„Интерактивни рефлексии“ –  изложба на скулптури на Слободан Милошески


Во ликовниот салон на ДЛУБ во Битола денеска ќе биде отворена изложбата „Интерактивни рефлексии“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од скулпторски дела од галериски формат, создадени со примена на техника на заварување на метал. Битолската публика изложбата ќе може да ја погледне до 22 октомври.

Слободан Милошески работи методички низ концентрирана перцепција и манипулација со формата. Најпрво започнува со форми кои се произволни и низ процес на трансцендентална имагинација је дефинира формата како крајна дестинација. Завршниот впечаток се комплетира со дирегиран веризам, необична текстура, профилиран материјал и неочекувана трансформација на идеалната форма.

Со предвид дека геометријата доминира во неговите скулптури, мора да се нагласи дека оваа „геометрија на уметноста“ не е сепак „геометрија на геометрија“, бидејќи не станува збор за симболи, ниту за нешто особено; поточно, како што вели светски познатиот скулптор Надир Афонсо, тоа е самиот просторен закон, со четирите квалитети на совршенство, хармонија, евокација и оригиналност.

Неговата скулптура дава импресија на строгост и рационалност која се потпира на однапред спремени постулати и идеи логично артикулирани. Слободан Милошески користи геометриски цврсти материи во скулптурата, но крајниот импакт не е тврд или статичен. Всушност, кога ги гледате неговите скулптури од неколку агли тие не одаваат впечаток на совршена поставеност, туку се “потпираат“, “навалуваат“ и “искривуваат“ во неочекувани позиции. Ваквата “конструкција“ на овие скултури има дава човечки аспект и духовна страна.

– Милошески ја брани идејата дека уметноста е чисто објективна и владеат закони кои ја третираат уметноста не како чин на имагинација, туку чин на набљудување, перцепција и манипулација со формата. Во контекст на оваа филозофија неговото разбирање на скулптурата е чисто субјективно, но управувано со закони кои владеат во релацијата маса-простор. Аксиомите кои се нагласени во неговата уметничка постава акцентираат идеја дека скулптурата е “покажување на точност“ и “игра на закони во простор“. Од овие премиси се развива неговата лична теорија за геометрија базирана на рационална естетика во рамките на “интуитивна уметност“ која побарува апсолутна математичка ригорозност каде што ништо не треба да се додава, ниту да се отстрани чувството на целосна точност,  вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.

Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.

До сега има реализирано 25 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 15 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014год, Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020год. и нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021год.

Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптури на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет во Скопје.

Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.