Интерпелацијата на Спасовски без пратениците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ на листата говорници
Во Собранието на Република Северна Македонија денеска почна 39. седница на која на дневен ред е интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од пратениците на Алијанса на Албанците и Алтернатива, поддржава од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Почитувани, сепак морам да констатирам дека денеска имаме една, благо кажано, чудна интерпелација? Зошто чудна, ќе се запрашате? Затоа штое поднесена заради успех во една акција, а не неуспех! Имено – Сашо Мијалков е во затвор, таму каде што му е местото, и на него и на голем број поранешни функционери – криминалци, кои бескрупулозно крадеа од народот наместо да работат за она за што се избрани. Истиот Мијалков, на кого името се плашевте да му го спомнете, со години наназад. А сега гледаме како се зголемува бројот на години што ќе треба да ги одлежи. Каква иронија – идолот и идеологот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Мијалков е во затвор, а опозицијата поднесува интерпелација за министерот за внатрешни работи?! Оваа интерпелација, во суштина,претставува реален приказ на изместениот систем на вредности на опозицијата, и затоа е, во најмала рака, чудна.
Но, факт е дека ваквите случаи покажуваат одредени проблеми во функционирањето на системот. Длабоко вкоренети со години наназад. Тие се веќе детектирани и ќе се менуваат за да не ни се повторуваат во иднина. Се разбира, и Обвинителството си води постапка за да утврди било каква одговорност и по завршувањето на постапката, а секој кај кого ќе биде утврдена одговорност, ќе одговара!
Но, она што е очигледно, што паѓа в очи веќе подолго време,е дека опозицијата има некој проблем со постапувањето на полицијата.
Дали е проблем што полицијата апси нарко-дилери, разбојници, секаков вид на криминалци? Апсиме и припадници на полицијата, доколку се утврди дека некој го прекршил законот, како што тоа беше случај во неколкуте последни акции, кои беа изведени во соработка со пријателските служби. Покажавме дека нема пардон за никого и народот тоа го препознава“.
Листата на говорници за интерпелацијата е без пратениците на СДСМ и коалицијата и опозициските пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески објасни дека нивни пратеници нема да имаат обраќања бидејќи интерпелацијата е беспредметна и тоа поради тоа што Сашо Мијалков, обвинет и осуден за неколку предмети, а за чиј случај е поднесена интерпелацијата е веќе во притвор. Митревски смета дека за нивните пратеници ова е уште еден залудно потрошен ден, а на Спасовски му порача да продолжи уште попосветено во борбата против криминалот затоа што граѓаните тоа го очекуваат од него.
Од друга страна, Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот на Собранието Талат Џафери дека не ја прифатил нивната листа на говорници, а причина за тоа било доцнење од два часа поради тоа што опозициската партија поднесувала кривична пријава против него за одржувањето на 36. седница. Мицевски рече дека Џафери нема да им го ускрати правото на опозициските пратеници да зборуваат за работата на Спасовски. Обвини дека Џафери дозволил уфрлување за збор пратеници на пример за прогласување на Националниот пар Шар Планина, но не сакал да се договори со нив. Мицевски рече дека во иднина кога ќе го прекрши Деловникот, сите 44 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат пред говорницата.
Џафери го цитираше членот 49 од Деловникот, врз основа на којшто листата на говорници до претседателот на Собранието се доставува 24 часа пред седницата, а ВМРО-ДПМНЕ наместо во 11 до него листата ја доставиле во 14 часот, а нивен претставник не присуствувал ниту на денешната координација со него.
-Мене ме обврзува Деловникот да ја направам листата на координација. Како да правам јас листа кога не дојдовте на координација? Ако имате политичка одлука да не дојдете тоа е ваша одлука, а што се однесува на делот за законот за Национален парк Шар Планина, за кој божем е дополнет списокот, нема точка и нема седница на која не сум ви удоволил, со денови сум ве чекал да се договориме, рече Џафери.
Барањето за интерпелација на министерот за внатрешни работи ја образложи пратеникот на Алијанса на Албанците и Алтернатива Халил Снопче, кој кажа дека и покрај тоа што Мијалоков е во притвор, самиот случај со неговот бегство, потоа појавувањето после тоа, и реакцијата на властите, издавањето на пасоши на криминалци и други случаи, се причина за заминување на Сапсовски од Владата.
Седницата е во тек, а врз основа на Деловникот треба да заврши со гласање на полноќ.