Интервју со Арбен Таравари: Ахмети се подготвува за опозиција


Али Ахмети е потрошен политичар од 20. век, којшто дојде на власт преку војна. Апсурдно е да се анализираат неговите гротескни изјави. Ахмети сега се обидува да биде магионичар, вели генералниот секретар на Алијансата за Албанците, за етничкото обединување околу неговиот предлогот за Албанец премиер

 

Љупчо Поповски

„Станува збор за тотална демагогија. Човекот којшто добива доверба од албанските граѓани веќе 18 години, а притоа не им овозможи ништо добро на Албанците, нема политички кредибилитет да зборува за големи идеи“ – вака го оценува проектот на Али Ахмети генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари. Во интервју за „Независен“ тој вели дека одамна е подготвена сцената за неговото заминување и политичко пензионирање – „неговото време заврши, а ние ќе му помогнеме да си замине“. Таравари вели дека етноцентризмот нема да биде определба на нивната партија, туку доброто на секој граѓанин во оваа држава. Тој додава дека не верува оти сопственикот на „Еколог“, Љазим Дестани, би влегол во авантурите на ДУИ.

 

Во своето видео обраќање лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се прeтстави како своевиден татко на сите Албанци во Македонија. „Јас сејам за вие да жнеете. Јас сонувам за вие да остварувате“, промовирајќи ја идејата идниот премиер да биде Албанец. Прифаќате ли вие да го жнеете она што тој го сее?

Знаете како, има една латинска поговорка: Кој сее ветер, ќе жнее бура. Во бурата што го снајде Али Ахмети тој не знае како да исплови со својот брод. Сега, кога е свесен дека ги губи изборите, промовира вакви, големи, идеи. Ахмети шест пати победува на избори и ова никогаш не беше на неговото „мени“. Не е време Ахмети да се претставува како Мартин Лутер Кинг, а да остане со својата стара, закоравена матрица на „продавач на демагогија“. Сите етникуми во Македонија бараат и очекуваат правда, но тој е далеку од пример на лидер кој знаел да се избори за правата на граѓаните, а особено на Албанците. Во крајна линија, премиерот, оној што би бил на челна позиција, не треба да се гледа како Албанец, Македонец, Турчин, туку како мудар, стабилен и некорумпиран политичар.

 

Кој е мотивот на Ахмети наеднаш да ја промовира оваа идеја кога веќе е извесно дека изборите веројатно ќе се одржат на почетокот на јули?

Ахмети, по сѐ изгледа, се подготвува за опозиција. И така треба. Неколкупати по ред анкетите покажуваат дека во албанскиот блок, Алијансата на Албанците и Алтернатива ќе победат на изборите. На залезот од својата политичка кариера Ахмети уште еднаш потврдува колку е кусоглед во политиката, во своите ставови и потезите што треба(ло) да ги направи како некој што мисли за доброто на секој граѓанин во оваа држава.

 

Не е време Ахмети да се претставува како Мартин Лутер Кинг, а да остане со својата стара, закоравена матрица на „продавач на демагогија“

 

Овој повик на Ахмети е продолжение на низата негови залагања албанските партии и албанскиот народ да се обединат околу една оска чиј стожер ќе биде ДУИ. Колку има тоа врска со демократијата и различните ставови во едно општество и колку тоа значи создавање на принципот на колективитет, а не на граѓани поединци?

Станува збор за тотална демагогија. Човекот којшто добива доверба од албанските граѓани веќе 18 години, а притоа не им овозможи ништо добро на Албанците, нема политички кредибилитет да зборува за големи идеи. Одамна е подготвена сцената за неговото заминување и политичко пензионирање. Неговото време заврши, а ние ќе му помогнеме да си замине. Етноцентризмот нема да биде нашата определба, туку доброто на секој граѓанин во оваа држава. За оваа држава да бележи напредок најмалку од сѐ ѝ е потребно да има политичари со тенденција општеството да го делат на ин-групи и аут-групи, „ние“ наспроти „тие“. Зборувам за секој политичар, како за Албанците, така за Македонците, Турците, Ромите, секој што припаѓа на нашето политичко милје.

 

Малку невообичаено, во времето кога веќе сме членка на НАТО, Ахмети се повикува на конфликтот, „кога сонувавме за слободата во 2001 година“. Дали ова на некој начин може да се претстави како одредена закана?

Во сиве овие 18 години Ахмети не ни успеа да го реализира Охридскиот рамковен договор. Тој е потрошен политичар од 20. век, којшто дојде на власт преку војна. Апсурдно е да се анализираат неговите гротескни изјави. Знаете како, кога се однесувате како закана, тогаш вие станувате мета. Овој човек стана „мета“ на народот, на оние луѓе кои посакуваат овој политичар да биде дел од неславното минато на државата.

 

Наводно, сопственикот на „Еколог“ би бил тој можен кандидат на Албанците за премиер. Дали тогаш учеството на Алијансата за Албанците и Алтернатива на изборите би станало бесмислено, бидејќи програмата би ја одредил некој друг што нема да учествува во изборниот натпревар?

Господин Љазим Дестани е познат бизнисмен, познат во Европа и светот. Не верувам дека со таков кредибилитет би влегол во авантурите на ДУИ, кои веќе се ништожни на политичката сцена. Веруваме, очекуваме и сме сигурни дека коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива ќе бидат сигурни победници на овие парламентарни избори. Тие имаат квалитетни и професионални кадри, докажани во своите професии, подготвени за преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ.

 

Дали зад предлогот за премиер ДУИ, всушност, сака да ги собере гласовите на другите албански партии бидејќи стравува дека може да загуби на изборите? 

Секоја негова играрија од овој тип ќе заврши неславно. Одамна е „прочитан“ од народот кој веќе не наседнува на неговите трикови. Ахмети сега се обидува да биде магионичар. Кога магионичарот ви вели дека внимателно треба да гледате кон картите што ги меша, тој не сака да видите што прави неговиот помошник. А, кога политичарот ви вели да се фокусирате на една ваква тема, како што е предлогот на Ахмети, сосема е сигурно дека не сака да ја видите пошироката слика.

 

Има ли воопшто Ахмети програма и аргументи со кои може да претендира да понуди  премиер на сите граѓани. Дали ова негово инсистирање, всушност може да ги влоши меѓуетничките односи во државата, затоа што би било нелогично ако една од македонските партии освои 55 пратенички места да го предаде премиерското место?

Доколку Ахмети имаше своја јасно зацртана програма и аргументи тоа ќе го покажеше многу порано, а не сега кога бродот му се насукува во тињата што сам си ја создаде. Кога не работел на создавање цврсто тло за развој, како тогаш да очекуваме дека оваа идеја што ја има ќе биде клучот за промовирање и афирмирање на правата на Албанците?! Незадоволниот Албанец или Албанка во оваа држава имаат проблем со социјалниот статус, благосостојбата, образованието, здравството, исто како и незадоволниот Македонец, Ром, Турчин, Србин, Влав, Бошњак. Кога политичарите се пресметуваат меѓу себе на ваков несмасен начин тие се тие што ги загрозуваат меѓуетничките односи и таа тенденција треба да прекине, еднаш засекогаш. На оваа држава ѝ треба просперитет, благосостојба и напредок за секој граѓанин. Ќе повторам уште еднаш, етноцентризмот и себе-величењето треба да останат дел од историјата. Тоа е мојата порака до секој политичар во оваа држава.

 

Политичките претставници на албанските партии постојано зборуваат за селективна правда кога се работи за процеси во кои се вклучени Албанците. Во презентирањето на тие оценки ДУИ, се чини, е најгласна. Како е тоа да се има селективна правда кога претседателите на Врховниот суд, на Граѓанскиот суд во Скопје и на Управниот суд се Албанци. Дали тие во раководењето на овие институции промовираат селективна правда? 

За ДУИ се изнаслушавме во прислушуваните материјали, „Маџар телеком“ и многу монтирани случаи. Немаат кредибилитет да зборуваат за селективна правда, кога таквата (не)правда ја создавале самите тие. ВМРО ги штитеше 10 години, СДСМ овие три  години. Краците на октоподот на ДУИ се најдоа и во судството, слушавме како со Мијалков се договараа за судии.

 

Гостиварци се придржуваа кон мерките за вирусот. Гостивар има 82 илјади жители, а Тетово 84 илјади, а бројот на инфицирани во Тетово е десетпати поголем

 

Вие сте лекар по професија. Корона вирусот ја зафати со вториот вител Македонија. Направија ли епидемиолозите и инфектолозите некои сериозни грешки или политиката и граѓаните се најголемите виновници за порастот на инфекциите?

Нам ни потфрли целиот систем, некоординираноста и отсуството на стратегија и план за справување со ова глобално зло донесе свои последици. Меѓународните институции со објективни параметри укажуваат дека нашата држава била и е меѓу најслабите во управувањето со кризата. Да – граѓаните секако сносат одговорност, тие може да имаат предрасуди, но сето тоа е последица на недоволното и несоодветното информирање, а отсуствуваше и темелна и конзистентна кампања, со јасни пораки за едукација на народот. Дозволувајќи девијантно однесување и грешки кои поминуваат неказнето и договарајќи мерки на масата на политичките калкуланти наместо на масата на здравствените власти, јасно е зошто дојдовме до тука.

 

Каква е ситуацијата во Гостивар? Според податоците таму има далеку помал број на инфицирани отколку во блискиот град Тетово. Зошто во два града, речиси близнаци, има толку голема разлика во справувањето со корона вирусот.

Гостивар е меѓу најстабилните градови, како локална власт уште на самиот почеток почнавме со превод на материјали од СЗО, објавување видео-клипови, постојано повторување на клучни пораки, со цел да ги информираме граѓаните. Гостиварци се придржуваа кон препораките. Јас со своите сограѓани настапував како лекар, како граѓанин кој подеднакво стравува од последиците на корона вирусот, како за себе и своето семејство, така и за сите жители на општината. Во кризите од ваков тип нема место да се настапува со „политичко руво“, се настапува, пред сѐ, како човек. Гостивар има 82 илјади жители, а Тетово 84 илјади, а бројот на инфицирани во Тетово е десетпати поголем.