ќе бидат потребни нови инвестиции, но станува збор за резервна или бекап варијанта на изворот Рашче, што Скопје мора да ја има.

Проблемот со водата не е резултат само на нерационалното користење, туку и на два други елемента. Едниот се дивите приклучоци преку кои се користи вода а не се плаќа, и вториот е лошата состојба на инфраструктурата за водоснабдување. Долги години немаше воопшто интервенции на неа, иако знаеме дека има големи загуби на водата кои стигнуваат до 60 отсто. Практично се расфрламе со водата. Да биде појасно за граѓаните, тоа значи дека ако 100 литри вода влезат во системот на крајот ќе стигнат само 40 литри, а другото се губи некаде по пат, се краде или се користи нерационално.

И, тука гледам и друг проблем. Ние не работиме доволно на одржување на постојната инфраструктура. ЈП „Улици и патишта“ е во многу лоша состојба. ЈП „Водовод и канализација“  исто така во многу лоша состојба. Инфраструктурата за отпад  е во многу лоша состојба. ЈП „Паркови и зеленило“  – во исклучително лоша состојба. Практично, и тоа што имаме не го одржуваме и значителен дел од средствата на Градот треба да одат за оваа цел. Нема да ни вреди тоа што го градиме ако не почнеме да го санираме она што го имаме. 

 

Во кампањата речиси не се споменува „Скопје 2014“. Што ќе се случи со недоправените или уништените фасади и објектите што прокиснуваат? Ќе има ли некаков фејслифтинг на центарот на градот бидејќи сега е антиреклама за туристите?

Ова е еден од полошите проекти што му се случија на градот. Но, реалноста е таа и штетата е направена. Непродуктивно се потрошени сретства кои можеа да се искористат за многу подобра намена отколку за градење споменици. Но, најлоша опција во моментов е да оставиме тоа така да изгледа. Планирам да седнам на маса со луѓе кои се разбираат од таа област и да видиме кое е најоптималното решение за да ги санираме, а да не трошиме многу пари на граѓаните околу тие објекти и споменици, за кои гледаме дека повеќето пропаѓаат. Секако, по судската одлука, мора да се размислува и за галиите во Вардар. Мислам дека местото не им е тука, како и на жалните врби кои мора веднаш да се остранат. Треба да се исчисти коритото на реката, да се уреди патеката од Ѓорче Петров до Аеродром од околу 20 километри и кејот да остане место за рекреација на скопјани. Дел се користи веќе, но е во многу запуштена состојба, а патеките не се санирани изминатите неколку години.

 

Ја споменавте Дрисла и справувањето со отпадот. Бидејќи тоа ќе биде комплексен и скап процес, како ќе го направите конкретно, чекор по чекор? Ако не завршиме со современа инсталација за согорување и натаму ќе трупаме отпад.

Опцијата (за инсталација) за согорување на отпадот стои, но ние во моментов немаме поставено структура за да можеме да работиме на такво нешто. Прво треба да почнеме со селекција на отпадот, нешто што досега не беше применето воопшто во Скопје. Мора да обезбедиме опрема  – канти, контејнери и камиони кои ќе работат исклучиво со селектиран отпад. Паралелно треба да се обезбеди нова опрема и за комуналниот отпад, бидејќи постојната е недоволна, сериозно девастирана и во никаква состојба, а пред сѐ нехигиенска и ужасно изгледа. Верувам дека бројот на канти и на контејнери треба двојно да се зголеми.

Притоа треба да се исчистат дивите депонии и да се решава проблемот со Вардариште, кое ќе се огради и ќе биде под постојан надзор. Тоа секако ќе остане како претоварна станица, но таа ќе биде направена според европските стандарди. Таму ќе има до-селекција на отпадот, за негова повторна употреба и за прераспоредување на останатото таму каде финално ќе се преработува. Знаете дека отпадот може дури и да се извезува и дека многу земји од нашето опкружување бараат отпад за да прават од него енергија или нови производи, вклучувајќи и негово претворање во градежен материјал. Останува да се реши и проблемот со кабастиот отпад кој граѓаните, често од незнаење, го оставаат покрај контејнерите. За тоа ќе подготвиме јасен и ефикасен редослед на собирањето.

 

Ќе работите на нов ГУП за градот. Како ќе се справите со претераната бетонизација и узурпирањето на државното земјиште?

Скопје мора малку поурбанистички да се развива.

 

Сите викаат така, но прашањето е на кој начин?

Ќе мора да се донесе новиот урбанистички план, но прво да се погледне во кои рамки е изработен и какви му се предвидувањата. Јас велам дека мора да има строги правила за зачувување на зелените површини и јавните простори и тоа мора така да биде утврдено во планот. Мора да се развие програма за ревитализација на јавните простори, нешто што може да биде постигнато во краток рок. На среден рок предвидувам развој на визија за Скопје до 2050 година. Веќе се консултирав со урбанистите со кои работев на изработка на програмата и побарав да направат проценка  во кои делови Скопје треба да се развива во иднина, а каде треба да застане. Мислам дека ќе успееме да го направиме тоа и да го презентираме на јавноста можеби до првиот изборен круг. 

Во план е и програма за реконструкција и модернизација на постојните јавни објекти што се под надлежност на градот и да им се даде на граѓаните дигитална алатка преку која ќе ја следат изработката на урбанистичкиот план од почетокот до крајот, да ги изразат своето мислење и да добијат одговори – а не како досега во пет до дванаесет да бидат повикувани на јавна расправа. Ако стане процесот јавен, нема да има носење на урбанистички планови под маса заради разни инвеститори кои имаат интереси во тоа. 

 

Сите градоначалници најавуваат изградба на нови паркови, па и мега паркови, а се напаѓаат клучните зелени зони. Само во кампањава се најавува осветлување на Водно, изградба на паркинг кај Матка, забава на кејот на Вардар покрај Градскиот парк… Предвидувате ли некаква заштита за нив?

Тие се споменати во програмата, бидејќи веќе неколку години не можат да се донесат законите со кои ќе се прогласи Матка за заштитена зона и ќе се ре-прогласи Водно, со оглед на тоа дека има разни степени на заштита. Но, активности кои значат нивна урбанизација нема да дозволам. 

Понудата на главниот ривал, Орце Ѓорѓиевски, да ја вработи во неговата администрација Шукова ја смета за недобронамерна и омаловажувачка (Фото: Б. Грданоски)

 

Вашиот противкандидат Орце Ѓорѓиевски се пофали дека ќе биде првиот градоначалник во чие време ќе биде изградена подземна улица во Скопје…

Подземната улица веќе е изградена како една од обврските на „Лимак“ и за да стане функционална треба само поврзување. Тоа, исто така, е еден од капиталните проекти во мојата програма, во која јасно стои дека планирам поврзување на тунелот под трговскиот центар „Дајмонд“, а не негова изградба на нешто што е веќе изградено. 

 

Скопската зоолошка градина поминува низ агонија. Што ќе преземете таму? 

Во текот на оваа кампања бев во Зоолошката градина заедно со, можам да кажам, најуспешниот директор Галетановски, и видов со каков респект се однесуваа вработените кон него и како оценуваат дека во негово време била пример за регионот. Таа сѐ уште функционира бидејќи вработените даваат максимум од себе, при што самите кажуваат дека нема нови инвестиции, дека буџетот им е намален и дека многу често од свој џеб даваат пари за основните работи, а во интерес на децата, бидејќи има многу посетители од Македонија и пошироко. Таа е вклучена во  проектот за мултифункционален забавен дел за најмладите за кој ќе бидат потребни нови инвестиции. Со тој проект, што го изработи пред пет години италијанска компанија за Петре Шилегов, а Италијанците се водечки во овој сектор, се предвидува изградба и на аквариум и ботаничка градина во која децата ќе можат да научат нешто, а потоа да се забавуваат во Луна паркот. 

 

Најавувате заштита на автентичноста на Старата чаршија, а и двата кандидати за градоначалник на Чаир предвидуваат доизградба на плоштадот Скендербег, практично новоградба. Кој има главна надлежност околу овој историски простор и како ќе ги синхронизирате плановите? 

Во Старата чаршија веќе има поставени настрешници кои се дивоградби и треба да се остранат. Се знае кој е статусот на Старата чаршија и каква треба да остане – во рамките на традиционалната архитектура што ја прави да биде Стара чаршија.

 

Но, таму веќе има објект во грчки стил, во бело-сина боја и се вика „Атина“.

За да не се случува ова, мора да има соработка меѓу Градот и општината Чаир. Не може кој што сака да прави во Старата чаршија. Мора градот да се развива рамномерно и да имаме заедничка политика кон културното наследство. За отстапување од тоа ќе критикувам јавно. 

 

Рековте дека ќе го реализирате проектот за автобускиот транзитен систем, популарно БРТ, иако многумина сметаат дека треба да се смени трасата бидејќи ќе се уништи зеленилото. Има ли шанси  да го направите тоа? 

Јавните претпријатија на Скопје се во ужасна состојба, вели Каја Шукова (Фото: Б. Грданоски)

Трасата Исток-Запад од БРТ системот веќе е дефинирана- и тоа е тоа. Од времето на градоначалникот Шилегов има план што да се прави со зеленилото што постои сега – не да се ископа и да се фрли, туку сите дрвја да се засадат на други места. Од двете страни на коридорот ќе има многу повеќе зеленило со кое ќе се надомести остранетото во центарот на градот. Убаво е, не велам дека не е, но тоа не ни го решава проблемот со јавниот превоз. Друга опција нема, бидејќи во спротивно треба да се менува целиот проект и да се спроведат одново сите постапки за проценка на влијанието на животната средина и на економските и социјални услови. ЕБОР го спровела тоа и таа е многу ригорозна. Трасата е одбрана врз основа на студија која утврдила повеќе решенија и оценила дека ова е најоптималното. Работеле и домашни и странски експерти на неа, но сега молчат. Така што, зеленилото нема да се фрли, а околу лентите на коридорот ќе има уште повеќе зеленило. Покрај тоа, на повеќето од дрвјата им е поминат животниот век, а експертите ми кажуваат дека има дрвена маса во градот што треба да се исече итно и да се засади нова, бидејќи вака преставува закана за граѓаните. 

 

Орце Ѓорѓиевски јавно ви понуди работа во неговата администрација како иден градоначалник. Ја сфативте ли како искрена и добронамерна понудата? 

Не, ја сфатив обратно – не беше ни искрена, ни добронамерна. Не велам дека не можам да работам на било кое место во Градот во интерес на граѓаните. Но, ваквата ароганција не го носи Орце Ѓорѓиевски во вистинска насока. Изјавата беше лошо протолкувана во јавноста и мене ми беше многу непријатно од целата таа комуникација. Ова не е примерен однос кон противкандидат во трката. Ова е омаловажување, или барем притисок. Во една прилика ми се извини, но извинувањето отпосле не вреди. Можам и јас да му дадам епитети, бидејќи го знам неговото искуство и начинот на однесување, но се воздржувам – и ќе се воздржувам и натаму. Граѓаните треба да знаат кои се нашите планови, која ни е визијата за Скопје и како ќе се реализираат. Нападите, омаловажувањата и ароганцијата не ги решаваат проблемите на скопјани.

Договорен е вечерва меѓу вас двајцата телевизиски дуел, очекувате ли дека ќе дојде?

Јас ќе дојдам, за него не знам.