Интервју со Христијан Мицкоски: Убеден сум, ќе има цензус


Тврдите дека нема да одите на бојкот во вториот круг, а по тесната разлика со СДСМ, веројатно, немате ни причина за тоа. Ама, како ќе се справите со бојкотирачите во своите редови кои отворено повикуваа на апстиненција уште во првиот круг? Ќе ги исклучувате ли и нив од партијата, како што ги исклучивте или разрешивте оние што изразија одредена поддршка кон Преспанскиот договор?

– Јас не би правел таква груба поделба дали имаме или немаме бојкотирачи во своите редови. Претпоставувам дека и СДСМ има бојкотирачи, гледаме дека и ДУИ имала бојкотирачи во своите редови и би бил помек во коментарот. Би рекол дека определена група граѓани одлучија да апстинираат во првиот круг, а одредена група одлучија да гласаат, и тоа е некаде околу 42 проценти. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ, споредено со коалицијата што застана зад Пендаровски, а која ја предводат СДСМ, ДУИ и останатите, победи во 47 општини, односно победи нашиот кандидат и иден претседател Гордана Силјановска-Давкова. Освоивме 42,5 проценти од гласовите на онаа група граѓани кои одлучија да гласаат на претседателските избори. И онаму каде што имавме директна конкурентност со СДСМ ги поразивме. Имаме нагорна линија, очекуваме поголем број граѓани да се охрабрат и да застанат зад политиките на идниот претседател Силјановска, да ни се придружат во првиот круг и таа победа да биде уште поуверлива. Тоа го темелиме на основа на тие анкети што ги правиме по првиот круг. Јас сум убеден дека ќе има цензус, ако е тоа суштината на вашето прашање.

А, што ако нема цензус? Премиерот Заев предупреди дека во таква ситуација се можни нови политички кризи, застој на процесите…
– Ова прашање има два дела. Јас лично не можам да му верувам на Зоран Заев, затоа што тој досега брутално се коцка со вистината, а можам да кажам и дека ретко кога ја говори. Не би можел да се потпрам на тоа што тој го изјавува. Но, доколку вие сега претпоставувате некое сценарио, што доколку нема доволен број излезени гласачи, ќе треба да седнеме и да видиме како понатаму. Јас сум убеден дека ќе има доволно гласачи, дека ќе има цензус и дека професорката Силјановска-Давкова е идниот претседател. Јас би ви дал еден совет – овој тип политичари, кои често знаат да се коцкаат со вистината и најчесто не ја говорат, да не ви бидат поткрепа во градењето на ставовите и во перцепцијата на реалноста. Премиерот требаше да нè послуша и да распише предвремени избори. Се сеќавате на неговата театрална изјава дека ќе нè смачкал на избори, сега гледаме дека некој друг е згазен на овие избори. И тоа е вистината зошто не се охрабри заедно со претседателските да распише парламентарни избори, како што беше случај во 2009 со локалните избори и во 2014 година со парламентарните. Тогаш, претпоставувам, немаше денес да разговараме на оваа тема.

Салдото на ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори, како и на локалните, се сведе главно на гласовите на верното или традиционално избирачко тело на партијата. Како планирате да ги придобиете неопределените гласачи без јасно дистанцирање од политиките на вашиот претходник Груевски кои експлицитно беа казнети на последните локални избори, а и придонесоа за формирањето на СЈО, како и за настаните на 27 април?
– ВМРО-ДПМНЕ во минатото, а претпоставувам и во иднина, ќе флуктуира во одреден дијапазон гласови, јас би оценил дека тоа е од 200 илјади до 500 илјади. Ние денеска имаме реалност со 320 илјади гласа. Сепак, мерлива е онаа бројка што вие како процент ќе ја освоите од оние што излегле на гласање. Вие имате гласови на локалните избори, каде што се анимираат илјадници советници, потенцијални градоначалници и таа сега ја споредувате со резултатите на тројца кандидати за претседател. Но, и да е така, имајќи предвид дека дел од партиите што тогаш беа со нас се со Зоран Заев, можам да заокружам дека ние ја освоивме истата бројка на гласови. Кога сега би биле таков тим на локални избори, ние би имале 47 градоначалници, што е многу повеќе од петте што ги имаме сега, за разлика од нашиот политички конкурент што се окрупни заедно со ДУИ, а сега заедно имаат пад од 150 илјади до 200 илјади гласа. Ако имате како владејачка коалиција пораз на референдум, ако имате пораз на вашите политики на претседателските избори, час поскоро треба да организирате предвремени парламентарни избори затоа што очигледно е дека нешто правите погрешно. Затоа што суверен владетел на процесите е народот, а народот ви вели „не ми се допаѓаат вашите политики, ние бараме поинаков тип политики“.. Пораката е јасна и очекувам дека премиерот конечно ќе го одржи зборот и ќе распише предвремени парламентарни избори – не за да победи ВМРО-ДПМНЕ, туку за народот да одлучи дали метлата е за оној кој е практично најголем виновник за таа метла.

Тоа со метлата ви дојде како добредојдено за да ја смените реториката во кампањата. Сега сте повоздржани во стигмата кон Преспанскиот договор или Законот за јазиците. Мислите ли дека ќе успеете така во последен момент, пред вториот круг, да придобиете поголем број гласови на етничките Албанци, кои, се чини, ќе бидат одлучувачки?
– Ако внимателно ја следевте нашата кампања, ќе видевте дека ние зборувавме за сите оние лаги, коруптивни скандали, бесмислени кревање на очекувањата од страна на овие политички измамници во Владата. Ние сме поразличен тип политичари од оние што битисуваат по принципот на Мирче Свињарникот – „евро за евро“, како што беше во минатото. Ние нудиме вистинско одење напред. Ние рефериравме за нивните лажни ветувања, за лошата економија, за иселувањата, неисполнетите ветувања кон младите, нереформираното образование, за крвавите тендери во здравството… Можам да ви зборувам до сабајле за сите други промашувања. Да, зборувавме и за Преспанскиот договор, еве сега ќе зборуваме и за метлата, затоа што тоа не е некој оригинален трик, туку бледа копија. Сега се создава една друга теза дека после метлата на Заев ќе му се придружат луѓе што имаат капацитет. Тоа е комплетна лага, проверен рецепт, кога не ти оди, да си го поткренеш рејтингот кај луѓето. Но, граѓаните знаат колку му тежи зборот на Заев. Овој истиот човек пред неколку месеци нè убедуваше дека ако ги смени тие луѓе ќе нема со кого да работи, а сега вели дека ќе игра метлата. Еве, да претпоставиме дека ќе има редовни парламентарни избори и дека има уште една година до нив. Кој е тој квалитетен човек кој знае дека Заев е опкружен со криминал, непотизам… а сепак ќе му се придружи – сега кога сите знаат дека завршило неговото време и дека ќе треба да одговараат. Тој само грчевито се држи за функцијата за да може да врват тендерите во четири очи и за да може да води политики по принципот на Мирче Свињарникот. Од друга страна, нема ништо против политиките на ВМРО-ДПМНЕ и мене, нема ништо против Силјановска, онаа смешна теза анти-ЕУ, анти-НАТО се распадна и сега ќе се враќаме на груевизмот од пред пет години. Луѓе, вие се боревте против тој груевизам, понудивте програма, ја нарековте „живот“, преку која требаше да се борите против слабостите на претходната влада. Вие сте веќе две години на власт и, наместо да ги решите тие слабости, вие ги продлабочивте. Тие се заробени во минатото, а ние имаме вистински план – како да се реформираат судството и обвинителството, затоа што тоа е есенција за подобра економија, за повеќе пари во буџетот, за повеќе субвенции. Имаме јасна визија како Македонија треба да изгледа за 10 години, како да биде технолошки тигар на Балканот и чекориме по тој пат.

Еве, да се согласиме дека има селективна правда, дека нема владеење на правото… ама вие зборувате како од вчера да е таква ситуацијата. Тоа е истото судство како и во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
– Не реков јас дека е од вчера. Ама нели викаа дека имаме „сваровски-судство“ и дека имаат решение за тоа. И народот ги изгласа. Се сеќавате дека Заев предводникот бојадисуваше и мачкаше згради – немало правда, немало мир… Две и пол години потоа судството не само што не е реформирано туку е отворено како пупка. Како ќе ги убедите граѓаните дека е навистина реформирано судството кога во Советот за реформи во правосудството, кој имал еден или два состанока, претседава премиерот на државата. Не може политичар кој има куп обвиненија во минатото денес да го реформира судството. Точно е дека тој го отвори судството како пупка, ама прашање е како сега ќе го затвориме.

Дали сметате дека вашите инсистирања за амнестија и за 27 април, но по заобиколен пат и за случаите што произлегоа од „бомбите“, како и бегањето од решавањето на статусот на СЈО, придонесоа за намалување на салдото на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори, дури и под нивото на гласови од 2017 година, кога преживеавте голем пораз на локалните избори?
– Јас знам дека амнестијата дојде на предлог на Министерството за правда, т.е. на Владата на Република Македонија што во тој момент ја водеше Зоран Заев.
Вие поднесовте предлог-закон за целосна амнестија.
– Точно. Ама не баравме ние целосна амнестија. Ние велевме овие луѓе треба да одговараат за стореното дело. Не можете луѓе кои учествувале во толпа или извршиле одредено насилство да ги третирате како терористи кои го нападнале уставниот поредок. Но, во парламентот, за потребите за обезбедувањето двотретинско мнозинство пристигна закон за селективна амнестија. Тоа никаде го нема – да одлучуваат судиите дали заслужувате амнестија или не. Овие компромиси што ги правеше Заев со правото и правдата допрва ќе имаат последици. За законот за СЈО, пак, ситуацијата е многу јасна. Моментно имаме обвинителство кое е надвор од Уставот, затоа што, според Уставот, Македонија може да има едно обвинителство, а не 15. Во тоа време бил постигнат политички компромис, тогашните политичари не воделе сметка за ова. Сега интенцијата е по завршувањето на мандатот на ова обвинителство да биде интегрирано во рамките на јавното обвинителство и да биде уставно. Нашиот став е обвинителите што ќе бидат вклучени да бидат изедначени – и по примања и по ингеренции, па кој е подобар нека биде наградуван. Не може тие да земаат по три пати поголеми плати. Тоа е недозволиво.

Александра м. Митевска
Фото: Борис Грданоски