Интервју со Боријан Борозанов, „Џонсон Мети“: Стабилноста и предвидливоста на бизнис климата е еден од клучните фактори за доброто функционирање на странските инвестиции

Најголемиот недостаток на Македонија е истовремено и нејзината најголема предност. Тоа што сме мали и по територија и по население би требало да овозможи да бидеме најбрзи, најфлексибилни, најотворени, најгладни за нови знаења и за успех, вели во екслузивното интервју за „Независен“, Боријан Борозанов, управител на „Џонсон Мети“ во Северна Македонија
Мирче Јовановски
Изминатата година беше предизвикувачка и за најголемите компании во светот, каква што секако е „Џонсон Мети“, чии што катализатори произведени во нивните капацитети се вградени во отприлика третина од новопроизведените возила. Компанијата неодамна ги објави резултатите за изминатата деловна година и ги најави очекувањата за претстојната. За нас од особено значење е работењето на „Џонсон Мети“ во Македонија, убедливо најголемиот извозник, на чие чело почнувајќи од март годинава е назначен Боријан Борозонов.
Во екслузивното интервју за „Независен“, прво кое го дава за домашен медиум, со господинот Борозанов разговараме за влијанието на пандемијата со КОВИД-19 врз автомобилската индустрија, за перспективите на оваа индустрија и промените кои во неа се случуваат, но и за улогата и значењето на странските инвестиции во земјава и за предизвикот домашен менаџер да биде на чело на модерен капацитет со технолошки софистицирано производство кој е дел од глобалниот лидер во одржливи технологии.
Борозанов има повеќе од дваесетгодишно искуство во меѓународен менаџмент и лидерски позиции во Европа, САД и Северна Македонија, вклучително и во автомобилската индустрија. Претходно пет години беше директор на компанијата „Аптив Сервисес Македонија“, а во периодот меѓу 2007 и 2012 година, како раководител во Invest Macedonia ја помогнал реализацијата на 12 инвестиции со вредност од над 100 милиони американски долари со 2.500 работни места во автомобилскиот синџир на снабдување во земјава.
Британската компанија „Џонсон Мети“, светскиот лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето работи во над 30 земји и вработува повеќе од 15.000 луѓе. Мега фабриката во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 е најсофистицирана и најнапредна фабрика на „Џонсон Мети“ во светот во која се вработени повеќе од 1.000 луѓе.
Господине Борозанов, кон крајот на минатиот месец компанијата „Џонсон Мети“ ги објави прелиминарните резултати за изминатата деловна година, која практично се поклопи со периодот на пандемијата. Какви се генерално постигнатите резултати и како компанијата се справи со економските последици од пандемијата?
Генерално, нашите перформанси минатата година беа робустни и водени од нашите технологии на одржливи решенија. Низ целата пандемија на КОВИД-19, ние продолживме да ги балансираме потребите на сите наши засегнати страни, при што приоритет ни се здравјето и безбедноста на нашите луѓе, клиенти, добавувачи и заедниците во кои работиме. Во првата половина од 2020 нашата продажба опадна материјално, со намалување од 20 проценти, бидејќи неколку наши крајни пазари – особено автомобилскиот сегмент – забележаа значителен пад како резултат на пандемијата. Во втората половина се забележа силно закрепнување, со раст на продажбата од 11 проценти споредено со претходната година, а активноста во голем број наши бизниси сега се врати на нивото од пред пандемијата. Постпандемискиот свет се обновува во позелена насока и ние сме идеално позиционирани да им помагаме на нашите клиенти во сложените предизвици за решавање на климатските промени преку нашата палета на водечки одржливи технологии.
Какво беше влијанието врз продажбата на производите на „Џонсон Мети“, со оглед дека речиси целосно беа прекинати синџирите на снабдување и какви се изгледите за оваа година?
Clean Air бизнисот сегментот на „Џонсон Мети“, обезбедува катализатори за системи за контрола на емисиите на лесни и тешки возила движени од мотори со внатрешно согорување. На глобално ниво, продажбата на Clean Air опадна за 7 проценти годишно. Првата половина беше материјално пониска, со продажба намалена за 27 проценти, како одраз на нарушувања предизвикани од КОВИД-19, вклучувајќи ги и затворањата на производните погони на нашите клиенти. Во втората половина видовме силно закрепнување на побарувачката, и продажбата се зголеми за 16 проценти во споредба со втората половина на претходната година.
Clean Air ќе остане сегмент од витално значење за „Џонсон Мети“ особено имајќи предвид дека легислативата за контрола на емисии ќе станува уште построга во текот на следната декада. Овој сектор ќе го поддржи растот на деловните активности на целата група, примарно на финансиски план. Дополнително, преку искористување на стратешките релации со автомобилскиот сектор ќе биде комплементарна поддршка за нашите најнови технологии, како што се хидроген ќелиите и материјалите за батерии.

Од неодамна сте на чело на фабриката на „Џонсон Мети“ во Северна Македонија. Иако сте нов на оваа функција, сепак, доаѓате од позицијата менаџер на фабриката „Аптив“, исто така странска компанија. Дали е тешко домашен менаџер да води компанија со странски капитал, и тоа не било каква, туку водечка во својата област, каде што корпоративната култура е на високо ниво и којашто е носител на македонскиот извоз?
Несомнено е предизвик да се биде дел од менаџмент тимот на „Џонсон Мети Македонија“, исто како што беше предизвик да се води „Аптив Македонија“ од самиот почеток на инвестицискиот проект во 2016 година. Имајќи предвид дека одреден број години се образував, живеев и работев во САД и Германија, не би рекол дека е прашање на странски или домашен капитал, потешко или полесно менаџирање, туку прашање на посветеност и желба за напредок.
Глобалните корпорации со јасно дефинирани системи на управување и одговорност, но и јасно дефинирани системи на вредности, можеби изгледаат невообичаено во контекст на традиционалните македонски компании и деловна пракса. Но колку и да ни е специфичен локалниот менталитет, вработените сепак брзо се привикнуваат и ги препознаваат предностите и напротив, многу подобро функционираат и се унапредуваат.
Ние како бизнис лидери треба да сме свесни постојано дека сме успешни онолку колку што се успешни нашите тимови. Најголемиот предизвик е да го изградиш и да го мотивираш вистинскиот тим на вистинскиот начин со вистинските вредности. „Најлесната“ работа на светот.
Компанијата „Џонсон Мети“ е светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија која е една од најпогодените од пандемијата. Како пандемијата се одрази врз работењето на фабриката во Северна Македонија (од аспект на обем на производство, проблеми со набавка на суровини, пласман на производите, вработените…)?
Добросостојбата и заштитата на нашите вработени е највисок приоритет и затоа спроведуваме мерки за превенција и заштита според највисоките светски стандарди. Навистина сум горд на посветеноста, дисциплинираноста и професионалноста на нашите тимови во овие специфични времиња. И покрај сите предизвици и специфичен режим на работа, успеваме да произведуваме и испорачуваме без некој значителен импакт кон нашите купувачи.
„Џонсон Мети Македонија“ секако не е изолиран од глобалните текови и проблеми во автомобилската индустрија. Синџирите на добавување се екстремно растегнати со многу проблеми во навремената достава на суровини што бараат екстра ресурси и менаџирање. Екстерните шокови се присутни на страната на побарувачката со големи варијации во обемот на работа на нашите купувачи, но генерално индустријата се врати побрзо од очекувањата после иницијалниот шок во вториот квартал од 2020.
Најновите показатели за состојбите во автомобилската индустрија, барем според податоците за новорегистрирани возила на најголемите пазари во Европа, покажуваат дека кризата не е пребродена. Какви се вашите очекувања за оваа и за наредните години, како ќе влијае на производството тука и на бројот на вработени?
Европскиот пазар има свои специфики и продолжениот lock-down и т.н. трет бран сигурно ќе има продолжен импакт. Точно е дека бројките на новопродадени возила во првиот квартал се многу под последниот „нормален“ квартал од 2020, но треба да имаме предвид дека се соочуваме со продолжен глобален bullwhip ефект во синџирите на производство и испорака.
Автомобилската индустрија е глобална и генерално конципирана на just-in-time испораки и залихи, така што не верувам дека пазарот ќе се стабилизира во наредните 9 месеци, без разлика на сценаријата за ставање под контрола на здравствениот аспект од кризата. Продолжената нестабилност сигурно нè афектира, но сепак сум умерен оптимист дека ќе ги задржиме истите нивоа на продажба од претходните години, а дури би можеле да имаме и благ раст како што континентот ќе се враќа кон бројките и пикот од 2018 или 2019 година.
Визијата на „Џонсон Мети Македонија“ е почист и поздрав свет, денеска и за идните генерации. Какви било одлуки врзани за инвестиции и вработените се дел од долгорочната стратегија за бизнисот и не би ги довел во корелација со краткорочните ефекти на ковид кризата.
Сведоци сме на драматични промени во автомобилската индустрија од мотори со внатрешно согорување кон електрични возила со нула емисии. Како ваквите промени ќе се одразат на компаниите од автомобилската дејност кои што се веќе во Македонија, меѓу нив и на „Џонсон Мети“ со оглед дека главниот производ тука се катализаторите?
Без сомнение дека пазарната пенетрација на електрични возила станува секуларен тренд и дека големите играчи пренасочуваат значајни инвестиции во развој и лансирање на нови модели што ќе доминираат во сегменти од пазарот. Еднакво значајна промена што ја движи Тесла со својот 0,01 отсто пазарен удел од вкупната светска продажба е концептот на софтвер платформа во споредба со традиционалното сфаќање на автомобилот како мотор на внатрешно согорување во кутија (ICE in the box). Истовремено, иако има регионални специфики, многу влади промовираат агресивни политики за остварување на климатските цели за намалени емисии.
Иако демократизацијата и развојот на технологиите за батерии доведе до пониска цена на чинење и поголем радиус на возење, сепак има уште неодговорени прашања врзани со дистрибуцијата и достапноста на полначи, достапноста на ретки материјали потребни за поголеми волумени на производство на батерии, но и вкупната достапност на одржливи извори на енергија што треба да ги наполнат електричните возила.
Автомобилскиот кластер во Македонија би требало да има бенефит од овие промени на долг рок, затоа што продукт портфолијата на фабриките лоцирани во Македонија се главно изложени на новите модели на возила. Не треба да заборавиме дека според некои предвидувања само за да се следи трендот на урбанизација во светот ќе се потребни околу 200 милиони нови возила над постечките 1,2-1,4 милијарди во наредните 15 години.
„Џонсон Мети“ со своите иновации на глобално ниво е во жижата на овие глобални трендови и „Џонсон Мети Македонија“ е стабилен дел за производство на Clean Air технологиите.

Со оглед на искуството што го имате во меѓународни компании, како ги оценувате условите за работење на компаниите со странски капитал во земјата? Дали она што го нуди Северна Македонија е доволно споредено со земјите од регионот, каде се нашите предности, а кои се недостатоците?
Стабилноста и предвидливоста на бизнис климата е еден од клучните фактори за доброто функционирање на странските инвестиции на кое било место на земјата и во кое било време од поновата историја. За да го реализирате полниот потенцијал на ресурсите што ги располагате, без разлика колку се и какви се, сите економски политики треба да го охрабрат капиталот да продолжи да инвестира и да креира општествена вредност за пошироката заедница.
Регионот имаше прилично бурни 30 години што ги промашија златните денови на глобализацијата во 1990-те и 2000-те и доведоа до губење на индустриската зрелост и конкурентност. Некои земји ја научија лекцијата, некои сè уште ја учат и за жал, премногу внимание се посветува на субвенции, бенефиции и улогата на државата, а премалку на реални програми за градење на конкурентност и реална работа.
Најголемиот недостаток на Македонија е истовремено и нејзината најголема предност. Тоа што сме мали и по територија и по население би требало да овозможи да бидеме најбрзи, најфлексибилни, најотворени, најгладни за нови знаења и за успех. Не мора секоја битка да ја добиваме, ама барем таму каде што ќе одлучиме да се натпреваруваме, да се потрудиме да победиме.
Владата неодамна ги намали царините за одредени суровини и материјали кои се дел од петтиот пакет економски мерки. Како ги оценувате досега преземените мерки, дали и колку им помогнаа на компаниите кои работат во економските зони, но и надвор од нив, да се справат со последиците од пандемијата?
Според јавно достапните податоци, сите пакети на економски мерки се насочени кон поширок сегмент на субјекти од македонската економија. Иако временото намалување на царините е иницирано од компаниите со напредно технолошко производство, крајниот бенефит ќе биде на пошироката економија преку зголемени инвестиции, нови вработувања итн. Добро е што за ова сè повеќе се гледа во контекст на процесот на асоцијација со ЕУ.
Мојот личен став е ист како и на почеток на кризата: Какви било мерки се подобри од никакви мерки. Иако после една година од почетокот на кризата би се очекувало постратешки пристап и поголема експедитивност во реализација на замисленото.
Од Владата најавија и целосно ревидирање на царинските тарифи, што е и едно од барањата на Асоцијацијата на странските инвеститори, како и т.н. „афтер кеар“ односно зголемена грижа кон компаниите. Што треба да направи Северна Македонија да биде поуспешна во привлекувањето странски директни инвестиции особено во периодот по пандемијата, без што, тоа е јасно, не е можно остварување на повисоки стапки на економски раст?
Неодамна се потсетив на поговорката: Најдобриот втор момент да посадиш дрво е сега зошто си го пропуштил најдобриот прв момент пред 20 години. Повисоки стапки на економски раст, извоз, нето странски инвестиции се можни со многу работа и памет, а помалку зборување.
Активното привлекување странски директни инвестиции и континуираното задоволство на постоечките инвеститори се гради со постојана комуникација, учење и размена на најдобри практики. Добро е што гледаме желба за дијалог во таа насока, затоа што навистина сме и сакаме да бидеме активен чинител во економскиот раст на Македонија и да креираме траен импакт за пошироката заедница.
Како да се зголеми учеството на домашните добавувачи во процесот на производство, што треба да се направи и тие да станат дел од големите синџири на снабдување, преку компаниите кои произведуваат тука?
Учеството на домашните добавувачи е функција на нивото на претприемништво, стандарди и желба за иновација, односно конкурентност со технологија. Навистина сум задоволен што неколку добавувачи на опрема на „Џонсон Мети Македонија“ успеваат да ги пласираат своите производи не само во интернационалната мрежа на групацијата, туку развија и сопствени канали на извоз во светот. Ова е еден од долгорочните ефекти на нашето присуство во Македонија и се радуваме на вакви успешни приказни.

Како ги оценувате заложбите на Дирекцијата на ТИРЗ за зголемување на платите на вработените во компаниите кои работат во зоните, но исто така и најавата дека ќе се поддржуваат програми за нивна обука со цел да се зголеми продуктивноста?
Дирекцијата за ТИРЗ сигурно располага со длабински податоци од повеќе компании во различни индустрии, различни производствени процеси и се разбира, различни бизнис модели така што не можам да коментирам на генерални споредби со националниот просек.
„Џонсон Мети Македонија“ континуирано вложува во вештините, надоградбата и добросостојбата на своите вработени затоа што нашите вработени се нашата конкурентска предност. Со задоволство би подржале какви било програми што се насочени кон подигнување на општото ниво на продуктивност и економскиот стандард на пошироката заедница.
Уште од осамостојувањето на нашата земја многумина сметаа (а тоа се потврди за жал и во практика) дека недостигот на квалитетен менаџерски кадар е една од причините за состојбите во економијата, особено по спроведената приватизација. Какво е вашето мислење – дали имаме сега доволно квалитетни инженери, економисти, правници… да бидат менаџери и кои што се неопходни исто толку како и обучениот кадар, за една компанија да успее на пазарот?
Квалитетниот и конкурентен кадар се создава со многу работа, континуирано вложување и посветеност на подолг период. Феноменот на дефицит на „вистински“ талент е светска актуелност, не е лимитиран само на Македонија. За која било економија во светот не постои „доволно“ ниво на квалитетни инженери, менаџери, а пред сè лидери, секогаш треба дополнително да се инвестира и развива.
Она што ме радува е што добар дел од компаниите основани со странски капитал имаат доминантно македонски менаџмент тим. После 12 години на „Џонсон Мети во Македонија“ ние сме одличен пример, низ годините се изградија одлични професионалци и менаџери. Дури и колегите што одлучија да ја продолжат својата кариера надвор од компанијата сега се на водечки позиции во некои од поновите инвестиции и нивниот успех е и наш успех.
Неодамна гостував на едно предавање на студенти на Индустриски менаџмент при Машинскиот факултет на мојата омилена тема – продуктивнос,т и навистина сум импресиониран од нивото на енергија, ентузијазам и желба за учење. Голем потенцијал што треба да се развие и помогне.
Можеби недостасува нивото на зрелост, искуство, техничко знаење, индустриска и корпоративна традиција, но со храброст и желба за напредок брзо може да се компензира. Светот е мал ако се фокусираме на она што сакаме да бидеме.