Интервју Петар Богојевски: Тие што не можат да испорачаат успех, се служат со дисквалификации
Господине Богојевски, постои впечаток за вас дека сте во перманентен судир со членовите на ВМРО-ДПМНЕ…
-Таков впечаток се добива во јавноста поради злоупотребата на социјалните мрежи за ширење на говор на омраза. Вистината е дека членовите на партијата се разумни луѓе кои сакаат да видат успех. Оние кои не можат да испорачаат таков успех, се служат со лични дисквалификации кон луѓето кои може да го постигнат тој успех, со цел нивно девалвирање во очите на сите членови. Лично јас не се согласувам со дел од политиките на раководството на партијата,но немам баш никаков проблем со нашите членови. Само поради искажано различно мислење, сум предмет на таков тип омаловажувања, особено низ социјалните мрежи, преку кампања која е координирана од страна на „дувлото“ во мермерната палата.
Бевте заменик на генералниот секретар, на вториот човек на партијата, но начинот на кој ве разрешија создаде впечатокот дека станува збор за многу посериозен судир кој може да предизвика поголеми поделби внатре?
-Ништо од тоа не беше искрено од страна на неколкумина раководни функционери. Едноставно сакаат само да ја „убијат“ конкуренцијата. Тоа е погубно за партијата, не за мене. Затоа ја започнаа таа црна кампања, чија цел беше да се фрли сомнеж врз мене дека сум предавник на партијата и државата, со цел вистинските виновници за проблемите да се сокријат зад таа кампања. Вистината е сосема поинаква. Да беа на страна на нашите предлози и за време на референдумот со кампањата „Гласот против е глас за Македонија“ и она што го кажувавме за време на претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ денес ќе беше владеачка партија. Неспособноста не можеш да ја прикриеш со црна кампања кон конкуренцијата. Еден ден целата вистина ќе излезе на виделина, а членовите на партијата ќе дознаат што точно се случило. Мене образот ми е кристално чист.
Сте имале ли комуникација со Мицковски од тој момент на разрешување?
-Секако, јас и Мицковски немаме лични недоразбирања. Имаме сериозни разлики во политиките во кои веруваме. Визијата за иднината на партијата, но пред се на државата ни е различна. Лидерот треба да обединува, а не да разрешува или исклучува од партија неистомисленици. Тој тоа го направи, под туѓ притисок или не, не знам, но свесно или несвесно направи огромни штети.
Имаше период кога објавивте обединување со Мицковски…
-Господин Мицковски беше избран за претседател на партијата благодарение на поддршката од „реформаторите“ на валандовскиот Конгрес. Без нашите делегати, тој конгрес ќе беше нелегитимен, немаше кворум да одлучува. Причината за тоа беше претходно подадена рака за модернизација и демократизација на партијата. Раката беше „плукната“ од страна на господинот Мицковски, не од наша страна. Тој не беше наш кандидат, туку на двоецот Мијалков – Протуѓер, но сепак во тој момент беше најважно да се демисионира господин Груевски.
Има постојани обвинувања за некакво ваше учество во бизнис во Крушево. Што од тоа е вистина?
-Храброста еден човек да инвестира во мал град е нешто што треба да се почитува и поттикнува. Убаво е сите да го следат мојот пример и да инвестираат во родните места, а не само во Скопје. Мојата инвестиција во моето Крушево е во насока на економски развој на малото туристичко место, кое секој ден умира без такви инвестиции. За мојата иницијатива и храброст да преземам таков ризик очекував пофалба, а не плукање и навреди. Целиот процес на инвестиција во детското одморалиште „Шула Мина“ беше будно исконтролиран од службите на Груевски, уште за време на реформите во ВМРО-ДПМНЕ. Доколку имаше било каков проблем, знаете кои беа неговите методи. Потеклото на парите е кредит од една од комерцијалните банки во Македонија, што е премногу лесно за докажување. Затоа и се воздржувам да коментирам. Се надевам дека по оваа изјава, ќе престанат тие нарачани обвинувања.
Но обвинувањето е дека заедно со вашиот кум сте сопственик на хотел во Крушево?
-Мојот кум е професор во крушевската гимназија, почитуван граѓанин во градот, кој нема никаков хотел во сопственост. Тоа е дел од таа црна кампања против мене. „Дувлото“ од мермерната палата ми измисли и кумство.
Но бевте дел од партијата додека тој беше на власт?
-Факт е дека јас сум пораснат во ВМРО-ДПМНЕ и активен член, многу пред Груевски да дојде во нашата партија. За сето ова време јас создадов премногу пријатели од партијата, но и доволно непријатели. Јас еднакво ги сакам сите нив, како мои соборци. Од друга страна, сите оние кои лично ме познаваат, знаат дека јавно го критикував Груевски во време кога беше апсолутен „монарх“ на државата. Критикував на официјални состаноци внатре во партијата, на работното место, во кампања и средби со членови. Буквално јавно и отворено. За тоа имав низа последици. Но, во исто време, многумина пријатели од партијата ми помагаа и ме заштитуваа, без да знае Груевски. За тоа сум им искрено благодарен.
Една од етикетите е и дека сте предавник кој работи за САД, за Сорос и за глобализмот?
-Мојата поддршка на политиките на САД кон Македонија е последица на нивната поддршка на македонската државност. Како никој друг низ историјата, САД директно стојат рамо до рамо со Македонија за сите предизвици. Кој не разбрал, треба да знае дека во САД на власт е Трамп, а не Сорос. Соросоидите ќе ги барате на друга адреса, кај оние кои направија кариери со неговите донации, а се пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, беа претседатели или кандидати за претседатели на Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и сл. Јас претпочитам да работам со тие кои ја пазат Македонија, а не со тие кои ја носат на тепсија кон непријателите.
Мицковски промовираше нови советници пред јавноста. Како го оценувате изборот?
-Разочарувачки, очекував многу повеќе од Христијан на тоа поле. Особено што и самиот доаѓа од академската заедница, па очекував да понуди нови лица. Овие кои се понудени, со дел исклучоци, се истите оние кои ни ги понуди господин Груевски од времето на Преродбата, со дополнување на лица од време на Заедничка Македонија, чиј резултат беше скандалот на 27-ми. Тоа значи дека политиките не мрднале ниту за еден чекор напред, туку се вратиле назад кон скандалозните времиња, од кои најголеми штети претрпе токму ВМРО-ДПМНЕ. Со овој потег, Христијан длабоко ги разочара членовите на партијата.
Што е според вас најпроблематично во тие политики?
-Немањето став за ниту едно суштинско прашање. Раководството прво молчи, ги менува, па се враќа на стари позиции по сите клучни државни прашања, како договорите со Бугарија и Грција, европските интеграции, корупциските скандали во земјава и слично. Граѓаните се целосно збунети. Никој не знае дали денес раководните функционери ги прифатија бугарскиот договор, менувањето на историјата и името или не? Немаат став за процесот „Гоце Делчев“. Едноставно немаат став за ништо. Ниту пак решенија на тие проблеми. Затоа е потребна одлучна опозициска понуда.
Во јавноста циркулира информација дека ќе се формира нова партија во која би учествувал кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Дали сте дел од таа активност?
-Лично господинот Јанчев многу малку го познавам. Многу помалку од господинот Мицкоски. Ја почитувам неговата успешна работа како градоначалник на Кавадарци. По се што се случи со сите тие разрешувања и шиканирања на нашите членови, сосема логично ми звучи постоењето на таква иницијатива. Огромен дел од членството дава поддршка на евроатлантската интеграција на земјава, за разлика од антидржавните политики на раководството. Вината за бојкотот на референдумот, измислената катарза за прочистување на партијата од господинот Мијалков и неговите луѓе, изгубените претседателски избори и слично се работи кои не стојат на мојата или на совеста на господин Јанчев. Членството е збунето и на луѓето им треба искрен пристап и уважување. ВМРО-ДПМНЕ не е само раководството, туку членовите и активистите на партијата. Тие заслужуваат вистинска опозициска понуда. Токму затоа започнавме да работиме на политичката програма „Македонски Концепт“, која е натпартиска платформа. Тоа е понуда за унапредување на Македонија од моментов во кој се најдува, а не за ревизионизам и реставрација на груевизмот, што е платформа на раководството на партијата. Едноставно, ние нудиме иднина, тие нудат враќање во минатото.
Дали очекувате предвремени избори?
Да, во октомври 2020 година.
Дел од критиките на ваша адреса се дека сте живееле добро во времето на Груевски, а по промената сте го предале…
-Сите ние му верувавме на Груевски, додека не се виде вистината. А вистината е помила од било кој човек или партија. Никогаш не сум бил носител на избрана или именувана функција за време на Груевски. Тоа е фикција што тој ја создаде со цел моја лична дискредитација и создавање на претстава на неблагодарник. Работата е целосно обратна, јас сработив многу за Македонија за време на Груевски, тој не покажа благодарност.
Ве обвинуваат дека сте предавник и дека работите за Заев?
-Никогаш не подржувам назадни политики или политичари. Бев жесток следбеник на Љубчо Георгиевски, но во моментот кога дојде време за прогресивни сили, застанав со силна поткрепа на Никола Груевски. Во моментот кога ја отворивме можноста за нова гарнитура во ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицковски, исто така дадов поткрепа, со цел да се отвори партијата, но и политичката сцена за нови идеи и можности. Тоа што Христијан одлучи да остане „подизведувач на груевизмот“, беше негова одлука и причина да ја изгуби мојата поддршка. Зоран Заев е политичар од друга политичка провениенција и многу малку го познавам, за разлика од тројцата горе именувани. Од тука не може да стане збор за било каква поддршка на Заев како политичар. Но, има цели пред државата кои се поголеми од партиите и ја засегнуваат целата држава. Јас ја поткрепувам евроатлантската насока за развој на модерна Македонија. Така да, јас не работам за Заев, туку работам за Македонија. Соработниците на власта во опозицијата ќе ги барате на друга адреса! Кај оние кои крадеа пари за време на Груевски и имаат десетици кривични дела. Тие се во рацете на Заев, а не јас!
(Н.В.)