Холандскиот амбасадор Воутер Пломп за „Независен“: СЈО треба да остане, а тој што се огрешил да одговара


Холандскиот амбасадор Воутер Пломп си заминува од земјава бидејќи му заврши четиригодишниот мандат. Во интервју за „Независен весник“, тој нагласува оти секој што се огрешил пред законите – мора да одговара, алудирајќи на последните случувања околу СЈО, но институцијата мора да продолжи да работи. Тој смета дека предвремените избори не се решение за моменталната политичка криза. Пломп најавува и дека Холандија набргу ќе го ратификува договорот за членство во НАТО. Кога е во прашање датумот за преговори со ЕУ, амбасадорот вели оти одлуката ќе зависи од многу фактори, но нè охрабрува да продолжиме со реформи, не поради Брисел туку поради нас самите. Како еден од идните главни предизвици на земјата ја смета заштитата на животната средина, со акцент на загадениот воздух.

Господине Пломп, вашиот мандат како амбасадор на Холандија завршува. Дојдовте во една Македонија, си заминувате во друга. Дури и со променето име. За човек кој е однадвор, а ги гледаше настаните однатре, колку голема изгледа промената што се случи?

– Сè уште е истата прекрасна земја и истите пријателски настроени луѓе благодарение на кои од првиот ден се чувствував како дома. Сепак, секако дека постои голема разлика од состојбата на заробена држава, како што беше опишувана во времето кога пристигнав тука, до држава која воспоставува пример за добрососедски односи во целиот регион и која е само на чекор до тоа да стане членка на НАТО.

Холандија постојано вели дека проценката за Македонија околу датумот за преговори со ЕУ е правична. Што се подразбира под таа правичност?

– Европската Унија е унија на вредности и нивото на почитување на овие вредности во една држава има директно влијание врз сите останати. Холандија отсекогаш била строга во врска со условите што треба да се исполнат со цел да се почнат преговорите или да се добие членство во Унијата. Правичноста во нашиот пристап подразбира дека изодуваме дел од овој пат заедно со Северна Македонија обезбедувајќи конкретна и практична поддршка во исполнувањето на споменатите услови. Внимателно ја следиме состојбата со владеењето на правото бидејќи тоа ни е важно. Во последните дваесетина години имаме обезбедено повеќе од 200 милиони евра директна поддршка за проекти од областа на правосудството, јавните финансии, образованието, полицијата и културата. Покрај тоа, голем број холандски експерти имаат работено заедно со овдешните институции помагајќи им да достигнат повисоки стандарди. Како што многупати имам кажано, функционален систем на владеење на правото не е задача што треба да се исполни бидејќи ЕУ тоа го бара, туку бидејќи граѓаните на Северна Македонија сакаат и бараат да живеат во просперитетна држава со добри и правични можности за сите.

Десетици пати изјавивте дека за Холандија продолжувањето на работата на Специјалното јавно обвинителство е исклучително важно. Oставката на Катица Јанева и истрагата за висока корупција во која се споменува и таа претставува драматичен удар за угледот на СЈО. Има ли иднина СЈО по овој голем скандал?

– Одговорноста е основа на системот на владеење на правото и секој, без оглед на својата функција или политичка припадност, треба да одговара за сите минати, сегашни или идни кривични дела. Специјалното јавно обвинителство беше основано во период кога регуларното јавно обвинителство не преземаше активности против високиот криминал и корупција, и успеа, над сите очекувања и наспроти сите тешки околности, да започне и да процесира одреден број случаи. Холандија, неколку други држави од ЕУ, како и САД, инвестираа во градењето на капацитетот на оваа институција овозможувајќи ѝ да работи по највисоки стандарди. Верувам дека за Северна Македонија и нејзините граѓани може да биде само придобивка доколку овој човечки капитал и институционален капацитет се интегрира на еден или друг начин.

Може ли Холандија во октомври да не даде зелено светло за датум за преговори за членство во Европската Унија доколку нема договор за СЈО?

– Одлуката за започнување на преговорите што треба да биде донесена во октомври зависи од повеќе фактори. За Холандија се важни резултатите и континуираниот напредок. Очекуваме ефективна борба против високиот криминал и корупција и одржлив напредок во реформскиот процес.

Пред една недела изјавивте дека опозицијата треба да понесе одговорност за законот за СЈО. Таа сега бара итни предвремени избори. Може ли Македонија да си го дозволи тој луксуз, во моментите кога треба да се одлучува за датумот и треба да заврши ратификацијата на Протоколот за НАТО, да загуби половина година на избори?

– Сметам дека Северна Македонија не може да си дозволи да губи време во моментов и не гледам како изборите би биле решение на кој било проблем. Владата и сите политички чинители треба да се фокусираат на остварување резултати и спроведување на законите во пракса. Доаѓам од држава во која за тешките прашања се дебатира сè додека не се најде решение што ќе биде прифатливо и корисно за сите. Секако дека ова не е лесен процес, но на долг рок дава одржливи резултати и позитивни промени.

Кога се очекува Холандија да го ратификува Протоколот за НАТО?

– Претставничкиот дом веќе го ратификуваше протоколот, додека дебатата во Сенатот е закажана за во септември. Се надеваме дека многу наскоро ќе можеме да ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија како триесетта земја членка на НАТО. Со нетрпение ја очекуваме Северна Македонија како 30. членка на НАТО.

Охрид се бори да го зачува статусот во УНЕСКО, а неколку дена подоцна никнува дивоградба – пицерија, па уште со свечено отворање и политички претставници на власта. Има ли правна, политичка и општествена логика во сето тоа или никој не води грижа за владеење на правото?

– Владеењето на правото е подеднакво важно на национално, локално и индивидуално ниво. Оттука, драго ми е што претседателот на Владата изјави на една од последните конференции за медиумите дека доколку локалната власт не преземе мерки, тоа ќе го направи Владата. Охрид е едно од најважните и најубавите места во цела Европа, а исто така е место што секоја година привлекува сè повеќе холандски туристи. Овој раст на туризмот мора добро да се управува и да се планира. Охрид, исто така, заслужува да биде добро заштитен и зачуван од сите нас.

По речиси две децении, во земјава е најавен попис што треба да се реализира идната година, но веќе слушаме дека е можен бојкот на операцијата. Како го објаснувате тоа државата да нема сили да реализира операција како пописот, кој е од суштинско значење на развојот на земјата?

– Пописот е важна операција за секоја држава и за сите граѓани бидејќи има влијание врз повеќе аспекти од нивниот живот, од услугите што ги добиваат до организацијата на изборите. Се работи за заедничка одговорност на сите политички лидери да покажат во пракса дека сакаат Северна Македонија да биде зрела демократија и да ја спроведат оваа операција која веќе одамна требало да биде направена.

Кои се главните предизвици за Македонија во следниот период?

– Како човек кој е заљубен во вашата земја, нејзините прекрасни планини и езера, би можел да кажам дека еден од главните предизвици е заштитата на животната средина, за што е потребно заедничко залагање од централната и локалната власт, но и од граѓаните и деловниот сектор. Природата е едно од најголемите богатства на Северна Македонија што треба да се заштити. Зимата ќе дојде заедно со загадувањето на воздухот кое секоја година е сè полошо – и самиот можев да го почувствувам тоа. Потребен е сериозен долгорочен план што добро ќе им биде објаснет на граѓаните и што методично ќе биде спроведуван најмалку 10 години. Владеењето на правото, функционална јавна администрација и независно судство се од клучна важност за благосостојбата на граѓаните, но најмногу од сè: солидни и еднакви можности за младите луѓе да останат овде и да придонесат за развојот и напредокот на државата.

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски