Интервју со Ирина Пановска-Ставридис: Голем одѕив за дарители на коскена срцевина


Доброволен донор на коскена срцевина може да биде секое здраво лице, на возраст од 18 до 50 години, без сериозно заболување во минатото, вели директорката на Клиниката за хематологија, д-р Ирина Пановска-Ставридис, во интервју за „Независен весник“. Потенцијалниот донор е потребно да даде само пет милилитри венска крв за да биде запишан во регистарот на донори. Во македонскиот регистар има само 3.500, а во  светскиот регистар над 30 милиони донори.

Една недела измина откако започна националната кампања „Биди срцевина, биди херој“. Се јавија ли доброволни дарители на коскена срцевина?

Видлив е интересот. За помалку упатените, минатата недела Клиниката за хематологија во соработка со Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ, како и со поддршка на Министерството за здравство, ја стартуваше националната кампања од  исклучителна важност „Биди срцевина, биди херој“. Целта на оваа кампања е подигање на свеста за хуманоста, промовирање на солидарноста и засилување на можноста преку запишување во националниот дарителски регистар секој да може да се понуди да спаси човечки живот, дарувајќи коскена срцевина, односно матични крвни клетки. На наше огромно задоволство, кампањата веднаш беше препознаена, прифатена и поддржана од страна на медиумите и социjaлните мрежи. Граѓаните покажаа високо чувство за солидарност и хуманост. Има голем одѕив и интерес од страна на нови потенцијални донори.

Дали од година во година се подига свеста кај граѓаните да станат дарители?

Свеста за донација на матични крвни клетки, хуманоста и желбата за спасување на човечки живот на болен со сериозно смртоносно заболување е на многу високо ниво во европските земји. Во Светскиот регистар на доброволни донори, пријавени се над 30 милиони потенцијални донори на матични крвни клетки. Овој број е во континуиран пораст. Нашиот национален регистар е член на ова големо семејство од 2013 година. Во моментов тој брои 3.500 донори. Неопходно е да се зголеми овој број. Тоа е и основната цел на нашата кампања. За подигање на свеста, потребна е континуирана едукација на населението. Сакаме да ги запознаеме граѓаните со едноставноста на процесот, големата хуманост на гестот и можноста да спасат нечиј живот. Клиниката ги активираше сите расположливи капацитети за едукација и промоција на овој благороден чин.

Во Хрватска има 60.000 дарители. Колку дарители треба да има во регистарот за да е на задоволително ниво?

Листата на потенцијални донори е менлива категорија како здравјето. Во моментот во хрватскиот регистар се запишани 60.000 донори. Според бројот на население, кај нас треба да имаме најмалку 20.000 потенцијални донори. Со тоа ќе се зголеми можноста за нашите пациенти да се најде донор во националниот регистар. Формулата е едноставна, донор повеќе, шанса за живот повеќе.

Колку пациенти од земјава имаат потреба од трансплантација на коскена срцевина и веќе се ставени на листа на чекање?

Нашата клиника има повеќегодишно искуство со трансплантација на коскена срцевина. Од вкупно 500 тераписки интервенции, 57 се направени лани. Стручниот медицински и технички кадар е подготвен и постојано се надградува со знаење и искуство за сите предизвици. Токму затоа на Клиниката за хематологија нема листа на чекање. Оваа година досега се спроведени над 20 интервенции. Во јануари потпишавме Меморандум за соработка со Клиниката за детски болести и започнавме да лекуваме и деца постари од три години со процедурите на трансплантација. Успешно е спроведена првата несродна трансплантација кај 13-годишно дете. Годинава изведовме и три полуидентични трансплантации, последната, најсовремена интервенција која недостасуваше во спектарот на услуги од оваа област.

Стандардизирањето на различни видови трансплантација според европските норми е големо остварување за нас не само како експерти. Така застануваме рамо до рамо со најреномираните светски центри. Нашите осигуреници имаат опција плус за излекување во рамките на јавно-здравствениот систем. За подигање на свеста, потребна е континуирана едукација на населението.

Кој сè може да биде дарител на коскена срцевина и да се приклучи во регистарот на дарители? Има ли идеален дарител?

Доброволен донор на коскена срцевина може да биде секое здраво лице, на возраст од 18 до 50 години, без сериозно заболување во минатото. Иницијално, потенцијалниот донор дава само пет милилитри венска крв. Во тој примерок се прават специфични анализи и се одредува генетскиот печат на донорот наречен генотип. Тој податок се чува во базата на националниот регистар. Преку регистарот овие информации се разменуваат со Светскиот регистар на доброволни донори, со што се зголемува шансата да се најде најидеалниот совпадлив донор за секој пациент. Комплетна идеална генска совпадливост меѓу донорот и болниот е предуслов за успешно изведена трансплантација.

Кои се постапката и начинот за давање на коскена срцевина?

Постапката и начинот на изведување на оваа процедура не им се доволно познати на граѓаните. За да се типизира еден донор и да стане дел од Националниот регистар на дарители, сè што треба е да дарува крв на Институтот за имунологија. Понатаму, ако тој се совпадне со некој пациент, постапката може да продолжи на два начина. Најчесто се користат периферни матични крвни клетки. Неколку дена пред постапката, донорот добива поткожни инјекции кои ги стимулираат матичните клетки од коскената срцевина да излезат во периферна крв. Потоа овие клетки се собираат преку венска линија на апарат за клеточна сепарација на Институтот за трансфузиона медицина. Процедурата е релативно едноставна и безбедна за здравјето на донорот. Тој може да се врати по неколку дена во вообичаената дневна рутина, а количината дарувани крвни матични клетки се регенерира за пократко од две недели.

Лани почна да се спроведува и трансплантација од несроден донор. Во каква состојба е сега првиот пациент и дали беа направени и други трансплантации од несроден донор?

Пациентот што влезе во историјата на македонската медицина, како прв пациент лекуван во јавното здравство со методот на несродна трансплантација, пет месеци по интервенцијата е здрав и во одлична општа состојба. Тој редовно се контролира на нашата клиника. Нему матични крвни клетки му подари 23-годишна девојка од Полска. Во јануари годинава успешно се изведе и првата несродна трансплантација кај 13-годишно момче со апластична анемија. Само што ја реализиравме и третата несродна трансплантација кај пациент со акутна леукемија кој доби матични клетки од 19-годишен донор од Германија. Воспоставивме систем за лекување со овој метод кој се одвива непречено и е стандардна рутинска процедура на клиниката.

Дали од Фондот го зголемија буџетот за годинава за Клиниката за хематологија?

Ресорното Министерство и Фондот за здравствено осигурување целосно ги поддржуваат сите проекти на Клиниката за хематологија, ценејќи ги за исклучително важни за подигнување на квалитетот на здравствени услуги во јавното здравство. Ни помогнаа да го обновиме одделот, да обезбедиме европски стандарди и услови за хоспитализација. Обезбедувајќи средства, ни обезбедија  непречен пристап до светскиот регистар на доброволните дарители и набавка на потребните современи лекови за безбедно спроведување на несродната трансплантација.

Има ли Клиниката доволно кревети за пациенти кои сакаат приватно да се лекуваат?

Тимот на Клиниката за хематологија е подготвен да понуди лекување и на приватни пациенти, но за жал, капацитетот на Клиниката не е доволен во смисла на број на кревети. Секогаш предност имаат македонските осигуреници и поради тоа во дадени ситуации не можеме да прифатиме приватни пациенти.  Интензивниот процес на создавање соодветна инфраструктура на Клиниката ни помогна да станеме регионален центар за хематолошки заболувања и трансплантација на коскена срцевина.

 Се соочува ли Клиниката со недостиг на кадар?

Ми претставува задоволство што можам да кажам дека на Клиниката нема недостиг од кадри. Во изминатиот период реализиравме многубројни вработувања. Беа вработени четворица млади доктори, првенци на својата генерација. Беа вработени веднаш по завршувањето на Медицинскиот факултет. Самите велат дека не планираат да заминат, бидејќи нашата Клиника им нуди можности за напредок и понатамошен развој во добри експерти. Сметам дека овие наши млади лекари се иднината на нашето јавно здравство. Со нашиот пример започнавме да ги кршиме стереотипите, на младите лекари им ја вративме надежта, а на пациентите ќе им ја вратиме довербата во македонското јавно здравство.

Вероника Мароска-Леова

Фото: Борис Грданоски