Интерес за едриличарство има, се бара поголема поддршка


Облачно, но тивко време, без ветер, речиси идеални услови имаше септемвриското утро на спортскиот аеродром Аџитепе за одржување на возобновениот по речиси две децении во државата, меѓународен Бланик куп во Куманово. Едриличари од сите држави од регионот возбудено ги следеа натпреварот и слетувањето на учесниците на пистата долга 1,2 километар на спортскиот аеродром. Организаторите од Аероклуб Куманово растрчани на повеќе страни да им понудат одлични услови на гостите од петте македонски клуба и десетте од земјите од соседството.

Учесниците се натпреваруваат во прецизно слетување на пистата на што покусо растојание, објаснуваат долгогодишните инструктори, и оној со најкусо растојание постигнува најдобри резултати. Од моментот кога ќе се откачи едрилицата на 150 метри, пилотот ги планира висината и слетувањето, кое треба да биде веднаш по белата линија, не смее да слета на задното тркало, ниту, пак, крилото ниту носот на едрилицата не смеат да паднат. Пистата е одлична, оценуваат натпреварувачите од соседството, има добра соработка меѓу клубовите од државата и добар наставен кадар.

– Овие натпреварувачи веќе учествуваат на вакви натпревари во земјите од поранешна Југославија, така што се одлични во слетувањето, а мора да кажам дека сме трети по ред во организација на Бланик куп на просторот на поранешната држава, еден има во Приедор во БиХ и уште еден во Смедеревска Паланка во Србија – вели Драган Саздовски од Аероклуб Куманово.

Љубиша Араманда од клубот од Приедор третпат доаѓа во државата како велосипедист, планинар и сега како едриличар. И во тој град се одржува Бланик куп.

– Цел ни е да имаме што повеќе едриличари, а со тоа и повеќе пилоти, вели Араманда.

Во некогашната заедничка држава, се присетува, се одржувало аерорели од Битола, па сè до Словенија.

Иво Ропрет од Лесце, Словенија, смета дека едриличарството треба да привлече млад кадар, бидејќи овој спорт е комбинација на знаења и умешност.

– Тука е техничката култура и знаење, а и спортот е многу убав, се дружиме на воздух и добро се забавуваме, вели Ропрет.

Неговото мислење го дели и Ненад Давидовиќ од кумановскиот аероклуб.

– Аеродромот Аџитепе има добри услови, лоциран е на поголема височина од градот Куманово, должината е 2,5 километри на пистата, а употребливи според закон се некаде 1, 2 километри, вели Давидовиќ, кој се надева дека овој куп ќе премине во традиција.

На натпреварот учествуваа претставници од Хрватска. Таму особено добри услови за развој на едриличарство има во јужна Хрватска, поради поволниот терен, во Загреб, додека во некои градови веќе се згаснати, вели Бојан Шењуг од аероклуб Забок.

Како и во останатите држави, и таму опремата е дотраена. Некои се снаоѓаат со тоа што регистрираат авиони во земјите од ЕУ, кои се поевтини и полесни за одржување.

Речиси сите клубови се соочуваат со недостиг на авиони, клубовите самите се финансираат од членарина, општините, државата даваат минимална или никаква поддршка. Младиот кадар повеќе е заинтересиран за параглајдерство, бидејќи е поевтино.

На натпреварот учествуваа и претставници од Црна Гора, татко и ќерка, Дарко и Анастасија Шќепановиќ, која е најмлад падобранец во Црна Гора.

– Младите повеќе преферираат падобранство. Кога сум горе, не мислам на други работи, туку само тоа што треба да се направи за постапките во воздухот, вели младата Анастасија.

Натпреварот го организира Возухопловната федерација на Македонија. Билјана Еверет, генерален секретар, вели дека аплицирале со проект до Министерството за економија и добиле средства од 50.000 денари, почетни за организација на ваков куп.

– Интерес за едриличарство има. Во другите држави спортските аеродроми добиваат субвенции од државата за да можат да функционираат, добиваат намалени цени за гориво за да привлечат ученици, а кај нас оди малку потешко, клубовите самите се снаоѓаат и плаќаат најскапо гориво, рече Еверет.

Општина Куманово го поддржа натпреварот симболично, но надлежните веќе размислуваат да се користи аеродромот за различни намени.

– Дадовме скромна поддршка, но отворени сме за идна соработка, бидејќи има интерес кај граѓаните. Куманово е еден од малкуте во државата што има ваков капацитет, каде што може да се организира ваква манифестација – вели кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Претседателот на клубот Никола Петковски додава дека со години учествуваат на вакви натпревари во земјите од регионот. Бројот на обучени пилоти расте, годинава изнесува шест. За три – четири години се очекува да се обучат од десет до петнаесет пилоти.

Бланик купот го организраат ентузијасти, долгогодишни пилоти, обучувачи, инструктори. По 19 години кумановци уживаа во глетката, во натпреварот, акробациите и падобранците.

И токму целта е, сметаат организаторите, да се анимираат надлежните институции да го поддржат овој спорт, бидејќи клубовите се финансираат од сопствени приходи. Во иднина, организаторите и учесниците се согласија да организираат балканско првенство во Бланик куп.