Интервентно ќе се набавуваат 200 респиратори


Владата денес ја разгледа и ја усвои Уредбата за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба, со која се уредуваат условите и постапката за интервентна набавка на 200 респираторни машини заради спроведување на мерките за справување со коронавирус КОВИД-19 за време на траење на вонредната состојба, согласно спецификација уредена со Уредбата со законска сила. За оваа набавка Министерството за здравство ќе објави јавен повик на својата веб страницата, кое ќе трае 72 часа од моментот на неговото објавување. Оценка на пристигнатите понуди ќе ја врши тричлена Комисија од редот на вработените административни службеници формирана од Министерството за здравство.

На денешната 34-та седница Владата донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението (полициски час) во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21:00 часот во петок (денеска) до 05:00 часот во понеделник (06.04.2020 година).

Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) кои своите работни ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Владата ја прифати информацијата на Комисијата за заразни болести која препорача сите вработени во здравствениот систем кои се од Куманово, а работат во други градови во државата, да се стават на располагање на болницата во Куманово.

Ќе се определат инфектолози од другите градови во регионот, Крива Паланка и Кратово, кои ќе бидат повлечени за да работат во Центарот за јавно здравје во Куманово.

Здравствениот персонал што ќе биде ангажиран како дополнителен, ќе работи најмногу 14 дена, а потоа ќе биде заменет со нов тим според систем на ротација.