Тестаменталното интервју на Луан Старова за „Независен“: Македонија ќе биде повеќе жртва од самата себеси отколку од другите

Балканците се осудени да имаат повеќе татковини во една. Бегањето или прифаќањето на оваа судбина може да заврши во литература. По веста за неговата смрт го пренесуваме обемното интервју што тој го даде за „Независен“ во декември 2020 година во кое Луан Старова зборуваше за авторите и просторот во којшто творат


 

Процесот на емиграција понекогаш значи и немирење со екстремниот национализам, со диктаторски и реваншистички режими. На периодот на фашизмот во Германија му се спротивставува генерација германски писатели во емиграција. По големите револуции, следеа бранови емиграција, руската на пример, од која израснаа знаменити автори (Набоков, Нина Берберова и други). Во мојата балканска сага емиграцијата има друг карактер, но во суштина, таа најмногу се римува со литературата. Понекогаш самата емиграција е литература, вели за „Независен“ академик Луан Старова (79), актуелен како писател со новиот роман „Јаничари“ (издание на „ТРИ“), но секогаш интересен соговорник и заради импресивната биографија и кариера како универзитетски професор, дипломат и амбасадор.

За Балканот како буре барут, има ли нешто што не го кажува јавно како писател, а им забележува на водечките политички партии и лидери и кај Македонците и кај Албанците, како ги оценува договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија, за ангажманот на МАНУ во однос на жешките прашања, за блокадата на Франција за членство на Македонија во ЕУ…, во продолжение на обемното интервју.

 

Неуморен сте како писател. Се има чувство како секоја година да објавувате по еден роман. Што ве мотивира да пишувате?

Во мојот работен век (роден 1941), работев како новинар, остварив целосна универзитетска кариера, потоа десетина години бев амбасадор на СФР Југославија до нејзиниот распад, а потоа бев прв амбасадор на Република Македонија во Франција, УНЕСКО, нерезидентен во Шпанија и Португалија. Навистина парадоксална ситуација! Живот кој мораше да продолжи и да се преточи во литература, по знакот на големото прашање ,,што ни се случи’’.

Така од својата 50 година започнав да ја пишувам и објавувам мојата „балканска сага“, досега со дваесетина објавени романи, повеќето објавени на дваесетина јазици во светот, прифатени и вреднувани „во редот на големите европски романи“ (француската книжевна критика). Си поставив за книжевен проект и мисија со мојот живот да го разберам, дешифрирам Балканот низ мојата книжевна мисија. На прв поглед: невозможна мисија?! Многумина на овие години ја привршуваат книжевната кариера, јас ја започнував!

Како можна парадигма на мојата балканска сага ми послужи моето албанско и балканско семејство во XX век, низ борбите за опстанок, преселбите. Денес романот по класичната доминација во реализмот во XIX, доживеа и доживува низа трансформации. За мене како најпогоден облик ми се покажа истражувачкиот роман. И така настана мојата балканска сага, од книга до книга, без изгледи таа да заврши, освен ако ја спречи виша сила.

Всушност, моите романи настанале по период на многугодишна акумулација, кристализација на битното, додека процесот на деакумулација,односно на пишуваањето се одвива побрзо…

 

Која е клучната сознајба во вашата балканска сага во однос на идентитетот?

Мојот пријател Амин Малуф, член на Француската академија (се дружевме во Париз во 90 години на минатиот век, автор на неколку брилијантни романи) во својата есеистичка книга Погубни идентитети, ја развива и успешно брани тезата дека за него не постои „еднократен идентитет“’, туку тој е апсолутно „повеќекратен“ и неговите компоненти понекогаш се во осмозно дејство кај еден човек, заедницата во која живее. Амин Малуф ја илустрира тезата во Погубни идентитети со својот личен пример: личниот пример роден како христијанин, вкоренет во исламската култура, се прославува како француски автор.

Во мојата потрага можев да откријам дека во само навидум „еднократниот албански идентитет“, има повеќе компоненти: мојата баба по татко била Турчинка и значајно влијаела во формирањето на семејството. Традицијата на поврзување во брачна заедница со припадници на различни етнички заедници била многу честа отколку што можело да се поверува.

Трагајќи по јунаците на балканската сага открив дека прва братучеда на мојот татко Лејла (имала успешен брак со исламизиран евреин сефард и тн.). Јас имав можност да го „откријам“ нејзиниот син Етем Устер, односно мој братучед во Париз. Поминаваме прекрасни заеднички пријателски денови. Дојде и во Скопје, да ја организира фирмата „Суташ“ во Македонија. На голема тага почина многу млад. Продолжија врските со неговите надарени и успешни синови во европскиот бизнис Керим и Џем, добродушната мајка Ферда. Сите тие, и многу други, стануваат делови на балканската сага во животот, без да најдат се уште место во некоја од книгите. Не е секогаш литература само тоа што се запишува…

 

И последниот роман Јаничари објавен неодамна ја има за тема емиграцијата. Во тој контекст во поговорот на книгата сте детерминирани како еден од најдобрите познавачи и толкувачи на феноменот на емиграцијата како универзална состојба на човечкиот дух. Зошто овој феномен (не) ви дава мира?

Процесот на емиграција понекогаш значи и немирење со екстремниот национализам, со диктаторски и реваншистички режими. На периодот на фашизмот во Германија му се спротивставува генерација германски писатели во емиграција. По големите револуции, следеа бранови емиграција, руската на пример, од која израснаа знаменити автори (Набоков, Нина Берберова и други). Во мојата балканска сага емиграцијата има друг карактер, но во суштина, таа најмногу се римува со литературата. Понекогаш самата емиграција е литература.

 

Романот „Цариградски емигрант“ му го посветувате на Али Фети Окјар, познат во историската литература и како Македонецот, кој бил роден во Прилеп, соученик и близок пријател на Мустафа Кемал Ататурк, уште во битолската воена гимназија. Али Фети Окјар, покрај пријателството со Ататурк, бил и негов прв премиер на земјата, кој останал на високи позиции сѐ до 1943 година, инаку човек во роднински врски со семејството Старова. Што ве заинтригира да го истражувате?

Али Фети Окјар соученик уште во воената битолска гимназија „Идадије“ и пријател на Мустафа Кемал Ататурк, но негов „верен компањон“ во сите битки во создавањето на нова Турција, беше прв братучед на мојата баба по татко Хазбие Анума. Постоеше во животот на мојот татко еден таинствен и „митски период“ на неговите цариградски студии во 20–тите години на минатиот век, кога живеел кај својот вујко Али Фети. Со текот на времето овој период стана еден од мотивите за мојата книжевна потрага.

По војната, синот на Али Фети, Осман Окјар, по аманет на татка си го барал неговиот син да го бара својот внук Ариф Старова низ Балканот, со кога последен пат се видел во Цариград околу 1923 година низ Балканот. Неочекувано ќе го открие во Македонија. Со Осман Окјар имав речиси дваестгодишна преписка на француски јазик (тој се школувал во Париз кога таму татко му бил амбасадор на Турција). Тој се смета меѓу десетте најголеми економисти кој ја наследил призврзаноста на татко му кон таткото на либералната економија на Кејнз и нејзиното нејзино подоцнешно внесување во турскиот економски развој во Турција и неговиот подем.

Денес со право Али Фети Окјар (презимето му го должи на Ататурк што во превод значи „стреловита мисла“) со право се смета за еден големите умови на Турција, кој има голема заслуга во осмислувањето на нејзиното постоење, туку и нејзиниот напредок. Преписката со Осман беше пресудна да му ја посветам книгата „Цариградски емигрант“ на Али Фети, кој меѓу другото му порачуваше на својот син: „Западната и Источната коалиција неповратно ја урнаа Османската империја. Нам ни преостанува да ги негуваме петвековните цивилизациски вредности кои не исчезнуваат посебно низ заедничките вредности на менталитетите.’’

 

И Мустафа Кемал Ататурк и Али Фети Окјар потекнуваат од Македонија, во еден период учеле во битолската воена гимназија. Али Фети е роден во Прилеп. Дали е само случајност што и обајцата потекнуваат од Македонија?

Македонија, посебно со Битола, пошироко и Солун, беше „отворена врата“ на Османската Империја кон Европа. Али Фети од својата осма година, по смртта на својот татко заминува во Битола каде што завршува основно образование и воена гимназија. Сигурно космополитска и толерантна Битола, отворена кон европските идеи, ќе одигра посебна улога во формирањето на Мустафа Кемал, Али Фети и нивната и нивната напредна генерација, свртена кон европските вредности, кои произлегуваа од Француската револуција, посебно кон француските филозофи Монтескје, Жан-Жак Русо, социологот Огист Конт, историчарот Леон Давид Каин, политичарот Жан Жорес и други. Битола му се оддолжи на Мустафа Кемал со негување на неговиот спомен, со музејот соба и други активности.

 

Дали и Прилеп во кој е роден Али Фети, два пати премиер и претседател на парламентот, дипломат во пресудните битки на Турција (амбасадор во Франција и Велика Британија), државник со широки и хумани погледи, го негува неговиот спомен?

Големите личности во историјата на живееле само во географски и историски граници, тие се проектираат многу подалеку. Таков е и случајот на мислителот и државникот Али Фети. Досега не постои напор во градот да се утврди, трајно одбележи духовната припадност на Али Фети. Постоела иницијатива тоа да се стори, биле упатувани предлози и до двата последни градоначалници, дури од самиот внук на Али Фети Окјар, кој го носи името на својот дедо, но одговор никогаш немало.

Пред неколку години во МАНУ се одржа голем меѓународен симпозиум во спомен на Мустафа Кемал Ататурк, на кој учествуваа над 200 познавачи на неговото дело од светот и Турција. Во рамите на овој настан во Битола беше одржана сесија за односите помеѓу Мустафа Кемал Ататурк и Али Фети Окјар, а под истиот наслов се одржа  изложба во МАНУ. И книгата што ја објавив под наслов „Цариградски емигрант“ (кај „Три“), посветена на споменот на Али Фети меѓу другото има за цел да ја потикне иницијативата за трајно одбележување на споменот на овој светски државник роден на тлото на Македонија…

 

Блаже Конески има напишано еден есеј зошто пишува само на македонски јазик, спротиставувајќи се на заложбите на неговите пријатели „да пишува и на други јазици заради меѓународна слава“. Вие пишувате на македонски јазик и на албански јазик. Дали тоа ве означува дека сте македонски или албански писател? Ова прашање ви го поставувам зашто се водат големи полемики околу тоа кој е чиј писател, револуционер или деец.

Според своите универзални творечки вредности авторите остваруваат свој идентитет во времето и просторот без оглед на кој јазик пишуваат. Јазикот е често инструмент, а не цел! (можеби поезијата е исклучок).

Бегалската судбина на моето семејство од Албанија ме донесе во Македонија. Со тоа беше одредено моето „двојство“: се школував на македонски јазик (малку години по неговата нова кодификација) и живеев дома со албанскиот  јазик.

Така и се случи да пишувам и на двата јазикa. Се разбира не поради слава, но и според „среќно мачеништво“. Во мојата литература јас ја толкувам мојата опстојба, посебно во мојата „балканска сага“. Познатиот хрватски пистел Јерговиќ на промоцијата на хрватското издание на романот Ервехе – книга за една мајка ќе рече: „Старова пишувајќи на албански и македонски јазик рескира наоѓајќи се меѓу два јазици да изгори!“ Јас тогаш спонтано му реплицирав: „Јас настојувам во мојата литература да се греам од двата огна!“

 

Стигнавте до 20-та книга од Балканската сага. Како интелектуалец роден на Балканот со импресивна кариера на овие простори, какви чувства за вас буди Балканот?

Балканот е сложен и комплексен хонотроп: во неговите простори и времиња се мешаат вредностите на повеќе цивилизации, низ нивите извишувања и падови. Балканците се осудени да имаат повеќе татковини во една. Бегањето или прифаќањето на оваа судбина може да заврши во литература. До мојата педесета година јас је учев и предавав на универзитет литературата, посебно француската (докторирав книжевност во Загреб, специјализирав модерна француска литература на Сорбона), дури потоа почнав да ја пишувам „вистинската литература“, односно големиот род (романот). Се вели дека „најдобро се пишува со самиот живот“ (Реми Де Гурмон). Мојот живот минат во македонскиот дел на Балканот, потоа во југословенската федерација, дури и како амбасадор пред нејзиниот распад, потоа како прв амбасадор на Република Македонија, беа дел од тој живот кои можеа да се кристализираат во литература.

 

Во вашите романи од Балканската сага – Таткото, да претпоставиме дека е тој вашиот татко, е централен лик во вашиот голем книжевен проект. Ми оставивте силен впечаток на едно место каде листајќи ги „Татковите книги’’ наидувате на пепел од неговите цигари, од внесеното читање и неконтролирањето паѓање на пепелта врз страниците. Какво е чувството по толку години од неговата смрт да ве инспирира неговиот живот и воопшто за вашето семејство?

Епизодата што ја спомнувате беше како „метафизички код“ да го започнам пишувањето на мојата балканска сага со првиот том „Татковите книги“. Наследените таткови книги (на старотурско писмо, латиница, кирилица…), беа во најголем дел со страници, прошарани со пепелта од неговите читања на страниците врз кои најмногу се концентрирал. Ова го толкував како негов жив повик „отаде живототот“ да патувам низ меридијаните на неговите читања. Така настана и ќе продолжува мојата балканска сага.

 

Дали во вашата богата книжевна дејност околу балканската сага, имате отклон со друг романескнен зафат?

„Како што веќе истакнав, проектот на мојата балканска сага е однапред одреден и осмислен. Меѓутоа, тоа не ме попречува својата книжевна актиност да ја лоцирам на други тематски подрачја. Така неодамна го објавив обемниот роман „Генералот и пеперугата“ (на 750 страници во издание на МАНУ). Романот третира проблематика од Првата светска војна на Балканот, посебно во Македонија.

Имено, главниот лик во романот Фриц Дагмар, резервен германски генерал, славен биолог, поспецијално (ентомолог, наука за пеперугите), е испратен со германската армија во Македонија, да најде лек против маларичниот комарец кој ја коси војската уште пред да оди на фронт. Генералот ја прифаќа мисијата, знаејќи  од истражувањата дека на врвот на планината Галичица, на границата на двата спротивствени блока во Големата војна, лета единствената, непозната пеперуга, во литературата. Кога ја стигнува пеперугата на врвот на бодликавиот дел на границата, таа прелетува на другата страна, генералот трча по неа и бива фатен од француските противнички војници. Бива заробен и во очекување да ја доживее судбината на заробеник откриен е од противничкиот полковник Жан Бувар, и тој ентомолог и задолжен во изнаоѓање лек против маларичните комарци.

Судбината ги зближува во барањето на лекот против смртта од убодот на смртоносниот маларичен комарец на спротивставените војски. Генералот на крајот ќе биде помилуван и со својата уловена пеперуга – кралица ќе се врати на својата територија.

За време на Големата војна за време на божикните и новогодишните празници, било забележано „помирување“ помеѓу германската, француската и британската војска, кога се излегувало од рововите и славело. Во романот „Генералот и пеперугата“ се работи за еден друг вид на помирување меѓу спротивставените војски на Германија и Франција, за еден вид солидарност, која му е толку потребна на светот.

 

Во својот упатен поговор кон романот „Генералот и пеперугата“, нашиот угледен филозоф Ферид Мухиќ, нарекувајќи го ова дело „енциклопедија на хуманоста“, истакува дека „романот вонредно успешно, што значи дискретно и ненаметливо, се надоврзува на современите научни сознанија и актуелните состојби во светот“. Дали можат сознанијата да се доведат во врска со сегашната пандемија во светот?

Романот „Генералот и пеперугата“ е обмислен и пишуван пред почетокот и ширењето на трагичната пандемија во светот. Меѓутоа романот нуди доволно елементи да се размислува во контекстот на добро поставените филозофски размисли на Ферид Мухиќ. Многу идеи во моите романескни замисли и размисли својата генеза ја имаат, во поширок контекст, во идеите и светогледот на Едгар Морен големиот француски социолог , мислител и филозоф на ,,планетарната ера на човештвото’’, кога пред неговото натамошно постоење се наложуваат нови императиви. Меѓу тие императиви се и облиците на новата локална, но и планетарна солидарност.

Облиците на солидарноста нужно се менуваат, од негативната, треба да преовладее позитивната солидарност. Човештвото беше долго време „солидарно“ во производство на најсофистицирано убиствено оружје, доволно и да го уништи. Меѓутоа денес човештвото страда од елементарен недостиг на планетарна солидарност да се справи со трагичната пандемија, според бројот на починатите и болните, рамни на светска војна. Без пресврт во овој домен тешко да се замисли излез…

 

Дел од вашите романи се успешни драматуршки остварувања,посебно погодни за филмска екранизација, посебно романот „Генералот и пеперугата“. Дали постоеле и постојат обиди за екранизација на ваши книжевни дела?

Како книжевен автор никогаш не сум размислувал за екранизација на моите романи. Своевремено нашиот познат филмски режисер Бранко Гапо, кој работеше успешно врз неколку книжевни дела на истакнати македонски автори, беше заинтересиран да работи и имаше речиси готов проект за екранизација на романот „Времето на козите“ . Беше снимен ТВ филм според „Татковите книги“ и тоа е речиси сè.

За екранизација на романот „Генералот и пеперугата“, кој според мое мислење има најпогодна драматуршка оска, голем интерес покажува реномираниот македонски режисер Антонио Митриќески. Тој не само што неколку пати го прочитал обемниот роман туку и навлегол во ,,филмските нишки’’ на романот, туку постојано живее со оваа замисла и засега е пред можно аплицирање. Иднината ќе покаже дали нешто ќе излезе од тоа, во секој случај зафатот би бил голем со претпоставено учество на филмски куќи од Германија, Франција и  други.

Со Едгар Морен, еден од најголемите живи мислители на нашето време и нашиот писател Димитар Башевски

 

Како писател во 2014 година ја добивте наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, мошне престижна во литературните кругови и јавноста. Се имаше впечаток дека оваа награда требаше да ја добиете многу порано….

,,Утрински весник’’, беше одличен медиум, го читав од првиот број, а негуваше и одлична културна и книжевна рубрика. Наградата за Најдобар роман на годината произлезе и од угледот на весникот. Пишувањето во мојата ситуација е процес со повеќе фази, а не краткорочна цел. Наградата не ми била цел во пишувањето туку моќна последица.

 

Имате ли нешто што не го кажувате јавно како писател, а им забележувате на водечките политички партии и лидери и кај Македонците и кај Албанците?

Македонија има релативно млада демократија. Генерациите коишто се профилираат, брзо доаѓаат, брзо заминуваат од политичката сцена. Да се дојде до некоја истакната политичка позиција, не значи подарок поради некоја друга за(у)слуга, туку е предизвик за работа, за учење и напредување за здобивање име и авторитет. Тоа, со мали исклучоци го нема кај нашите политичари.

 

Како искусен дипломат и претседателски кандидат, како ги оценувате договорите за добрососедство со Грција и со Бугарија?

Андре Малро, храбар учесник во Шпанската и Кинеската револуција, близок соработник на Шарл де Гол велеше дека „најголемата храброст во политиката е да бидеш реален“. Но Андре Жид има речено дека „патот на пеколот е поплочен од добри намери“.

Кога  се размислува за двата договори за добрососедство на Македонија со Грција и Македонија со Бугарија, мора да се рече дека Македонија по распадот на СФР Југославија се наоѓа во постојан политички и геостратегиски „цајтнот“, по спасоносните потези на претседателот Глигоров за иднината на Македонија, спасот од уништувачката војна која можеше лесно да се случи.

Македонија во наредните години ќе биде повеќе жртва од самата себе отколку од другите, во прв ред соседите (на пример Грција максимално го искористи примерот на апсурдната и налудничава антиквизација). И се случи повеќе –  Грција да не биде „пречка“ (НАТО, ЕУ…), но како „сврзан сад“ се појави Бугарија. Бугарското прашање е гордиев јазол кој не се решава со никаков договор. Како и во другите домени вистинската демократија доцни на Балканот, реверзибилноста на историјата е сè уште нејзина сопирачка…

 

Имате ли ваша лична визија за иднината на Македонија?

Неодамна во едно интервју за бугарска телевизија ЕВРОПА, по повод излегувањето на мојата книга во Бугарија Амбасадорот на земјата што нема да постои, изјавив дека во Македонија сè повеќе се зајакнува автентичниот и граѓанскиот идентитет. Ако успее Македонија одвнатре да зајакне, со реално зацврстување на демократијата, притисоците и негациите однадвор ќе бидат помали и без фатално дејство.

Македонија е мала земја и повеќе градена во поранешниот период според „југословенскиот тертип“, во изградбата на патиштата приоритет имаше коридорот 10 (север-југ), коридорот 8 (исток – запад) остана запоставен дури до денешен ден, се градеа гиганти, на пример Скопската железара, без обезбедени суровини од земјата итн. Беа прекинати речиси насилно аграрно-земјоделските традиции, чии последици се чувствуваат и до денешни дни. Македонија би требало во тој домен да се преобрази, да го хармонизира својот развој, да ги задржи во земјата кадрите коишто заедницата макотрпно ги создаваше.

Со орденот „Офицер од редот на Легијата на честа“ заради големиот придонес во развојот на односите помеѓу Франција и Македонија

 

Бевте прв амбасадор на Македонија во Франција, каде имавте  имате голем број пријатели, не само политичари туку и славни личности како Едгар Морен, Робер Бадинтер, Морис Дрион, Робер Мале, Анри Мешоник, Андре Френо… Екс амбасадорот на Република Франција, Кристијан Tимоние, во име на претседателот на Франција, ве одликува со орденот „Офицер од редот на Легијата на честа“ заради големиот придонес во развојот на односите помеѓу двете земји.

Речиси сета моја професионална кариера се одвиваше во знакот на француската цивилизација, литература и култура, првин како универзитетски професор по француска книжевност, а потоа и како долгогодишен амбасадор во Франција. Постоеше поврзаност меѓу овие две вокации. Во текот на повеќе години се здобив со пријателство на знаменити личности од обата домени: книжевниот и дипломатскиот.

И можеби определбата да прифатам да бидам амбасадор во Франција беа токму овие пријателства, посебно на Едгар Морен, еден од најголемите живи мислители на нашето време, Робер Бадинтер славниот министер на правдата кој придонесе да се укине смртната казана во Франција, гонкуровецот Морис Дрион и постојаниот секретар на Француската академија и други. Тука би го споменал и долгогодишното пријателство со првиот амбасадор на Франција во Македонија Патрик Крисман (полиглот, кој говори 18 јазици, меѓу кои и македонски и албански). Беше голем пријател на Македонија, мисиите ни се совпаднаа (тој во Скопје, а јас во Париз), имаше проблеми кои ги решававме заедно во знак на добра волја и пријателство…

 

Дали ве изненади блокадата на Емануел Макрон за членство на Македонија во ЕУ? Наеднаш Франција излезе со нови правила кои значеа блокада.

За моите дипломатски мисии пишувам во моите две книги од „балканската сага“, пишувам во двете книги „Амбасади“ (Тунис и  Палестина) и „Нови амбасади“, главно посветена на мојата мисија во Франција, која што ја одредија два круцијални моменти: времето кога беше Киро Глигоров претседател на Република Македонија и кога сенаторот Робер Бадинтер, како претседател на специјалната комисија ја утврди Македонија да функционира како засебна држава.

Робер Бадентер застана на браникот на одбраната на меѓународниот легимитет на независна Македонија. Тоа не би требало никогаш да се заборави. Голема полет во поддршката на Македонија даде и претседателот на Француската Република Жак Ширак, кој постајно истакнуваше дека Франција ќе се заложи до крај за приемот на нашата земја во ЕУ. Тој тоа и на дело го покажа кога со тогашниот претседател на Собранието на Франција, Филип Сеген, ја поддржаа Македонија уште во 1996 г. (пред Словенија и Романија) кога го потпишаа со ЕУ договорот за Соработка и трговија, како еден од првите инструменти за пристап во европската заедница. Тоа беа „златните времиња“ на односите со Франција. Но во 1999 година, со заминувањето на Глигоров од функцијата, новата власт тотално ја запостави франкофонската линија и на Самитот во Манкон, Канада испрати „англофонска делегација“ на историскиот собир, на чело со тогашниот премиер! Ниту големите, но ниту малите земји, не простуваат вакви потези. Оттогаш односите со Франција тргнаа по удолна линија. Некогаш забележаната Македонија од француските претседатели (Митеран, Ширак), ќе биде речиси во невидно поле, маргинализирана, дури и игнорирана. Ситуацијата ќе биде уште повеќе влошена во времето на контраверзниот Никола Саркози, но нема да биде поправена ниту во времето на Франсоа Оланд. И така „македонското досие“ ќе дојде и до актуелниот претседател на Франција Емануел Макрон, кој без усет и такт за минатото и односите со Македонија, без консидерации за пошироките геостратегиски интереси на земјата и ЕУ во регионот, со очигледна желба за лидерство во ЕУ, на „грбот на малите“, ќе бара (и донекаде ќе успее) да воведе нови услови за прием во ЕУ, што со други зборови, како што велите – значи блокада! Да се надеваме на подобри времиња…

 

Ве ангажираат ли нашите влади во некоја мисија на надворешен план?

Моето ангажирање во некоја мисија на надворешно-политички  план, секако зависи од капацитетот на размислување, одлучување на владите во тек. Тука секако не се работи за некаква лична суета, туку за искрена желба едноставно неколкугодишно искуство да се преточи колку што е можно како вредност во корист на земјата, создадените врски со угледни личности да се стават во функција на земјата. Своевремено претседателот Глигоров, свесен за делбите кои ќе ја разнебитуваат земјата од спротивставените политички партии беше на идеја во Македонија да се формира Државен совет (по углед) на францускиот, во кој умовите што ѝ служеле на земјата, ќе продолжат тоа да го чинат и на друг начин.

 

Како академик, еден од ретките албански интелектуалци членови на МАНУ, како го проценувате ангажманот на оваа „институција на бесмртните“ за евроатлантските интеграциии и за другите жешки внатрешни прашања и конфликтни ситуации?

Лично мислам дека најзначајно за МАНУ, како највисока институција од областа на науката и култура, е како да се избори за единствено, автентично и квалитетно мислење за стратешки прашања на земјата, почитувајќи ја професионалната и етичка свест на секој свој член со високи постигања од областа на науката и уметноста, кое по дефиниција ќе се дистанцира во реализација на тие принципи од партиска или дневно-политичка позиција. Се разбира, еден од тие стратешки приоритети се и евро-атланските интеграции. Погубно би било за МАНУ да се вплетува во дневно-политички, навидум „којуктурни опции“, но со негативни далекусежни последици.

 

Како ја оценувате денешната ситуација во интернет сферата и на социјалните мрежи?

Кон крајот на минатиот век познатиот канадски филозоф Меклуан ја лансираше тезата за крајот на „гутенберговата  галаксија и почетокот на електронската цивилизација“. Тогаш сѐ уште не беше актуелен интернетот, како и социјалните деривати. Се урна еден свет и сите знаци на комуникација, се пуштија на слобода, небаре вечно запретани. Настапија нови слободи, во анархични налети, на кои тешко се привикнува. И на овој изум ќе му треба време за да се релативизира.

Јас лично сум задоволен што како генерација го „фатив“ интернетот и го користам како извор на знаења и комуникација, мошне полезен во мојата книжевна вокација.

Со сопругата Гзиме, универзитетски професор и уставен судија

 

И на крајот на едно прашање од личен карактер. Имате три ќерки (Блерина, Јета и Дита) коишто го избраа јазикот и  убавите уметности (флејта и сликарство) за професија на животот. Дали со вашата сопруга Гзиме, универзитетски професор по трудово право и уставен судија, ја носевте вашата работа и дома? Како се усогласувавте?

Во животот можеби е најзначајно да трагате по невидливите и неопипливи знаци на хармонијата, таа e најблиску до остварената надеж. Со мојата сопруга Гзиме, универзитетски професор, сме повеќе од половина век заедно. Не е лесно да се хармонизираат сите етапи од брачната љубов, радосните моменти, несреќните, успесите. Рилке убаво велеше дека „во живот нема ниту победа ниту пораз, туку само истрајба“. Нашите деца, најстарата Блерина, преведувач на ЕУ, Јета универзитетски професор и професионален флејтист, Дита, универзитетски професор и директор на Националната галерија денеска водат свои животи, со свои деца и домови но никогаш не нè забораваат. Со сопругата не престануваме да го коментираме постојано, сегашното и идно време, посебно во нашите долги разговори, особено со утринското кафе. Таа не престанува со своите умесни критики да ги коментира најновите настани во политичкиот живот од правен аспект, не престанува да критикува одлуки од Уставниот суд каде помина девет години. Професијата обврзува. И така минуваат дните во потрага по новите облици на хармонијата.