Интервју со Дејан Павлески: Очекувам 2021 да биде успешна во привлекувањето инвестиции


Шведскиот бренд „Nick’s“, кој веќе има капацитет во Битола, ќе отвори центар за истражување и развој за сите нивни компании во целиот свет. Имаме и многу сериозен инвеститор од САД кој речиси е извесно дека ќе инвестира. Во моментов има уште две компании за кои што веројатноста да инвестираат во нашата земја е голема

Од средбите со домашните компании, со постоечките странски инвеститори и со нови заинтересирани компании, ми дава за право да кажам дека 2021 ќе биде успешна година, секако доколку се стави под контрола пандемијата, вели Дејан Павлески, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот

 

Мирче Јовановски 

Колку ковид кризата ќе ги смени навиките на инвеститорите во светот и како македонската економија ќе се постави во овој нов амбиент за да биде привлечна за нови странски инвестиции, но и да ги поттикнува домашните да произведуваат производи кои ќе може да се пласираат во странство. Пред овие прашања е исправена и Агенцијата за странски  инвестиции и поттикнување на извозот, како една од клучните алки за комуникација со странските и домашните инвеститори. 

Дејан Павлески, директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во интервју за „Независен“ вели дека 2021 година ќе биде клучна во тој поглед. Тој очекува годинава да продолжи трендот кој започна во 2018 година со рекордни 625 милиони евра странски инвестиции и 363 милиони една година подоцна, а кој лани беше прекинат поради ковид кризата. Но, и дека шансата за македонската економија е зголемување на извозот, при што тој потенцијалот го гледа најмногу во агри секторот, текстилната индустрија, прехранбената индустрија, електро металната индустрија, за ИКТ индустријата…

Господине Павлески, пандемијата со КОВИД-19 целосно ги промени околностите во кои дејствуват компаниите, но и државните институции. Како во вакви околности Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ги извршува активностите за кои што е основана – привлекување странски инвестиции и промоција на извозот?

Факт е дека условите за работа се сосема поинакви од она што беше претходно, но тaква е ситуацијата во целиот свет. Првичниот удар беше тежок за бизнисот. Тоа го покажуваат и податоците со страшни падови во првите неколку месеци од „заклучувањето“ на државите. Но, потоа, економските токови почнаа да се враќаат, па податоците од крајот на годината покажуваат дека имаме ситуација во која што индустриското производство е поголемо од крајот на 2019 година. И извозот полека се враќа во некоја нормала.

За нас како Агенција за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот предизвикот е голем, затоа што со „затворањето“, ги немаме стандардните активности кои што функционираа претходно, можностите за физички посети и особено саемското претставување на кои учествуваа компаниите со потенцијал за извоз на производи. Ние поддржуваме учество на пет саеми, генерално за текстилната индустрија, прехранбената индустрија, електро металната индустрија, за ИКТ индустријата…

Тие минатата година воопшто ги немаше?

Ги немаше, се презакажаа за оваа година, но во втората половина на 2021 година. Останува да видиме што ќе се случува во тој поглед а ние да сме подготвени.

Агенцијата во ваквите околности се преструктуира во делот на она што значи електронски платформи,и електронска комуникација. Направивме модернизација на информатичката инфраструктура, сега имаме стабилна интернет мрежа за да може нормално да функционираме, да одржуваме редовни контакти и он лајн состаноци.

На почетокот на годината склучивме протокол за соработка со сродната агенција во Република Грција, следниот чекор е да го операционализираме тој протокол во план со активности за што во текот на овој или наредниот месец следува средба.

Во што би се состоела соработката со грчката агенција, дали на планот на привлекување странски директни инвестиции, или во делот на споделување на нивното искуство…?

Тоа е агенција која е сродна со нашата агенција – за привлекување на странски директни инвестиции и промоција на извозот, така што првично е споделување на искуствата. Второ, да видиме кои се можностите за соработка, во смисла на регионален пристап, што исто така е важно. Ние не велиме дека ќе бидеме конкуренција со сите и ќе се бориме со сите околни држави кој каде ќе привлече инвестиција, иако тоа е легитимно бидејќи секој го прави тоа за својата држава. Но, можностите не секогаш се само во локалната економија тука е и перспективата од гледна точка на регионот и обезбедување на „локални добавувачи“ односно добавувачи кои се „блиску’. На пример производители каков што е ‘Ван Хол’, кој има финален производ, автобус и го продаваат како таков, имаат потреба од многу добавувачи и најдобро е ако тие се тука, блиску, за да може да функционира тој синџир поефикасно.

Во случајов, во Грција има една инвестиција за производство на електрични автомобили и ние треба да ги гледаме можностите во контекст –што можеме да искористиме во тој синџир на снабдување за таа фабрика. Или ‘Сименс’ кој за фабриката, во Крагуевац, за производство на трамваи имаат потреба од многу добавувачи што треба да ги задоволат нивните потребите. Затоа и е многу важна соработката на регионално ниво.

Вкупната вредност на инвестициите на овие четири компании е над 20 милиони евра, со околу 2.000 нови вработувања

Пандемијата ја покажа ранливоста на големите синџири на снабдување во вакви вонредни околности. Има повеќе анализи кои укажуваат дека претстои нов пристап во инвестирањето – поблиску до производствените капацитети. Колку Македонија е подготвена и што прави да го искористи ова за да привлече повеќе странски инвестиции?

Да, и ниар шорингот (near-shoring), односно враќање на производствените процеси поблиску до пазарите за кои се наменети, нуди перспективи и шанси, бидејќи актуелната криза на површина исфрли многу проблеми во транспортот и во снабдувањето од добавувачи од Далечниот Исток.

Но, јас зборувам како за шанса, како можност, а не и за исклучување на останатите можности. Кога зборуваме за економија секогаш треба да имаме отворени врати и соработка со сите, особено со оние кои што ни се блиски во регионот. Факт е дека оваа криза во моментот покажа дека има проблем со испораки на големи дистанци и големите компании размислуваат за преструктуирање на нивните синџири на снабдување, особено снабдувањето со клучните елементи да биде што е можно поблиску до нивните производствени капацитети.

Исто така, јас гледам можност и во новата позиција на Велика Британија по Брегзит и нивните активности, во смисла на воспоставување нови трговски партнерства. Ние со Велика Британија кон крајот на минатата година склучивме Договор за партнерство и соработка и трговија, а на почетокот на годинава со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи имавме состанок со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на британскиот премиер Борис Џонсон, на кој што беа разгледувани перспективите за искористување и валоризација на можностите од договорот. Потоа, тие имаа средба и на ниво на кластери и на ниво на комори. Знам дека ИКТ секторот има сериозна соработка и во тој сектор има големи можности. Улогата на Агенцијата во овој период е да бидеме проактивни и сме проактивни. Секако, има и други можности, разни виртуелни саеми, конференции, настани, вебинари.

Оваа година и за нас ќе биде клучна и битно е како ќе се поставиме да функционираме, затоа што мислам дека нема веднаш да се врати она нормално што сите го очекуваме и што го знаме. Наше е да сме подготвени и флексибилни. Некои работи можеби се покажаа и како добри во овој период на корона, во смисла дека добар дел од работите може да се заврши со помош на технологијата која што ни стои на располагање и не секогаш се неопходни патувања.

Минатата година обемот на странски директни инвестиции во земјава беше прилично скромен. Дали Македонија е се уште атрактивна за странски директни инвестиции, има ли заинтересирани странски инвеститори, што е со нови компании?

Апсолутно да. Ако ги гледаме податоците, ќе видиме дека од 2018 година има зголемен интерес за инвестиции. Во 2018 година имавме 625 милиони евра странски директни инвестиции, што е апсолутен рекорд, додека пак 2019 беше втора најуспешна година со 363 милиони евра. Ако се погледне структурата на инвестициите по квартали ќе видиме дека инвестициите се интензивираат во третиот и четвртиот квартал во 2019 и во првиот квартал 2020 година кога исто така има тенденција на пораст. Во првиот квартал 2020 година имаме двојно повеќе странски директни инвестиции отколку во првиот квартал 2019, односно 120 милиони евра. Тој тренд беше реален и доколку ги немаше проблемите со пандемијата ќе продолжеше и годината ќе беше многу успешна, секако како резултат и на пристапувањето во НАТО. Генерално, во сите земји што пристапија во НАТО имаше зголемен интерес за странски директни инвестиции. Од она што го имам јас како впечаток од средбите со домашните компании, со постоечките странски инвеститори и со нови заинтересирани компании, ми дава за право да кажам дека 2021 година ќе биде успешна година, секако доколку некако се стави под контрола пандемијата. Можам да кажам дека имаме многу сериозен инвеститор од САД кој што пред неполн месец беше кај нас во Агенцијата, речиси е извесно дека ќе инвестира. За многу скоро оваа инвестиција ќе биде објавена.

Тоа што можам да го најавам со сигурност е инвестицијата на шведскиот бренд „Nick’s“, кој веќе има капацитет во Битола. Светски бренд кој што продава во целиот свет, станува збор за слатки чоколада, сладоледи, кондиторски производи без употреба на шеќер. Минатата недела во Агенцијата беше генералниот менаџер на компанијата, дискутиравме за новата инвестиција. Ги поттикнавме да отворат центар за истражување и развој. Според Законот за финансиска поддршка на инвестициите го поддржуваме отворањето на такви центри, но податоците ни покажуваат дека изминатите години тоа не беше доволно познато и не беше детектирано како потреба на компаниите. Сега тој сегмент, истражување и развој мислам дека ќе има поголем акцент и кај домашните и кај странските компании. ‘Никс’ тоа го препознаа и во Битола ќе отворат центар за истражување и развој за сите нивни компании во целиот свет. За почеток ќе инвестираат 4 милиони евра, 150 нови добро платени вработувања. И токму нашата земја ја гледаат како центар за производство на она што е клучно за нивните производи. Во моментов има уште две компании за кои што веројатноста да инвестираат во нашата земја е голема, едната е во авто – мото индустријата, односно производство на делови за авто-мото индустријата, а втората е во делот на прехранбената индустрија. Тие исто се со голема веројатност. Вкупната инвестиција на овие четири компании е над 20 милиони евра, со околу 2.000 нови вработувања.
Така што, има заинтересирани компании. Ние сме привлечна земја за инвестирање поради нашата позиција. А кога зборуваме за пазар, не зборуваме само за македонскиот пазар, туку пред се за пазарот во регионот. Северна Македонија исто така е интересна затоа што со договорите за слободна трговија имаме отворен пазар од 650 милиони луѓе, со добра поврзаност, со пристаниште на 70 километри од нашата јужна граница.
Имаме ресурси како земја и кадар и доволно работна сила. Наша тенденција ќе биде што е можно повеќе инвеститорите да ги насочуваме во внатрешноста на државата и во другите региони освен скопскиот, за да може да се запази стратегијата за рамномерен регионален развој.

Сепак, има земји кои во ковид кризата привлекоа големи странски компании, меѓу кои и големи светски брендови, како на пример Србија. Има ли такви компании што се интересираат и за кај нас?

Нашата стратегија е да привлекуваме инвеститори кои што ќе произведуваат производи со поголема додадена вредност. Да не бидат само трудо интензивни, или капитално интензивни, а притоа да се бара евтина работна сила и финалниот производ да има ниска додадена вредност. Затоа што нема да има таков ефект во економијата како што е со производи со поголема додадена вредност. Тоа ќе придонесе за намалување на трговскиот дефицит, како и за зголемување на стандардот на граѓаните. Ако имаат поголема плата ќе има дополнително влијание врз локалната економија. Но, да не се залажуваме дека може да донесеме тука нешто за што немаме ресурси. Потребна е и соодветна работна сила. Да, во Србија влезе ‘Сименс’, но влезе во Крагуевац каде што има соодветна инфраструктура, знаење, има кадар кој што тоа може да го работи. Меѓутоа, ќе повторам, тоа е добро и за нас, блиску е до нас. Странската инвестиција носи и трансфер на знаења, трансфер на технологија, ноу-хау и е добро да ја имаме тука. Нашата задача ќе биде таквата соработка, која е воспоставена да има позитивни импликации и врз нашата економија во смисла на добавувачи, нови капацитети…

Односот на државата со странските инвеститори е проактивен и пријателски, за што доказ е податокот за реинвестирањето. Бизнисот и странските инвеститори препознаваат партнер во државата и сигурност во околината за да ги реализираат своите инвестиции

Компаниите со странски капитал во земјава во повеќе наврати испорачаа барања до Владата – на некои им се одговори позитивно, како што е намалување на царинските стапки за суровини, а тука е државната помош која е наменета и за домашните инвеститори. Колку државата има капацитет да одговори на ваквите барања за поддршка и што конкретно се прави за овие компании?

Односот на државата со странските инвеститори е проактивен. Податокот што го спомнавте за реинвестиции покажува дека односот на државата е пријателски кон бизнисот и кон странските инвеститори и тие препознаваат партнер во државата и сигурност во околината за да можат да ги реализираат своите инвестиции. Договорено е да имаме редовни средби со Советот на странски инвеститори. Пред Нова година имавме една таква средба, премиерот со економскиот тим и странските инвеститори претставени преку Советот на странски инвеститори, дискутиравме околу една од темите, за царините, тарифникот, беа разгледани можностите за релаксирање на одредени стапки во тарифникот, се разговараше и за други теми во смисла на грижа за инвеститорите по инвестирањето (aftercare). На пример, да имаме постојан контакт со инвеститорите, да дискутираме за нивните потреби, да видиме со што може да се излезе во пресрет и тоа да биде воспоставен механизам, принцип на функционирање. Во Агенцијата имаме сектор што е задолжен за комуникација со странските инвеститори и тој сегмент ќе го зајакнуваме како една точка за комуникација (one stop- shop). Странскиот инвеститор да не треба да го интересира како државата е организирана во своите редови внатре, дали се тоа агенции, министерства и тн., туку да има една нормална комуникација, а ние во позадина да си ги спроведуваме сите процеси и да испорачуваме она што е можно кон инвеститорите. Владата излезе во пресрет на дел од барањата за кои што увиде дека реално нема потреба да постојат, како одредени царински тарифи кои што се само пречка и за инвеститорите, а и за нашите служби затоа што претставуваат само процедури. Станува збор за суровини кои тука се преработуваат и финалниот производ повторно се извезува надвор. Нема никакви импликации врз домашната економија, напротив, се стимулира финалниот производ да биде поконкурентен на странските пазари, а со тоа да се направи поголем извоз.

Што се однесува до царинските стапки, отприлика станува збор за 7 милиони евра од кои се откажа државата, но од друга страна ќе ја стимулира индустријата да биде поконкурента и да ги планира тие средства за реинвестирање.

Странските инвеститори во слободните зони велат дека државата доцни со дел од обврските во инфраструктурното опремување на зоните. Што се презема на овој план?

Ова се покрена како прашање на последниот состанок, се договоривме во март да имаме повторно состанок со Советот на странски инвеститори. ТИРЗ презема обврска годинава посериозно да влезат во инвестиции што се однесува до такви комунални и инфраструктурни прашања и тоа секако ќе биде реализирано оваа година.

За мала и отворена економија како македонската, извозот е од клучно значење за економскиот развој. Кои активности ги презема Агенцијата за да се поттикне извозот од нашата земја?

Извозот е исто така клучен кога зборуваме за развој на економијата. Во структурата на БДП има дел на приватна потрошувачка, кој во нашиот случај е висок, вториот елемент се инвестициите и учеството на државата во капитални проекти и третиот сегмент е извозот наспроти увозот. Тука имаме реално простор каде што треба и мора да поработиме. Целта е Трговскиот дефицит да се намалува. Во првиот сегмент, приватната потрошувачка, може да се интервенира со зголемување на платите, и тоа се случува, се покажа изминатите три-четири години дека со зголемување на динамиката се зголемува и минималната и просечната плата. Во делот на инвестициите дискутиравме какви се можностите, а во делот на извозот она што треба реално да се направи е нова стратегија за извоз, а во тој дел Агенцијата ќе учествува со селектирање на сектори во кои што треба ние како агенција да се вклучиме повеќе за тие да се стимулираат.

Во кои области го гледате потенцијалот за зголемување на извозот?

Генерално, потенцијалот ни е во агри бизнисот. Ќе ја споменам винската индустрија, во моментов 50 проценти од извозот е флаширано вино, а другите 50 проценти се наливно вино. Значи има еден базен каде што може да интервенираме сите, со наоѓање нови пазари, со брендирање и сл, за да може да се извезе вино со поголема додадена вредност. Тука навистина имаме капацитет, затоа што ние сме најголем извозник на вино во целиот регион. Исто така, во делот на преработувачката и конзервната индустрија има простор да се работи уште повеќе, имаме квалитетни производи кои што се извезуваат успешно во над 30 земји во светот. ИКТ секторот ни е добро структуриран и тука имаме можност, како и во електро металната индустрија и во текстилната индустрија, каде што има голем простор за работа затоа што 90 проценти е лон производство. Во моментов тие сектори ни се во фокусот и ги поддржуваме, дали преку учество на саеми, или со други активности. Улогата на Агенцијата и на државата ги гледам да стимулираат брендирање и она што значи сопствен бренд, но и она што значи национален бренд – препознатливост на националниот бренд како бренд на квалитет кој што реално го имаме, во сите овие сектори што ги набројав. Но, тоа да биде позиционирано на пазарите, да биде нова додадена вредност која што ќе придонесе и за зголемен извоз и за нова вредност на производите.

Една од стратегиите е да се поттикне извозот, но и да се прави супституција на увозот. Но, тоа мора да биде исто така и со соодветен квалитет, конкурентно и за светскиот пазар, а сепак да биде домашно, вели Павлески

Ако се видат статистичките податоци, носители на извозот се токму компаниите со странски капитал – дали и во иднина ќе се потпираме на нив за зголемување на извозот или пак, можат и домашните да фатат чекор?

Една од стратегиите е да се поттикне извозот, но и да се прави супституција на увозот. Увозот да не се забранува, туку да се стимулира домашно производство кое што може да супституира одреден увоз. Но, тоа мора да биде исто така и со соодветен квалитет, конкурентно и за светскиот пазар, а сепак да биде домашно.

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите сакаме да го постигнеме токму тоа. Претходно се поддржуваа само странски инвеститори. Сега стратегијата е таква да се привлечат странски инвеститори, но многу е важно и компаниите во домашната економија исто така да чувствуваат одредени стимули за да можат да планираат и да бидат поттикнати да реинвестираат во нови капацитети. Во изминатите три години доделени се околу 22 милиони евра, претежно на домашни компании, за поттикнување на инвестиции од околу 150 милиони евра. Зборуваме за инвеститори кои што склучиле договори со државата и кои што според постојните прописи добиле поддршка за оправдани инвестициски трошоци и тоа се претежно македонски компании со домашен капитал. Продолжуваме и понатаму во таа насока. Шансите ги гледам и во делот на истражување и развој, бидејќи според сите укажувања, излез од кризата, не само од оваа, е можен преку развој во иновации, иновативен пристап кон решавање на проблемите, што носи до нов квалитет. Затоа ќе бидеме насочени во делот на поттикнување компаниите да размислуваат за иновативност, развој, истражување, за да можат да бидат поконкурентни, да имаат поквалитетни производи и да излегуваат надвор од нашите граници.

Неодамна беше најавено засилување на сегментот на економската дипломатија, до каде е тој процес?

Во моментов активностите за концептот на економска дипломатија се во МНР, идејата е преку нашите дипломатски претставништва да се упатуваат економски дипломати кои што во комуникација со останатите институции и во координација со вицепремиерот за економски прашања, ќе комуницираат со институциите за остварување на стратегијата за привлекување странски инвестиции и во промоција на извозот. Во моментов се работи на конципирање и на екипирање на таа економска дипломатија.

До кога треба да бидат испратени, има ли некој рок?

Се надевам дека во првата половина на годината ќе има активности, но тоа е поврзано и со отворањето на границите, пред се во Европа, каде што генерално би требало да се упатат. Нема да биде гломазно како порано кога имаше 40 промотори, туку ќе биде многу поконцентрирано, со конкретни цели и активности. Важно е да се знае дека и во светот не постои еден концепт за функционирање на економската дипломатија. Постојат различни концепти, а и кога ќе се воспостави еден концепт не значи дека е вечен. Секоја земја пробува која активност ќе даде најдобри резултати и се приспособува. Покрај економската дипломатија, исто така е важна и комуникацијата со локални консултанти, консултантски куќи, со сите оние кои што се влијателни на локалните пазари, кои што добро ги познаваат приликите и имаат добри контакти со инвеститорите. Станува збор за комбинација на повеќе активности.