(Интервју) Богојески: И без криминал може да се управува држава


Петар Богојески (Фото: Б. Грданоски)

Слободанка Јовановска

Фото: Борис Грданоски

 

Бараме правна држава а Бога молиме да не ја најдеме, вели Петар Богојески од „Македонски концепт“ за одлуката, и покрај уредбата за избори, да се донесе политичка одлука за друг датум за избори. Во интервјуто за „Независен“, ден откако ја почна официјално кампањата, порачува дека на овие избори нема да се води битка помеѓу десницата и левицата, туку помеѓу новото и старото, при што Груевски, вели тој,  е грижа на оние кои се определија да останат под нековата сукња. Негова главна порака во кампањата е дека, ако граѓаните одлучат да продолжат по истиот пат како последниве триесет години, до следните избори во 2024 година нема да остане ниту еден млад човек во земјава. Тој ветува компензација на граѓаните за личните штети во текот на транзицијата, а парите нема да дојдат од идно задолжување туку, како што вели, со спречување на грабежот на буџетот на државата, бидејќи негова проценка е дека македонските политичари и мафијата годишно крадат над 700 милиони евра од него.

 

Ја почнавте кампањата пред одлуката за датумот за избори. Според вас, создадени ли се услови за фер  натпревар?

-Ние почитуваме Устав и Закон. Нели сите бараме правна држава, но Бога молиме да не ја најдеме. Така некако најлесно ми е да го опишам недостатокот од  реакција во јавноста на ова брутално прекршување на Уставот и Законот од страна на политичките лидери, техничката влада и ДИК. Во нашиот политички и правен систем не постои тело – средба на политички лидери, кои може да си донесуваат какви сакаат одлуки, често надвор од Уставот. Токму таква е оваа одлука за пролонгирање на датумот на изборите. Особено неприфатливо е претседателот на Републиката да даде образложение зошто укинува вонредна состојба, а само ден потоа да даде друго образложение зошто е потребна повторно вонредна состојба од само, замислете, осум денови?!? Ние дефинитивно не сме правна држава. Тоа е мотив плус за нас да се избориме за добар пласман на овие избори. Ајде да дадеме шанса на разумот.

 

Како ќе ја водите кампањата и кои ќе бидат клучните пораки до гласачите?

-Модерна, иновативна, насочена и ефикасна кампања под слоганот „Последна шанса“. Зошто последна шанса? Токму поради фактот што ако граѓаните одлучат да продолжиме по истиот пат како последниве триесет години, до следните избори во 2024 година нема да остане ниту еден млад човек во земјава. Ништо нема да остане од земјава. Затоа истакнуваме последна шанса за нормална држава, последна шанса за богати граѓани, последна шанса за слобода, за спокоен живот, за солидарно поведение кај сите нас. Последна шанса да си ја вратиме државата во свои раце. Да бидеме свои на своето.

Ова битка на овие избори, нема да биде битка помеѓу десното и левото, туку помеѓу новото и старото. Да ставиме крај на триесетгодишната агонија во која сите ние живееме.

Фото: Б. Грданоски

 

Ветувате 1,5 милијарда евра како компензација за жртвите од транзицијата во Македонија. Од каде може да се обезбеди таква сума?

-Не ветуваме, туку се бориме за историска правда. Таа сума е мала за обештетување на граѓаните за транзициските трауми. Богати граѓани е нашата крајна цел! Само такви богати и достоинствени граѓани, кои се свои на своето, може да изградат нормална држава. Проектот „Обештетување на граѓаните“, предвидува дирекно парично обештетување за македонските граѓани, кои се буквално ограбени во последниве 30 години. Тоа ќе го опфати секој граѓанин на Републиката, согласно мерливи критериуми за утврдување на степенот на индивидуална штета, која е веќе настаната. Износот на средства за обештетување е 1.5 милијарди евра или 300 милиони евра годишно за пет години, во буџетите од 2021 до 2026 година.

Граѓаните поднесоа многу неправди, високи трошоци, кои се одразија со жртви и загуба во квалитетот на живеење. Транзицијата уништи многу семејства и човечки судбини! Тоа не е од денес или вчера, тоа не е за време на оваа или онаа Влада, туку за цело време на досегашниот, предолг транзициски период, од осамостојувањето на Македонија до денес. Само преку правична распределба на богатството во земјава ќе исчезне горчливото чувство на неправичност кај секој од нас и антагонизмот помеѓу богатите и сиромашните! Од тоа интерес ќе имаат и едните и другите. Со тоа ќе постигнеме внатрешен мир и чувство на правичност, со цел да се намали оваа опасна тензија во општеството. Потребно е да се воспостави “историска правда”, баланс помеѓу жртвите и џелатите. Правда кон секој оној, кон кого и државата била неправедна. Затоа „Македонски концепт“ констатира итна потреба од пристапување кон нивно обесштетување.

Од каде пари? Многу едноставно, проценката е дека македонските политичари и мафијата годишно крадат буквално над 700 милиони евра од Буџетот на Републиката. Без тука да калкулираме бројки од сивата економија. Црната не ја ни спомнуваме, зашто не може да биде регулирана, освен забранета. Во таа смисла, 300 милиони евра годишно за граѓаните се поднослива сума за исплата и многу лесно се обезбедуваат. Не мислиме да се задолжуваме, туку да го спечиме грабежот на буџетот и да ја намалиме сивата економија. Ќе има многу повеќе пари и за други намени, од тие 300 милиони евра годишно за обештетување на граѓаните. Затоа бараме шанса, за да покажеме дека може и без криминал да се управува со државата, а да се работи во интерес на граѓаните.

 

Со оглед на тоа дека произлеговте од ВМРО-ДПМНЕ, сметате ли на некои гласови од поддржувачите на оваа партија? Кои се вашите потенцијални галсачи?

-Јас сум плод на љубовта помеѓу Цветанка и Димитар, а не произлегов од ничија друга фикција. ВМРО ДПМНЕ е моја романтика, нешто на кое сум ја посветил младоста и детството на моите деца. Во овој момент не е можно да подржам обнова на бандитизмот, од причини кои се познати за јавноста. Секако дека секој разумен член на ВМРО ДПМНЕ ќе гласа за „Македонски концепт“, секој ќе ја искористи последната шанса да ја спасиме државата. Тоа е наша патриотска должност, а во партијата има многу патроти. Преку гласот за „Македонски концепт“ тие ја спасуваат и самата ВМРО ДПМНЕ. Само така ќе ја ослободат партијата од заложништво на мафијата и палатистите.

Ние се обраќаме на сите граѓани, до сите кои знаат да препознаат последна шанса за нормална држава, на кои им е преку глава од ова политичко насилие врз сите нас, во последниве триесет години. За нас државата е на сите граѓани, без разлика кој идентитет го носат во себе. На нашите листи на пратеници има граѓани со македонски, албански, турски, бошњачки, влашки, ромски, српски, бугарски етнички идентитет, луѓе со разни професии, луѓе од сите градови, па од тука очекуваме гласови буквално од цела Македонија.

 

Што се случува во моментов на десницата, има ли раслојувања, кои струи јакнат и ќе губи или ќе добива главната опозициска партија на овие избори?  Колку е стабилно нејзиното гласачко тело и што може да се очекува од неа ако дојде на власт – да продолжи со политиката на Груевски или ќе внесе некоја промена?

-Да повторам, ова не е битка помеѓу десница и левица, туку помеѓу новото и старото. Ние сме луѓе, свои на своето и не водиме грижа за туѓи дворови. Загрижени сме како по изборите ќе обезбедиме спокоен живот на нашите граѓани. Груевски е грижа на оние кои се определија да останат под нековата сукња, не е наша грижа. Ние истакнуваме дека сме прва и единствена опција. Другата страна, мафијата не е опција!

 Имате ли доверба дека оваа ДИК ќе си ја заврши регуларно задачата? Гледате ли партиско дејствување кај Оливер Деркоски?

-Како да имаме доверба во ДИК, кога на самиот ден на поднесување на листите во ДИК; нивни вработени неовластено ги објавија нашите листи по социјалните мрежи со нашите матични броеви. Тоа е кривично дело, кое е пријавено во ОЈО, но од таму до ден денес не постапуваат по нашата кривична пријава. Тоа е таа наша македонска правда. Станува збор за изборен криминал, направен на овие избори, а ОЈО и ДИК се глуви на тоа.

Секако дека немаме доверба во ДИК. Особено не после овој скандал со злоупотреба на службената положба и овластување од страна на претседателот на ДИК и непостапување согласно закон и Устав во спроведување на изборите.

 Му порачавте јавно на Али Ахмети дека не може да смета на Албанец премиер ако оди на збори со програма само за Тетово и Гостивар. Што стои според вас зад оваа идеја на ДУИ и дали мислите дека е остварлива?

-Господинот Ахмети не е искрен и манипулира со јавноста. Но, тоа го прави многу умешно, тој веќе оствари предност за својата партија со овој маркетиншки трик, ја наметна неговата тема како главна во овие избори. Накратко да повторам, Албанец премиер може да има, ама тоа ќе биде еден ден човек од „Македонски концепт“, а не од ДУИ, човек кој ќе понуди решенија за цела Македонија, а не само за Тетово и Гостовар. За тоа треба да се создадат уставни предуслови, на што го повикав Ахмети на соработка. Гледам го нема со одговор, значи точна е нашата констатација дека манипулира и не е искрен во намерите.

 

Како според вас ќе изгледа идната владеечка коалиција по изборите и ни престои ли поголема политичка стабилност?

-Политичка стабилност ќе има само ако го смениме изборниот модел и воведеме минимална внатрепартиска демократија со сила на закон. Тоа е нашиот услов за да подржиме формирање на било која коалиција со наши гласови во Парламентот. Секако тука се и низа други законски решенија, кои ќе бараме да се донесат, пред да се формира влада. Прво исполнување на ветувања, а после власт. Не подржуваме партиски пазарења за голи интереси.